Дискусија: Институциите често потфрлаат кога новинарите ќе откријат корупциски скандал

0
115

Институциите често потфрлаат кога новинарите ќе откријат корупциски скандал, заклучија истражувачки новинари од Македонија, Албанија, Србија и Хрватска кои дебатираа за новинарството и борбата против корупцијата во регионот на седмиот Медиумски фестивал Скопје во организација на ПИНА. Дел од нив потенцираа дека во Македонија, но и во регионот, новинарите сѐ уште се мета на закани и притисоци, а никој не е толку отпорен за да ги игнорира во целост.

Главниот и одговорен уредник на неделникот „Фокус“, Влатко Стојановски вели дека во земјава сѐ уште има закани кон новинарите, а тужбите често се инструмент за притисок.  Вели дека и самиот добивал директни закани.

-Тие напади се толку малициозни и толку ниски. Никој не е толку отпорен за да игнорира во целост. Потоа, има и директни закани. Тие можеби не се испорачуваат директно, тоа може да оди и преку посредници, но тие стигнуваат. До ден денес ние се соочуваме, како новинари и како медиуми со закани: „Размисли што правиш“, „Размисли како пишуваш“, „Ти терај си го своето, јас ќе си терам моето“. Такви закани и мене до денес ми се упатуваат. Со ваков избор на зборови, како што кажав сега. Како човек треба да го протолкува тоа?, вели Стојановски, додавајќи дека главната поента е во тоа еден новинар да биде истраен.

Според него, тужбите и пресудите кои се носат против новинарите многу често паѓаат во Судот во Стразбур, но кога една тужба е поднесена, или кога судот ќе донесе пресуда, тоа ја постигнува својата цел. Појаснува дека ваквиот инструмент на притисок многу новинари ќе ги натера да калкулираат и да се запрашаат дали вреди одат до крај или не.

Т.н. „SLAPP“ тужбите кои имаат за цел да ги обесхрабрат новинарите за да зборуваат за прашања од јавен интерес одамна му се познати на развиениот западен свет, но на Балканот таков тренд се појавува во последниот период. Новинарката Милица Војиновиќ од српскиот истражувачки портал „КРИК“ вели дека таа и нејзините колеги трошат огромна енергија „влечкајќи се“ по судови. Но појаснува дека овие тужби имаат спротивен ефект и најчесто „КРИК“ повеќе ги истражува тужителите.

-КРИК, според мене, во моментов е рекордер по бројот на „слеп“ тужби кои во последните три-четири години кај нас на Балканот стануваат тренд. Некои моќни луѓе ги препознаа како ефикасен начин барем да се обидат да ги замолкнат медиумите. Ние во моментов имаме 12 „слеп“ тужби, што е навистина голем удар за редакција од 15 членови, од кои не се сите новинари. Ние моментално имаме повеќе „слеп“ тужби, отколку новинари. Што знае да направи голем проблем. На нашиот уредник му се случува поголемиот дел од времето во месецот да биде во суд, отколку во редакција. Тоа е огромно време кое тие тужби го одземаат, вели Војиновиќ.

Институциите често потфрлаат во борбата против корупцијата откако новинарите ќе откријат скандал

Институциите потфрлаат кога новинарите ќе откријат корупциски скандал. Заклучокот од дебатата на новинарите е дека ова е случај во речиси секоја држава која тие ја претставуваат. Линдита Села, новинарка од Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP), појасни дека властите во Албанија цели две години не презеле ништо за случајот со меѓународна измама од кол-центар со седиште во таа држава. Таа заедно со колеги од странство открила дека зад кол-центарот кој продавал фиктивни производи, како ортак се јавувал брат на висок државен функционер.

-Две години работевме на тоа. Тука беа вклучени новинари и детективи од надвор, од Европа. Секаде се зборуваше за тоа, само кај нас не. Зошто не се зборуваше? Бидејќи ортак беше братот на една многу важна личност во Албанија. После две години од пишување на оваа статија, цело време работење на неа, после две години истражните органи конечно дојдоа за да истражуваат, само кај нас ништо не се случуваше. По три години на сите страни имаше влијание, па беше фатен одговорниот. Тој сега е во затвор. Ние работевме толку време, но на крај мора да размислувате дека сепак може да дојдете до правдата, вели Села.

Хрватска е единствена држава која е членка на Европската Унија. Бранимир Брадановиќ, уредник во „Вечерњи лист“, и главен и одговорен уредник на порталот „Пресс032“  вели дека таму корупцијата е доста раширена, но ситуацијата станува подобра, па во изминатите години високи функционери, како премиерот Иво Санадер, министри, бизнисмени завршија зад решетки токму поради случаи со корупција. Појаснува дека добар дел од овие случаи се откриени од медиумите. Брадариќ вели дека во Хрватска власта не може така лесно да го „задуши“ новинарскиот продукт.

-Многу е тешко нешто да се сокрие зашто кај нас, може да се каже дека медиумите во најголем дел се независни. Не можам да кажам „независни“, да се разбереме, ниту еден медиум не е независен. Но, ако нешто не сака да го направи „Вечерњи“, ќе го направи „Јутарњи“, ќе го направи „24 сата“, „Н1“, „ХТВ“, „Нова“. Тоа сега, едноставно стана невозможно. Со самото тоа политиката, која многу често стои зад сѐ… Тие мораат да реагираат. Кога нешто ќе излезе, се буди Државното Обвинителство на Република Хрватска (ДОРХ), доаѓа до притвор, истрага, помпезни апсења. Меѓутоа, проблемот е што многу често нема големи резултати од сето тоа. Некои навистина завршија (во затвор), осудени се. За некои случаи не знаеме што е и до каде се, вели Брадариќ.

Дискусијата посветена на корупцијата и влијанието на новинарството посветено на следење корупција го отвори седмиот Медиумски Фестивал Скопје во организација на ПИНА. Целата дискусија може да се погледне во продолжение:


Автор: Даниел Василев

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА