Дискусија: Голем е недостатокот од млади новинари, потребно е поголемо вложување во нив

0
201

За тоа колку има надеж кај младите новинари, треба да се запрашаат и сопствениците, менаџерите и уредниците во медиумите. Вложувањето, едукацијата и работата со младите новинари во редакциите е реткост, наместо пракса. Ова се дел од заклучоците на дискусијата за младите новинари и предизвиците во денешната медиумска срединa, како дел од програмата во рамките на седмиот по ред Медиумски Фестивал Скопје.

Модератор на оваа дискусија беше Ивана Крстеска, а говорници беа младите новинари Виктор Вукановски, Маја Терзиова, Кристијан Трајчов и Даниел Василев.

Дебатата започна со прашањето како е да се биде млад новинар во Македонија каде младиот новинар Виктор Вукановски рече дека е предизвик, дека е стресно и дека низ повеќегодишното негово искуство тој спомена дека често се соочувал со цензура при обидот да изработи некој медиумски продукт.

„Во ПИНА се сретнав со еден поинаков агол на обработка на текстови и поинаков пристап. Соработувам со млади новинари, како и искусни ментори кои ја знаат својата работа и знаат како да се пристапи спрема реално, вистинско новинарство“, објасни Вукановски.

Во однос на предизвиците кои ги имаат младите новинари, Даниел Василев вели дека е тешко да се стигне до позиција во која на младиот новинар ќе му се слушне гласот.

„Бројот на редакции и медиуми е ограничен. Од една страна на сите им недостасуваат новинари, од друга ретко кој сака да им посвети време и да го пренесе своето искуство на младите новинари. Имав среќа навистина да ми посветат внимание во два медиуми во кои одев да научам нешто за основните на професијата“, рече Василев.

За слободата која програмите на ПИНА ја нудат, Маја Терзиова спомена дека во рамките на овие програми и изработувањето на медиумски продукти, постои слобода за темата која се обработува.

„Овде имаме доволно време и простор за одбирање на тема, како и агол на сторијата, но и во исто време имаме флексибилна временска рамка за изработување на одредена сторија со помош на доделениот ментор“, децидна беше Терзиова.

Во однос на интересот за студирање новинарство во Македонија, Кристијан Трајчов објасни дека од почетокот па се до завршувањето на неговите додипломски студии, тој на Универзитетот Гоце Делчев во Штип, на насоката медиумски студии бил сам.

„Кога сум бил присутен на пракса во различни медиуми, буквално ми имаат кажано дека немаат време за мене, но за секој случај да бидам тука присутен. Не постојат многу вакви програми како ПИНА, па затоа младите новинари во иднина самоиницијативно ќе мораат да користат вакви шанси и програми како што се нудат овде“, објасни Трајчов.

Беше дискустирано и за тоа колку има надеж за младите новинари, Вукановски вели дека ова прашање треба да им се постави на сопствениците на медиумите, менаџерите а можеби и најважно, уредниците.

„Атрактивноста на новинарството опаѓа. Ова е реалноста и не треба да бегаме од тоа. Преку ваков настан, треба да се чуе гласот на младите, без оглед за која дејност станува збор. Работодавците во медиумите треба да знаат дека мора да вложуваат во младите и да ги стимулираат преку различни обуки и едукации“, рече Вукановски.

За тоа што него го мотивира да работи во новинарската професија, Василев рече дека новинарството или го сакаш или не.

„Најверојатно оние мали ситни промени ме мотивираат. Ретко доаѓаат, но кога ќе дојдат, не постои подобра сатисфакција за тоа кога ќе направиш мала промена, можеби не е значајна во тој момент, меѓутоа тоа е награда која ниту една пара така кажано не може да ја плати“, објасни Василев.

Во однос на тоа колку медиумите во кои работат им дозволуваат да бидат присутни на различни обуки, Терзиова вели дека нивните медиуми не се љубители на таквите обуки бидејќи преферираат своите вработени времето да го поминат во редакциите каде се вработени.

„Најчесто ние сакаме да се надоградуваме и да напредуваме со тоа што присуствуваме на различен вид обуки. Исто така, за да има иднина во новинарството, потребно е да има промени и сметам дека и самите медиуми се свесни за тоа бидејќи имаме колеги кои работат во други сектори, или пак поради лошите услови престанале да се занимаваат со новинарство“, потенцираше Терзиова.

За тоа колкава важност имаат програмите на ПИНА и медиумските продукти кои што се обработуваат, Трајчов смета токму овде темите кои се обработуваат овде се со тежина и најчесто се системски проблеми.

„Јас заедно со мојата менторка обработував текст во кој буквално кренавме поголем апел за решавање на системски проблем отколку одредени општествени чинители кои директно беа засегнати во целата проблематика. Ние се трудиме да ги откриеме проблемите, но дискутабилно е колку граѓаните за проблемите кои ги имаат ќе дојдат до правдата“, вели Трајчов.

Веднаш по завршувањето на дискусијата, беа прикажани и два кратки документарци изработени од младите новинари од ПИНА.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА