Борба за елиминирање на родовите стереотипи во учебниците

0
406

Дел од наставните материјали кои се користат во образованието покажуваат дека се уште се присутни родовите стереотипи, кои ја омаложуваат улогата на девојките и жените во општеството. Предлог концептот за образовните реформи може да биде можност за конечно елиминирање на спорните содржини од ваков тип, за кои со години се говори во јавноста.

94 граѓански организации неодамна изразија поддршка за приоретизирањето на родовата рамноправност и на заштита од дискриминација и насилство во предлог концепцијата за реформи во основното образование.

„Интеграцијата на родовите прашања во основното образование несомнено ќе влијае на подолг рок врз намалување на родовите стереотипи кај децата и врз градењето на инклузивно и поправедно општество кое за повеќето граѓани е од национален интерес. Имајќи предвид дека бројни анализи на учебниците од основно, средно и високо образование укажаа на присуство на родови стереотипи и дискриминаторски наративи, а дополнитело и комплетно или релативно отсуство на дадени социјални групи (жени, лица со попреченост, етнички други, ЛГБТИ итн) ја поздравуваме насоченоста на новата концепција кон надминување на овие крупни проблеми во продукцијата на знаења и вештини во рамките на образованиот процес“, се вели во нивното соопштение.

Сепак, според нив и покрај тоа што новата концепција на основното образование ги потенцира принципите на родовата рамноправност и заштита од дискриминација, тие предлагаат да се воспостави национален родово образовен механизам под покровителство на Министерството за образование и науки, кој би ги следел и одобрувал наставните планови и учебниците кои ќе се користат во образованието, за да се гарантираат принципите на еднаквост и заштита од дискриминација и од говор на омраза од аспект на род, пол и родов идентитет. Реакциите укажуваат на тоа дека предложените реформи може да бидат значајна можност за конечно решавање на овој проблем кој долги години се провлекува во образованието.

Спречувањето на родови стереотипи е „паднато на грб“ на наставниците

Институтот за човекови права минатата година подготви  анализи, изготвени во рамки на проектот „Намалување на родовите стереотипи во образованието“ , каде се врши анализа на шест учебници од македонски и албански наставен јазик за присуство на родови стереотипи.

Од Институтот за човекови права велат дека од Анализата која се однесува на наставните материјали на македонски јазик заклучиле дека за автор(к)ите на сите три анализирани учебници е карактеристична употребата на родово – несензитивен јазик. Потоа, спроведената анализа за соодносот во застапеноста на женски и машки ликови/карактери во текстовите покажува дека во сите три учебници најзастапени се машките ликови.

„Спроведената анализа покажува дека во сите три учебници преовладува традиционалната поделба на машки и женски професии, па ниту жените се појавуваат во професии кои, во нашето општество, сè уште се сметаат за типично машки професии, „машки работи“ (овчар, воин, чувар, мајстор, рудар, итн), ниту мажите се појавуваат во професии кои стереотипно се сметаат за женски професии (чистачка, медицинска сестра). Изборот на главно машки автори на текстовите е еден од индикаторите за родовата нееднаквост во учебниците, како и за занемарувањето на придонесот на жените во литературата, од друга страна, со изборот на илустрациите во однос на авторите/ките, и со застапеноста на најголем број неутрални илустрации, како да е направен исчекор кон родовата неутралност“, велат од Институтот за човекови права.

Оттаму велат дека учебниците се уште рефлектираат родови стереотипи, не се тематизира нееднаквоста на жените и мажите, а критичката дискусија за поставеноста на половите останува на родовата сензитивност на наставниците/ничките и дека изостанува и интеркултурниот дијалог и покажувањето интерес за другоста, со што би се поттикнувала толерантноста кај учениците/ничките и прифаќањето на меѓусебните разлики.

Во однос на соработката со институциите и дали истите се отворени за граѓанските организации кои се занимаваат со оваа тема, од Институтот за човекови права велат дека воспоставиле добра соработка со Министерството за образование, како и соработката со наставничките и наставниците.

За да се стигне до поголема родова еднаквост во општеството, од Институтот велат дека пред се треба да се посвети внимание на создавање на наставен материјал кој е родово сензитивен и на кадар кој е подготвен да ја пренесе таа родова сензитивност, бидејќи моменталната состојба со наставните материјалите остава простор за развивање на родово несензитивни генерации и само дополнително ги утврдува родовите стереотипи.

„Во моментов спречувањето на создавањето на родови стереотипи е „паднато на грб“ на наставничката/наставникот, доколку тие имаат доволно познавања од материјата и се доволно обучени за пренесување на истата. Исто така во периодот додека не се создадат соодветни родово сензитивни наставни материјали, од огромно значење се обуките кои се организираат од меѓународните организации и здруженија на граѓани кои работат на проблематиките во таа област. Соодветна родово сензитивна едукација на учениците е важна не само во рамки на наставната програма, туку и како воншколска активност“, велат од Институтот за човекови права.

Министерката за образование и наука Мила Царовска на завршната конференција на Институтот за човекови права истакна дека со новата концепција за основно образование учениците ќе учат за толеранција, мултикултуризам и прифаќање на различните од себе уште од основно образование ќе стекнуваат знаења за родова еднаквост.

„Стереотипите и дискриминаторските содржини во учебниците негативно влијаат на развојот на младите луѓе и создаваат општество коешто ќе биде дискриминаторско. Тргнавме од тоа дека системски треба да се надмине ова прашање. Вистинска реализација на програмите за намалување на стереотипи е преку суштинска промена на наставните материјали. Веќе подготвуваме целосно нов систем, а во подготовката на наставните материјали ќе се вклучат не само високообразовните институции и наставниот кадар, туку и граѓанските организации. Во предметите што ќе се изучуваат ќе бидат вклучени и граѓанските вредности што нашето општество очекуваме да ги има“, истакна Царовска.

Таа посочи и дека е важно зајакнувањето на психолошко-педагошката служба, којашто треба да биде партнер на учениците во соочувањето со стереотипите.

„Психолошко-педагошката служба има, заедно со наставниците, важно место во создавањето квалитетно образование. Треба да биде служба којашто со знаење и со капацитет може да ги надминува предизвиците со кои се соочуваат учениците. Современите психолошко-педагошки служби треба да бидат поддршка, треба да бидат партнери во надминување на сите предизвици во современото живеење на младите генерации, но исто така треба да ги припремаат учениците за она што значи соочување со овие стереотипи и како заеднички да ги менуваат оние пракси што досега биле создавани“, рече Царовска.

Падна и тужба за утврдување на дискриминација во наставен материјал

Коалицијата Маргини заедно со Мрежата за заштита од дискриминација неодамна ја поднесоа првата тужба за утврдување на дискриминација во учебникот „Основи на персонологија 2“, што се користи во наставната програма на Филозофскиот Факултет во Скопје.

„Обвинување на жените за зголемениот број на разводи, осуда на прекинувањето на бременост и квалификување на истополовите партнерства како забеганост, се само дел од вознемирувачка содржина што бараме да биде отстранета и заменета со научно заснована содржина што е во чекор со современата научна мисла. Институциите имаат обврска да обезбедат образование насочено кон целосен развој на личноста и кон зајакнување и почитување на човековите слободи и права, поради што мора да биде ослободено од сите форми на дискриминација. По неколку обиди да го привлечеме вниманието на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Филозофскиот Факултет и на авторите на спорните учебници кои се дел од наставната програма на оваа единица, и да побараме повлекување на спорните содржини, наидовме на отпор и игнорирање на нашите барања. Дополнително, споменатиот автор на учебникот е веќе професор во пензија, но неговите спорни учебници сѐ уште се користат во наставата на овој факултет“, велат од Коалиција Маргини.

Тие велат дека заедно со Мрежата за заштита од дискриминација идентификувале повеќе од 20 учебника во сите нивоа на образование што содржат дискриминирачка содржина, најчесто врз основа на род, сексуална ориентација, родов идентиет и здравствен статус, а по нивна иницијатива дел од овие учебници се отстранети.

„Сепак, останува фактот дека образовните програми и материјали сé уште се полни со содржини што создаваат и одржуваат понижувачка и непријателска средина за жените, сексуалните и родовите малцинства. На потребата од измена на наставните материјали уште во 2011 година укажа и Европската комисија во Извештајот за напредокот на државата, но досега малку е направено за елиминирање на дискриминацијата во образованието“, велат од Коалицијата.

Тие ја информираа јавноста дека покрај судската постапка, започнале со серија активности за подигнување на свеста на стручната и општата јавност за потребата од реформи во образованието со кои ќе се обезбеди квалитет во знаењата, напредок во науката и создавање нови генерации на вистински професионалци кои во својата професија ќе се водат од фактите, а не од предрасудите.

Министерството за образование и наука во октомври минатата година го повлече учебникот по Македонски јазик за петто одделение поради несоодветна и дискриминирачка содржина, а воедно информираше дека во тек е подготовка на целосно нов закон за учебници со кој би се надминале недостатоците во овој сегмент од образованието. Од Министерството за образование и наука велат дека во рамки на планот за целосно реформирање на националниот образовен систем, како еден од клучните чекори е и  обезбедувањето на квалитетни учебници и наставни содржини во основното и средното образование.

„Пропустите кои  низ години се провлекуваат низ повеќето учебници и материјали со реформите ќе бидат целосно отстранети и системски решени. Во суштина, еден од клучните принципи на кои се заснова новата Концепција е токму родовата рамноправност и истата има за цел да ги елиминира родовите стереотипи, дискриминацијата и насилството по тој основ, заменувајќи ги со родова еднаквост, почитување на различностите и обезбедување можности за децата да растат и да се развиваат во согласност со нивните автентични склоности и интересирања. За успешна имплементација на Концепцијата во тој дел, предвидено е вклучување на родовата перспектива во обуката на наставниците, реализирање настава низ содржини во кои нема експлицитни родови стереотипи и слично“, велат од министерството.

Според Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените, , сексизмот е манифестирање на историски нееднакви односи на моќ меѓу жените и мажите, што води кон дискриминација и го спречува целосното унапредување на жените во општеството. Сексизмот е поврзан со насилство врз жените и девојките, при што делата на „секојдневен сексизам“ се дел од континуитетот на насилство, создавајќи атмосфера на заплашување, страв, дискриминација, исклученост и несигурност со што се ограничуваат можностите и слободата. Истиот е зајакнат со родовите стереотипи коишто влијаат врз жените и мажите, девојките и момчиња, и е во спротивност со постигнувањето на родовата еднаквост и инклузивни општества.

Автор: Ангела Петровска