Пандемијата со Ковид вирусот влијае на сите полиња, а последиците од неа веќе ги чувствуваат и младите луѓе. Значаен број на млади ги изгубија работните места поради кризата, во земјата која и претходно имаше висока младинска невработеност. Покрај негативните аспекти, ситуацијата отвори и нови можности за младите кои најчесто се одвиваат онлајн.
Александар е студент, кој во своето слободно време работел во еден од локалните барови во градот. Тоа било можност како да заработи и да ги плати своите студентски трошоци.
,,По започнувањето на пандемијата првите месеци беа многу тешки, бидејќи ја изгубив работата и требаше да обезбедам ресурси за следните месеци“, вели тој. Вели дека засега нема надеж дека парите што претходно ги заработувал, ќе може повторно да ги заработи во следниот период.
Оваа ситуација ја делат многу млади лица во Македонија, а истото го потврдуваат и од младинските организации. На светско ниво, повеќе од една личност на секои шест млади од 18 до 29 години престанале да работат од почетокот на пандемијата, a оние кои останале работните часови им биле намалени. Ова се одрази и во државава, се зголеми невработеноста на младите лица од почетокот на пандемијата, а ова има рефлексија на повеќе аспекти во животот на младите.
Од здружението Еквалис велат дека општата невработеност во земјата, која и пред појавата на пандемијата, беше на високо ниво, дополнително се продлабочи со појавата на пандемијата. Според нив, овие потешкотии се двојно поголеми за маргинизилираните групи меѓу младите.
„Мораме да забележиме дека младите коишто поседуваат идентитети можат да бидат маргинални (особено припадници/чки на ЛГБТИК+ заедницата и жени) и тие потешко се справуваат со пандемијата. Немањето работно место и независност како резултат на невработеноста, принуди многу лица да останат во домовите на своите семејства, коишто често се прилично хомо/трансфобични средини, што последователно директно влијаат врз социјалниот и психолошкиот аспект на младото лице“, велат од Еквалис.
Губење на работни места
Според студијата „ Младите луѓе и справувањето со пандемијата од Ковид-19“ од организацијата YPEER, најмалку 25% од младите кои работеле и студирале го изгубиле своето работно место поради пандемијата.
,,Големиот број отпуштања од работните места ги засегаат првенствено помладите лица, меѓу другото, затоа што тие често заземаат позиции кои се дел од сивата економија, или работат привремено, со краткорочни договори, како фриленсери и слично. Со оглед на реалистичната прогноза за значителен пад на економијата и макар привремено намалување на побарувачката на работна сила, многу е веројатно дека како последица на кризата на пазарот на труд, младите, а особено девојките, уште потешко ќе наоѓаат соодветни работни места и ќе се соочуваат со почести откази и низа прекршувања на работничките права“, се вели во студијата.
И од организацијата Национален младински сојуз на Македонија (НМСМ), велат дека младите лица се една од најранливите категории на лица кога станува збор за нивните работнички права.
,,Младинската невработеност во земјата е меѓу највисоките во Европа и изнесува 35%. Согласно податоците, најголем број на млади лица кои го загубиле своето работно место имале договор за вработување на определено време, што го потврдува податокот дека младите лица се една од најранливите категории на лица кога станува збор за нивните работнички права, работат на црно, имаат договори на определено, земаат плата пониска од останатите и работат на несигурни работни позиции“, велат од НМСМ.
Тие потенцираат дека кога станува збор за имплементацијата на младинските политики, нема теренско спроведување на Младинската гаранција како мерка за младинско вработување. ,,Сe’ уште не е објавен Оперативниот план за вработување во 2021 година, за да може да се увиди колку и какви активности би се спроведувале преку Младинската гаранција во 2021 година. Истечен е и Акцискиот план за младинска невработеност 2014-2020, а нема најави за креирање на нов или продолжување на сегашниот. Нема податоци ниту за ревидирањето на Националната стратегија за млади или подготовка на нова. Токму поради пандемијата, овие документи не се во центарот на вниманието на институциите и на младинските организации, што директно го покажува влијанието на пандемијата врз младинскиот активизам, кој е фокусиран на развој на политики“, велат оттаму.
Нови можности – најчесто онлајн
Сепак факт е дека оваа ситуација отвори голем број на онлајн можности, обуки, проекти, едукативни работилници, кои беа достапни и бесплатни за секого. Младите гледаат перспектива во истите, кои ќе и овозможат усовршување на нивните вештини, ново искуство, макар и тоа да е волонтерско. Ова го потврдуваат и од НМСМ.
„Покрај економското влијание предизвикано од пандемијата, во поглед на младинскиот активизам пандемијата во голема мера придонесе кон прилагодување на користењето на дигиталните платформи за потребите на младинските организации. Генерално се забележува дека и за младите онлајн активностите се поприфатливи, па врз основа на тоа се забележува и поголем ангажман“, велат оттаму.
Програма која била од корист на младите се и обуките за кариерно насочување од ЗМАИ – Здружение за статистика и анализи. По завршувањето на предавањата, учесниците започнале фаза на барање работа под менторство во која што, сите учесници биле распоредени кај членовите од проектниот тим.
,,При менторирањето, секој ментор поблиску се запозна со кандидатите за кои што беше одговорен, детално анализирајќи го нивниот професионален профил, претходно образование и работно искуство. Тоа овозможи да им се помогне на учесниците во донесувањето одлука за кариера, прилагодување или подобрување на нивниот професионален живот, помош во хакирање потенцијални огласи за слободни работни места согласно квалификациите на учесникот. Некои од кандидатите успешно се вработија токму на работни позиции шти ги пронајдоа со помош на менторите“, велат оттаму.
Состојбата со пандемијата била мотивација за неколку млади луѓе, да ја формираат организацијата ГРИТ во Пробиштип. Тие велат дека веруваат ова е едно од решенијата за отворање нови можности и мотивирање на активната младина во Пробиштип.
Дека еден од најдобрите начини за мобилизација на младите во настаната ситуација е нивното ангажирање низ различни волонтерски активности, се констатира и во анализата на YPEER. ,,Од една страна, младите на тој начин би можеле да стекнуваат драгоцени искуства, а, од друга, активно да партиципираат во општествени трансформации кои ќе значат подобрување на светот кој ним им останува”, се вели во нивната студија.
Автор: Рената Пенчова
Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.