Енергетската криза ја врати Македонија 20 години назад во поглед на решавање на проблемите со загадениот воздух, оценува за ПИНА, Давор Пехчевски, програмски координатор за енергија на Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест.
Загадениот воздух, без разлика што на ист начин ги труе граѓаните како и секоја сезона, оваа зима се гледа во контекст на енергетската криза.
„Сè е дозволено, додека си обезбедуваме топлина и струја. Тоа значи дека и луѓето ќе можат да пристапат кон поевтини методи на затоплување и место да користат дрва или пелети, ќе користат отпад. Одговорот на државата на енергетската криза е дел од одговорот на економската криза, не може да се раздвои едно од друго. Доколку не инвестираме во обновливи извори на енергија, ќе останеме зависни од увоз не само на струја, туку и на енергенси за производство на струја. Практично ако не увезуваме јаглен, увезуваме струја. Енергетската стратегија треба да почне активно да се спроведува. Доцниме со инвестициите и 30 години скоро ништо не е направено во секторот енергетика,“ вели Пехчевски.
Имајќи ја предвид енергетската криза, државата ги стави на располагање сите свои расположливи капацитети за производство на струја. Со нив, треба да се задоволат потребите за струја на домаќинствата и малите потрошувачи, како и значаен дел од количините за дополнителни снабдувања по одлуки на Владата.
„Вклучен е и вториот котел во ТЕЦ Неготино и термоелектраната во моментот работи со полн капацитет. Согласно планот за производство, ТЕЦ Неготино треба непрекинато да работи со два котли до крајот на април. Покрај ТЕЦ Неготино, АД ЕСМ произведува преку два блока во РЕК Битола, РЕК Осломеј, гасната електрана Енергетика, хидроелектраните и ветерниот парк. Се прават подготовки за стартување и на Блок 3 во РЕК Битола по пристигнувањето на носечката единица од трансформаторот,“ информираа од АД ЕСМ.
Овие државни капацитети, од една страна ќе го задоволат планираното производство на струја, но од друга страна и загадуваат.
Пехчевски, вели дека е во ред да се одговори на енергетската криза, но потребна е транспарентност во однос на набавката на енергенси, објавувањето на податоците за загадувањето како и зголемен инспекциски надзор.
„ТЕЦ Осломеј работи 7-8 пати повеќе отколку што работеше претходните години и тоа со увозен јаглен набавен од други земји, на нетранспарентен начин, со непознат квалитет и хемиски состав. Не може да знаеме какви последици предизвикува употребата на ова гориво. Исто така, ТЕЦ „Неготино“ повеќе од 10 години беше ладна резерва, сега активно работи веќе цела година. Последиците од нивното работење најлесно се гледаат по аерозагадувањето затоа што сите термоелектрани работат без соодветни филтри,“ додава Пехчевски.
Од Еко-свест сметаат дека единствено решение како одговор на енергетската криза на долг рок и кое би дало резултати за година-две е искористување на деградираните објекти и земјиште, по примерот на тоа што започна во Осломеј.
„Како дел од одговор на кризата мора да се работи на поголеми капацитети на обновливи извори на енергија. Да се поставуваат фотоволтаици на веќе деградирани подрачја. Има пет локации кои се прироритетни каде може да се направи. Станува збор за околу 630 мегавати инсталирани фотоволтаици на петте приоритетни локации што е скоро колку и инсталираниот капацитет на РЕК Битола. Анализата е резултат од соработка со МАНУ и би требало да влезе во акцискиот план за искористување на обновливи извори на енергија”, истакнуваат од таму.
Домаќинствата и сообраќајот најголеми загадувачи
Според Анализата за определување на уделот на различните извори на загадување во агломерацијата Скопски регион која ја изработи лабораторијата AMBICON UGD при Универзитетот Гоце Делчев – Штип, како дел од проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“, најголеми загадувачи се домаќинствата и сообраќајот.
Ова истражување покажува дека, согорувањето на дрва во скопските градски и приградски области останува најголемиот поединечен извор на загадување на амбиенталниот воздух, посебно во зима.
Анализата исто така покажува дека постојат и други значајни извори на загадување, како што се согорувањето на нафта и мазут и минералната прашина која потекнува од градежните активности, ре-суспензија на прашина од улиците и еолската ерозија на површини без вегетативна покривка, коишто можат и мора да се решат во многу пократка временска рамка.
„Седум главни фактори кои имаат удел во масата на PM 2,5 суспендираните честички се сообраќајот, индустријата, согорувањето на нафта и мазут, минерална прашина, горењето оган на отворено, согорувањето на биомаса и секундарните аеросоли. Во текот летните месеци воопшто нема удел, но во текот на зимските месеци (ноември, декември, јануари, февруари и март) согорувањето на биомаса беше главен извор на загадување на двете локации, со просечен месечен удел помеѓу 17,41 и 45,07 µg/m3 за локацијата во Ново Лисиче и 12,16 и 30,42 µg/m3 за локацијата во Карпош. Сообраќајот е вториот најважен извор на загадување за локацијата во Ново Лисиче, со постојан удел помеѓу 4,82 и 17,21 µg/m3 во текот на годината, но со варијабилен и значително помал удел на локацијата во Карпош којшто се движи од 0,86 до 8,69 µg/m3. Согорувањето на нафта и мазут и индустриските извори на загадување имаат постојан удел во загадувањето во текот на годината,“ се вели во анализата.
Според Пехчевски најисплатливо за домаќинствата за загревање е комбинација на инвертер клими со фотоволтаици.
„Инвестициите не се мали и затоа се потребни субвенции од државата. Од голема помош се и зелените кредити преку банките,“ додава тој.
Буџетот за животна средина, повторно минимален
Иако Скопје со години е еден од најзагадените градови во светот и проблемите со воздухот се „хронични“, во предлог-буџетот за 2023 година кој се наоѓа во собраниска процедура, за животна средина е одвоено само 0,65%.
„Буџетот е во Собранието, е најголем до сега, но сите овие изминати години, овој процент е минимален и почнува со нула, со исклучок на 2022 година каде се издигна над 1% од Буџетот, но колку ќе биде реализирано на крај на годината, останува отворено прашање. Во Буџетот за 2023 година и натаму нема предвидени средства за промена на начинот на греење на болниците, нема средства за темпираната бомба на депонијата со хром на Југохром која се провлекува со децении, каде канцерогениот шествалентен хром понира уште подлабоко и подалеку, висејќи како Дамоклов меч врз водата од изворот Рашче. Нема средства ниту за мерење на опасните супстанци во воздухот со акредитирани методи од државни лаборатории, што како држава, законски имаме обврска да ги мериме редовно и континуирано, а кои мерења инспекторите можат да ги користат во своите надзори,“ велат од О2 Иницијатива.
Од таму анализираат дека аерозагадувањето е проблем за кој имаше залет да се реши, но многу бргу замре.
„Во 2019, како приоритет, Владата воведе програма за намалување на аерозагадувањето, за во 2021 оваа програма неславно да згасне, со реализирани само 324 илјади евра за таа цел. Истата година Владата создаде нова програма, за Зелен развој, за решавање на климатските и еколошки проблеми, но првата година сите средства беа пренаменети за друг цели, а за годинава планирани се само 1,6 милиони евра, односно 0.03% од Буџетот, за 17 пати помалку од средствата за годинава,“ додаваат од О2 Иницијатива.
Според анализите од Европската агенција за животна средина има 3 до 4 илјади предвремени смртни случаи годишно само од загадениот воздух.
Авторка: Силвана Жежова