Веќе втора недела тече скринингот за коронавирус на ученици, а тестирањето на децата се одвива со согласност на родителите. Планирано е да се опфатат околу 8.200 ученици, а врз основа на резултатите од скринингот ќе се одлучува како понатаму ќе се одвива наставата која годинава, генерално се одвива со физичко присуство.
Но, во изминатиот период, многумина родители, а оттука и Народниот правобранител како и Првата детска амбасада „Меѓаши“ реагираа дека мерките за заштита од вирусот во училиштата, но и начинот на одвивање на наставата не се доволно безбедни.
Од „Меѓаши“ за ПИНА вели дека родителите во моментот се растргнати помеѓу стравот за здравјето на своите деца и неможноста да им обезбедат соодветно квалитетно образование. Според нив неблагодарна е позицијата во која се ставени родителите да се определат за физичко присуство или за онлајн настава.
„Родителите се збунети, лути, исплашени и изневерени бидејќи одново учебната година е полна со контроверзии, недоследности и сериозна неорганизираност иако надлежните имаа повеќе од доволно време да се подготват и прилагодат на новите услови. Ние целосно ги разбираме и ги споделуваме сите емоции кои ги преживуваат родителите во овие тешки и конфузни времиња“, велат тие.
Народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива, за пропусти во Протоколите во начинот на кој се одвива наставата во училиштата и испрати допис до Министерството за образование и наука (МОН).
Целта на отворениот предмет е следење на остварувањето на правото на образование на децата, како и следење на мерките и активностите кои ги преземаат надлежните органи, за непречено остварување на ова право во услови на пандемија.
Родителите се жалат на протоколите во училиштата, исплашени за здравјето на нивните деца
Оттаму за ПИНА велат дека укажувањето кое го доставиле до МОН е резултат на претставките поднесени од страна на ученици, родители/старатели како и јавувањата на нивните телефонски линии, по однос на утврдените протоколи за одржување на настава со физичко присуство.
Конкретно, од канцеларијата на Народниот правобранител велат дека тие се однесуваат на времетраењето на часовите што го сметаат за прилично долг период во кој задолжително се носат маски, а кои пак им предизвикуваат замор, главоболка, намалена концентрација за следење на наставата и слично.
„Во врска со Протоколите, поплаките се однесуваат и на недостаток на дезинфекциони средства, поради што родителите наведуваат дека се принудени самите да ги купуваат, дека не сите училници се доволно големи за да може да се одржи потребната дистанца, а има поплаки и за бројот на учениците во одделение/паралелка. Понатаму, дека се создава гужва пред влезовите на училиштата поради обврската за мерење на температура, со што е практично е невозможно да се одржува потребното растојание“, велат тие.
Согласни со ова се и од „Меѓаши“ кои додаваат дека, како што изјави претходно министерката Царовска, протоколите биле донесени во јули од страна на Комисијата за заразни болести, во период кога ниту илјадници ученици беа во училиште како што се денес, ниту состојбата со бројот на заболени сега е иста како во јули.
„Како што објави и Народниот правобранител, постојат низа објективни предизвици поврзани со спроведување на протоколите. Како што стои и во извештајот на Правобранителот многу училишта се соочуваат со недостаток на простор за спроведување на истите, недостаток на основни хигиенски услови и недостаток на средства за дезинфекција кои се основен предуслов за спречување на ширење на болеста “, посочуваат од тие.
Дополнително тие објаснуваат дека информациите кои пристигнуваат до нив, од наставници и родители, укажуваат дека во моментот наставата се одвива со големи пречки и потешкотии поради протоколите кои се несоодветни и неприменливи како и поради неорганизираноста и неопременоста на училиштата.
„И по повеќе од година и половина, не успеаја да ја дадат потребната поддршка за онлајн настава на оние кои од различни причини немаат можност да следат настава со физичко присуство. Носењето маски дополнително ја отежнува наставата, бидејќи истите штетно влијаат на здравјето на децата особено кога ги носат во континуитет и по 6 или 7 часа“, истакнаа од Првата детска амбасада.
Народниот правобранител укажува и на кршење на некои од правата на децата
Од канцеларијатa на Народен правобранител децидни се дека ако право на секое дете е непречено образование, тогаш без оглед дали наставата се следи со физичко присуство или од далечина мора да се создадат сите потребни предуслови за остварување на ова право.
„Во тој контекст е и нашето укажување врз база на јавувањата од погоре наведените за тоа дека наставниците или воопшто не закажуваат часови на платформата специјално креирана за оваа намена, а оние мал број часови кои се реализирани се со придружни технички проблеми. На пример дека имаат проблеми со интернетот во училиштата, сликата, тонот и слично. Во оваа насока, од МОН побаравме да се допрецизира и да ги информира родителите/старателите и училиштата за тоа што се подразбира под ‘немедицинските причини’, како не би дошло до субјективно и своеволно одлучување по барањата на родителите, и различно постапување во училиштата“, велат тие.
Тие додаваат дека од овде произлегува и повредата на правото на децата со попреченост да имаат личен/образовен асистент за поддршка во учењето, за што и родителите се жалат, односно, како што велат, нема доволно асистенти, што ги попречува овие деца во следење на наставата.
МОН молчи пред укажувањата на правобранителот
Народниот правобранител досега не добил одговор од МОН за укажувањата. Од друга страна пак, од Министерството за образование за ПИНА изјавија дека засега нема да има промени во начинот на кој се одржува наставата.
„Во училиштата засега нема трансмисија на заразата, што значи протоколите се почитуваат, со мали исклучоци во неколку училишта каде веднаш е интервенирано. Според овие податоци, Комисијата за заразни болести како надлежно тело за координација на активностите за справување со пандемијата, не препорачува промена на моделот на настава“, стои во изјавата од МОН за ПИНА.
Истовремено, тие објаснуваат дека доколку во иднина добијат поинакви насоки, односно Комисијата за заразни болести препорача промена на моделот на настава, тие се подготвени да постапат.
„Спремни сме за брза транзиција на моделот на настава, за воспитно – образовниот процес да нема никаков застој. Како алтернативи на наставата со физичко присуство се хибридниот модел кој се применуваше и во изминатата година, а тоа е онлајн настава за сите ученици освен за учениците од прво до четврто одделение кои и натаму би биле во училница. Другата опција е комбинирана настава, односно учениците од секое одделение да се поделат на две групи и да ротираат на училиште преку една недела, додека другата група следи онлајн настава“, велат тие.
Од МОН посочуваат и дека бројот на позитивни ученици во училиште на дневно ниво се движи од 0,01 до 0,03% од вкупно 240 илјади ученици кои посетуваат настава со физичко присуство.
Објаснуваат дека бројката е динамична, бидејќи, како што велат, дел од децата се оздравени и повторно вратени на наставата со физичко присуство во училница, додека дел сè уште се во изолација. Исто така, тие истакнуваат дека согласно информацијата која пред една недела ја споделиле здравствените власти, за 40% е намалена инциденцата на ширење на вирусот кај населението на ниво на цела држава со почетокот на учебната година, споредбено со ширење на вирусот во последните две недели во август.
„Меѓаши“ реагира дека начинот на кој се известува за состојбата со вирусот е нетранспарентен
Од „Меѓаши“ веруваат дека интерна трансмисија на вирусот веќе постои, според информациите и пораките кои со нив ги споделуваат родителите.
„Нетранспарентноста на МОН и неодредените изјави на министерката околу актуелната состојба и бројките во училиштата дополнително будат сомнежи за вистинската ситуација. Апелираме до сите родители, Советите и Училишните одбори да се обединат, да соработуваат и да воспостават отворена комуникација споделувајќи ги навреме важните информации за состојбата во нивните училишта, како и да покажат висока свест, совест и емпатија со тоа што ќе ги задржат децата дома доколку некој од потесното семејство е позитивен или заболен. Само на тој начин, со заедничка соработка, ќе се избегне создавањето на кластери во училиштата и пренесување на болеста меѓу децата“, изјавија оттаму.
ПИНА гo праша МОН и во однос на обвинувањата за нетранспарентно известување за состојбата со вирусот, како и за ставот во врска со отворениот предмет на Правобранителот за пропустите во протоколите, но оттаму не добивме одговор на ова.
Сепак, оттаму посочија само дека учебната 2021-2022 година се организира согласно Планот за организација и протоколите за постапување на училиштата за време на настава со физичко присуство кои се изработени од страна на МОН во координација со Комисијата за заштита од заразни болести и истите се доставени до училиштата на почетокот на месец јули, а воедно се и објавени.
Во меѓувреме, од канцеларијата на Народниот правобранител пак го охрабруваат МОН да продолжи со редовно информирање на јавноста за бројот на заразени деца во училиштата и следствено информирање за сите преземени мерки.
Се предлагаат мерки за „поголема заштита“ на децата при изведувањето на наставата
Кога временските услови дозволуваат, убава е можноста, што со малку добра волја и креативност, наставата да се пресели на отворено, во природа, каде нема да биде потребно носење маски, посочуваат од Првата детска амбасада. Дополнително, препорачуваат часовите по физичко и спорт кои се спроведуваат надвор, да се одвиваат без маски.
„Исклучително е важно да се обезбеди децата да дишат. Едно дополнително возможно решение, кое веќе го побара и наставничкиот пленум, е скратување на должината на часовите и начинот на спроведување на истите“, велат тие.
Во меѓувреме, се осврнаа и на можноста за учење од дома.
„Еднакво важен пристап кој што поскоро треба да се овозможи и кај нас бидејќи оваа практика со години функционира низ многу земји во светот. Оваа година, децата со посебни потреби сѐ уште не се вклучени во настава поради неисполнување на ветувањата на МОН дека ќе обезбеди образовни асистенти кои се неопходна поддршка за овие деца да можат да следат настава“, додаваат тие.
Во меѓувреме, децидни се дека Министерството за образование и наука предводено од министерката Мила Царовска како и Комисијата за заразни болести се директно одговорни за целокупната ситуација во училиштата, а по нив се директорите кои, како што велат, не успеваат да ги воспостават потребните хигиенски услови.
Народниот правобранител препорача внимателно да се следи епидемиолошката состојба, токму со цел да не дојде до кластери во училиштата, а додаваат дека работа на здравствените власти е како ќе превенираат да не дојде до тоа.
Автор: Љубица Иванова