Идентичен мејл испаничи бројни студенти дека ќе го изгубат правото на субвенциониран студентски оброк

0
157

Голем број студенти во текот на вчерашниот ден беа изненадени од идентичен мејл кој го добиле од Министерството за образование и наука (МОН). Преку него тие биле известени дека им се прекинува правото на субвенциониран студентски оброк кој го стекнале претходно.

Една студентка на државен факултет која добила ваков мејл за ПИНА вели дека нема никакви промени во нејзиниот статус на вработување или позначајни приходи, за да го изгуби субвенционираниот оброк кој им беше ветен на студентите.

Но, некои студенти и покрај тоа што биле информирани за прекин на средствата, на нивните банкарски сметки сепак добиле по 2.400 денари, како што е предвидено со Законот за субвенциониран студентски оброк. Ваквата информација ја објави популарниот студентски Инстаграм профил „Студентарија“, од каде велат дека станува збор за 500 студенти кои добиле идентичен мејл.

ПИНА се обиде да стапи во контакт и со МОН, но, до објавувањето на текстот, не добивме одговори. За новинската агенција „Мета“ од МОН соопштиле дека проблемот настанал затоа што неколку студенти, од своите кориснички сметки во системот за аплицирање за студентски оброк, испратиле апликации за повеќе лица, нивни колеги или другари.

Дел од мејлот кој го добиле студентите / фото: Студентарија

Според нив, одлуката за укинување на правото на некои студенти било тоа што некои од нив повеќе не ги исполнувале условите за добивање на средствата, како примања повисоки од минималната плата, некои се вработиле, додека други го префрлиле нивниот статус од редовни во вонредни студенти.

Од ресорното министерство сепак им укажаа на студентите кои добиле ваков мејл, а кои ги исполнуваат условите, да испратат приговор на истата електронска адреса, со цел да бидат сигурни на што се.

Универзитетското студентско собрание на УКИМ преку Фејсбук вчера утрото соопшти дека се запознаени со, како што велат, необразложеното укинување на правото на субвенциониран студентски оброк. Истовремено, оттаму посочија дека се „еднакво збунети и лути“, бидејќи истиот мејл им стигнал и на студенти од нивниот тим.

„Исконтактиравме со МОН и ни го одговорија следново: Испратете име, презиме, матичен број и барање за образложение зошто сте одбиени и да се разгледа одлуката повторно бидејќи сметате дека ги исполнувате условите на следниов меил: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk“, кусо стои во објавата на УСС-УКИМ.

Преку субвенционираниот студентски оброк, студенти од државните и приватните факултети предвидено е за време на студирањето да добиваат по околу 2.400 денари 9 месеци во годината.