Општините во Македонија се генерално нетранспарентни кога се работи за донесувањето одлуки, финансисиите, заложбите за транспарентност и отчетност и организациските информации, и ваквиот резултат покажува дека транспарентноста на ЕЛС треба значително да се подобри. Ова го покажува истражувањето на Фондацијата Метаморфозис насловено „Проценка на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија преку индексот на отвореност“.
Според истражувањето, општините исполнуваат 32% од индикаторите во однос на транспарентноста. Како најтранспарентна општина се покажала Василево, додека најниско оцената била Општина Врапчиште.
Во истражувањето се посочува дека локалните власти треба проактивно да објавуваат што е можно повеќе информации на веб-страниците на општините, бидејќи, како што велат, тие во денешно време се главниот извор за информации за квалитетот на владеењето.
Во разговор за ПИНА, програмската директорка Ќендреса Сулејмани на Фондацијата „Метаморфозис“ објаснува дека транспарентноста им дозволува на граѓаните да бидат поинформирани за одлуките кои институциите ги носат во нивно име.
„Исто така директно да учествуваат во нивното креирање и на овој начин директно придонесува кон пореспонзивни политики кои што одговараат на потребите на граѓаните. Вклучувањето на граѓаните во процесите на донесување одлуки е клучна за демократијата а тоа е невозножно без транспарентност“, вели Сулејмани.
Според неа, единиците на локалната самоуправа треба да посветат повеќе внимание на механизмите за планирање и следење на нивната работа. Со тоа, таа додава дека ќе се овозможи системски да соберат податоци за ефикасноста на нивната работа и за тоа кои се потребните информации за да се подобрат.
„Нашите општини располагаат со голем број податоци кои што може да им служат на нив во процесот на донесување одлуки како и на граѓаните за да бидат поинформирани, меѓутоа најчесто важни податоци како регистар на загадувачи, на создавачи на отпад, регистри на градинки и училишта и така натаму – не се објавуваат од најголем дел од општините“, посочува Сулејмани.
Транспарентноста честопати се смета како предуслов за поголема доверба на граѓаните во институциите, вели Сулејмани, која посочува дека тоа ќе значи и институциите да можат да преземат поамбициозни реформи, односно дека поддршката и довербата на граѓаните е неопходна.
„Транспарентните ЕЛС им обезбедуваат поквалитетен живот на нивните граѓани со тоа што се отчетни и ги охрабруваат граѓаните да соработуваат со нив“, вели таа.
Методологијата според која фондацијата го работело истражувањето годинава е построга, а со самото тоа се објаснува и разликата од минатата година, кога генералната оценка за транспарентноста на општините беше нешто повисока, односно 42 отсто.
Транспарентноста во работењето на ЕЛС директно поврзана со децентрализацијата на власта
Причините за ваквата оценка за транспарентност на ЕЛС се најразновидни и може да се разликуваат од општина до општина, велат од Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија (ЗЕЛС) за ПИНА.
„Некаде се работи за недостаток на потребни кадровски решенија, некаде постојат сериозни финансиски предизвици (па дури и за одржување на веб страниците), некаде нивото на свесноста за значењето на транспарентното работење не е на потребното ниво и слично“, велат од ЗЕЛС.
Но, тие истакнаа дека не се ретки состојбите, кога граѓаните, и покрај напорите на општината, не се одзивале на повиците за нивно учество во донесувањето одлуки од локално значење.
„За подобрување на овие состојби потребно е континуирано да се работи на подигнување на нивото на воспоставување на взаемна, двонасочна комуникација меѓу општината и граѓаните; обезбедување на стратегиски пристап во воспоставувањето на внатрешна и надворешна комуникација на општината; воведување на стандардизирани процедури (па дури и унифицираност на дел од веб-страниците на општините, што се однесува на делот на податоците што секоја општина треба да ги објави, во согласност со Законот за слободен пристап до информации)“, наведуваат од ЗЕЛС.
Дополнително, тие меѓудругото сметаат дека воспоставувањето поголем број електронски алатки за комуникација на граѓаните со општината, воспоставувањето поголем број електронски услуги, како и обезбедување професионалци за односи со јавност во општините се важни за подобрувањето на состојбата.
Транспарентноста во работењето тие сметаат дека е и директно поврзана со имплементацијата на децентрализацијата на власта.
„Пред шеснаесет години, со префрлањето на одредени надлежности од централно на локално ниво, всушност започна еден сложен процес исполнет со низа предизвици што во континуитет се надградува и подобрува. Низ тој процес дел од општините многу добро се справуваат во реализацијата на добиените надлежности дел, наидуваат на одредени препреки, а причините се разновидни“, истакнуваат тие.
Паралалено на тоа, тие додаваат дека транспарентноста претставува процес што општините го надоградуваат во континуитет, па така некои општини покажуваат подобри, а други полоши резултати.
Од ЗЕЛС се децидни дека подобрувањето на транспарентноста е основа за воспоставување на взаемна доверба меѓу власт и граѓаните, и дека таа претставува отчет за тоа како функционерите ја реализираат дадената верба од граѓаните. Дополнително, велат дека таа претставува коректив за подобри поквалитетно работење на локалните и на другите јавни институции.
„Транспарентност, информирањето на јавноста и учеството на населението во донесувањето на одлуките на локално ниво се сметаат за важен двигател во развојот на едно демократското општество. Впрочем и во член 8, од Законот за локална самоуправа, утврдено е дека органите на општината, комисиите на советот и јавните служби основани од општината се должни, без надоместок да ги информираат граѓаните за својата работа, како и за плановите и програмите кои се од значење за развојот на општината, на начин утврден во статутот. Општината е должна на граѓаните да им овозможи пристап кон основните информации за услугите што им ги обезбедува на начин и под услови утврдени со статутот“, велат од ЗЕЛС.
Токму на оваа тема, во изминатиот период ЗЕЛС организирала низа обука, со лицата за односи со јавност, како и со лицата одговорни за обезбедување на спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации.
„Исто така, во поголем број други проекти, кои се однесуваат на јакнење на капацитетите на општинската администрација, се посветува дел на транспарентноста во работењето. Како еден од актуелните проекти што го имплементира УНДП, со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка и каде ЗЕЛС е партнер организација е проектот – ‘Зајакнување на општински совети’ посветен на јакнење на капацитетите на општинските советници. Во него, меѓу другото е посветено внимание и во делот на јакнење на свеста на избраните локални функционери (советниците) за значењето на транспарентното работење на општината“, велат од ЗЕЛС.
Меѓудругото, истражувањето на „Метаморфозис“ покажува дека единиците на локална самоуправа исполнуваат 13% во индикаторите од областа свесност, односно квалитетот на планирањето, програмирањето, мониторинг и евалуација на политиките кои се спроведуваат од институциите.
Дополнително, резултатот за пристапноста кој се однесува на начинот на којшто ЕЛС комуницира и ги вклучува граѓаните при одговарање на нивните барања и задоволувања на потребите изнесува 22 отсто.
Автор: Мартин Колоски