Потенцијалот на независните и нерамноправната трка до целта

0
76

Без позначајни средства но и без доволно време за подобро да се организираат, независните листи со кандидати за советници во советите во 40 општини низ Македонија, сепак покажаа значен потенцијал во првиот круг на Локалните избори. Тие допрва би можеле да градат инфраструктура со која ќе може да постигнат уште поголеми резултати во иднина, велат аналитичари за ПИНА.

Сите заедно според податоци на Државната изборна комисија (ДИК) успееа да собераат над 56 илјади гласови, а голем дел од нивните преставници и да влезат во советите на општините.

Според овие податоци излегува дека тие освоија повеќе гласови дури и од неколку партии во Парламентот, како што се владејачките Беса, ЛДП или ДОМ, кои се далеку поорганизирани од нив, веќе имаат гласачко тело и политичко искуство, и за изборите имаа пристап и до поголема сума на пари од Буџетот.

Треба да се напомене дека на располагање на сите независни им беа достапни само 3% од вкупната сума на пари од Буџетот предвидена за политичките партии, па по слободна проценка излегува дека секој од независните ќе добие едвај по 1.000 евра.

Не треба да се заборави и на обидот за „рушење“ на независните од страна на големите партии со математиките за прагот за бројот на потписи кои треба да ги соберат преку измената на Изборниот законик за подигање на истиот, па по големите реакции во јавноста, измената не помина и им беше дозволено минимумот да биде 1.000 потписи, но истите мораа да ги собираат во канцеларија, а не на терен, што за дел од независните повторно беше проблем поради недостаток од финансии.

Голем проблем за независните беше и што ДИК не им дозволи да го пишуваат името на иницијативата на гласачкото ливче, туку да бидат наведени само како група избирачи.

Дека независните беа во нефер позиција во однос на другите политички партии укажаа и од ОБСЕ/ОДИХР во нивната прелиминарната оценка од набљудувањето на првиот круг од Локалните избори.

Оттаму посочија дека водечките парламентарни партии имаа системски предности, особено во распределбата на јавните ресурси за кампањата, вклучително и на присутноста на независните во медиумите.

„Беше добро да се видат голем број кандидати слободно да водат кампања низ целата земја, но беше очигледно од нашето набљудување дека најголемите партии го користеа Законот за да остварат доминација на политичкото поле. Ова јасно го искривува системот во нивна корист“, изјави Тана де Зулуета, шефицата на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

Граѓаните ќе имаат поголем увид во работата на советите на општините

Онаа што е најголемата придобивка од овој резултат на независните е дека граѓаните сега ќе имаат поголем увид во работата на советите на општините, кои ги носат сите одлуки.

Познавачите на состојбите посочуваат дека тоа исто така ќе придонесе и да се разбие стеротипот во јавноста дека градоначалникот е главниот во една општина, а не советот од чија одлука зависи дали еден градоначалник може да стави потпис на нешто.

Политикологот Соња Стојадиновиќ за ПИНА вели дека гласовите за независните покажаа дека на граѓаните им е доста од актуелните политички играчи.

„Супер поминаа. Секаде каде што се појавија успееа да влезат во советите на општините. Тоа што најмногу радува е дека сега ќе се зголеми транспаретноста во донесувањето на одлуките во советите, што е најголемата придобивка за граѓаните“, вели таа.

Стојадиновиќ е и добар познавач на состојбите на политичката сцена во Хрватска, каде независните ,,Можемо“ постигнаа голем успех, па правејќи паралела на состојбата таму и моменталната состојба во Македонија, предупредува независните да ги исполнат своите ветувања и да не влегуваат во „шеми“ со големите “играчи“.

„Според последните информации за случувањата во Хрватска, излегува дека „Можемо“ не се толку успешни колку што ветуваа. Затоа треба да оставиме време за видиме како нашиве независни ќе се покажат“, вели таа.

Зајакнување на организациската структура и инклузија на економијата во програмите

Претставниците од независните листи треба да ја продолжат мисијата. Да не се разочаруваат. Гласачите сакаат да видат континуитет и упорност пред да станат помасовна појава, вели за ПИНА, Венко Глигоров, консултант за стратешки менаџмент.

Онаа што според него е многу важно во следниот период е да ја засилат својата организаторска структура и покрај екологијата, во нивните програми да влезе и економијата.

“Покрај “зеленото”, за да имаат поголем кредибилност, потребна е и економска нишка во нивните програми. И секако да се засили структурата во организацијата.

Веќе етаблираните структури кај другите партии носат стабилни гласови, а генерално, мислам дека народот има две стравувања од нивните кандидатури, дека немаат организациска структура да се вклучат во потешки предизвици кои несомнено ги има во политиката“, вели тој.

Без структура стануваат лесен “плен“ за големите

Според него, постои опасност дека со премногу “зелено”, општините нема да бидат економски атрактивни за да има инвестиции и со тоа ќе се намалуваат работните места.

„Идеално зелена општина може да биде само некоја планинска ледина или национален парк, но не и општина со “опашки” од минатото.

И двете стравувања на граѓаните се поврзани со економијата. Тука отприлика треба да се фокусираат напорите во наредниот период“, вели Глигоров.

До ДИК за овие Локални избори беа поднесени вкупно 25 независни кандидатури за градоначалници и рекордни 57 листи со кандидати за советници.

Најголем број на независни кандидати имаше во Скопје, Чучер Сандево и Македонска Каменици, но и во Македонски Брод, Кратово, Охрид, Прилеп, Радовиш, Свети Николе, Илинден, Куманово, Битола, Гевгелија…

За општинските совети, најголем интерес имаше во Кавадарци и во Македонски Брод, па во Охрид, Чучер Сандево и скопската општина Центар.

Во првиот круг добро поминаа „Зелен хуман град“ од Скопје, Наше Куманово“ од Куманово, „Шанса за Центар“ од Скопје, “Подобро за Тетово“, „Стига е“ од Струмица…

Автор: Петре Димитров