Земјоделките се дискриминирани во однос на другите жени вработени во јавниот и приватниот сектор, бидејќи не можат да го остварат своето право на породилно отсуство, вели за Пина.мк претседателката на Национална федерација на фармери, Васка Мојсова.
Индивидуално регистрираните земјоделки кои се регистрирани според Законот за пензиско и инвалидско осигурување, секој месец си плаќаат пензиско и здравствено осигурување, но не е предвидено, како овие граѓанки да го користат правото на породилно отсуство.
Мојсова, која исто така е земјоделка, додава дека лично го искусила овој проблем, исто како и жените земјоделки од нејзиното најблиско опкружување. Останала без надомест, кога девет месеци била на породилно отсуство.
Национална федерација на фармери овој проблем го детектирале од поодамна и затоа покренале иницијатива за негово решавање. Исто така, направиле анализа, како овој проблем е решен во земјите од регионот.
„Министерство за труд и социјална политика се заложува да го реши овој проблем, и во процедура е, формирање на Работна група од повеќе надлежни министерства и институции за да се најде решение и правен механизам, за земојделките да можат да го остварат правото на породилно отсуство. Потребно е усогласување на повеќе закони од областа на здравството, земјоделието, труд и социјала, да се види со УЈП како ќе се прават пресметките.
Оправдувањето зашто овој проблем не е решен, институциите го гледаат во објаснувањето дека ние не примаме плата туку по фолио си плаќаме пензиско и здравствено осигурување, примања остваруваме кога ќе ги продадеме земјоделските производи. Хрватска и Словенија го решиле овој проблем на тој начин што, годишниот приход на земјоделците се распределува на 12 месеци и се пресметува, колку им следува за користење на породилно отсуство,“ изјави Мојсова.
Таа потенцира дека ист е проблемот на земјоделците и со користење на правото на боледување.
Покрај Националната федерација на фармери, за решавање на овој проблем на земјоделките се заложуваат и Фондацијата отворено општество и Здружението Агро Лидер.
Тие до Министерството за труд и социјална политика исто така поднеле иницијатива за менување и дополнување на Законот за работните односи и Законот за здравствено осигурување, со цел, жените носителки на земјоделски стопанства и регистрирани индивидуални земјоделки да се стекнат со право на платено породилно отсуство.
„Работејќи на документ за јавни политики кој се однесува на имплементацијата на Директивата 2010/41/ЕУ на Совет на Европа која се однесува на самовработувањето, во кој го анализирав уредувањето на социјалната заштита и надоместоците при мајчинство во нашата држава, дојдов до сознанија дека жените носителки на земјоделско стопанство се исклучени од остварување на право на надоместок при мајчинство, односно платено породилно отсуство.
Непосредно по ова, Фондацијата отворено општество и Здружението Агро Лидер до Министерството за труд и социјална политика поднесоа иницијатива за менување и дополнување на Законот за работните односи и Законот за здравствено осигурување со цел жените носителки на земјоделски стопанства и регистрирани индивидуални земјоделки да се стекнат со право на платено породилно отсуство. Слична иницијатива застапува и Националната федерација на фармери со која сме во контакт,“ изјави за Пина.мк, Јована Јовановска Кануркова – програмска координаторка во Мрежа за заштита од дискриминација.
Јовановска Кануркова додава дека по одржана средба на Мрежата за заштита од дискриминација, со министерката за труд и социјална политика, утврдена била потребата од исправање на неправдата кон оваа категорија жени во однос на стекнувањето на правото на надоместоците за мајчинство преку измена на постоечките закони, како и потреба од формирање на работна група која ќе работи на предметните измени.
„Во моментот сме во исчекување на формирање на таква работна група во која би земале учество како мрежа и би ја понудиле својата правна експертиза во креирање на соодветно законско решение кое ќе овозможи стекнување на право на породилно отсуство и надоместок за мајчинство за жените земјоделки кои се дискриминирани со постојното законско решение. Воедно мрежата би овозможила техничка и финансиска поддршка на работната група преку Фондацијата Отворено Општество Македонија,“ додава Јовановска Канкурова.
Директорката на Рурална Коалиција, Лилјана Јоноски за Пина.мк вели дека во отсуство на законско решение, жените земјоделки изнаоѓаат начини, како од државата да добијат надомест за породилно отсуство.
„Согласно Закон, жената треба да биде минимум шест месеци осигурана за да има право на користење на надомест за породилно отсуство. Па оттука жените во руралните средини се снаоѓаат и се осигуруваат преку компании, локални продавнички, мали фирми. Осигурувањето си го плаќаат од џеб, и за жал, се осигуруваат само шест месеци, за да го исполнат законскиот минимум за да остварат право на надомест за породилно отсуство. Но како во последните години се повеќе се говори за положбата на руралната жена, ова прашање се покрена на едно повиско ниво,“ вели Јоноски.
Тие како Коалиција, од една страна ги поттикнуваат жените-земјоделки да се регистрираат, но од друга страна, кога ќе го направат тоа, не можат да си ги остварат своите права.
„Од оние со кои соработуваме има многу жени кои не користеле никакво боледување. Кој можел да се осигура, си плаќал од џеб за тие шест месеци да му тече осигурување, но има и такви кои не зеле ниту денар од државата. Во Полошко има две или три мајки кои се со по две дечиња близнаци и не искористиле никакви бенефиции од државата за надомест за породилно отсуство,“ додава Јоноски.
Таа истакна дека во моментов во Македонија има приближно 39.000 жени кои се регистрирани како индивидуални земјоделки, а според последните податоци од Државниот завод за статистика има 175.000 земјоделски стопанства.
Авторка: Силвана Жежова