Пријави за говор на омраза има, ама казните се ретки

0
120

Навреди, говор на омраза и експлицитни повици за физичко насилство се појавуваат неретко кон Ромите на социјалните мрежи. На една објава на Фејсбук каде се известува дека било украдено домашно милениче, коментарите изобилувале со повици за омраза кон етничката група. Во објавата пак експлицитно е наведена етничката припадност на лицето кое се претпоставува дека го сторило делото.

Ваквите изјави каде е наведена етничката припадност досега се покажале како изјави кои се најголем извор на говор на омраза, се посочува во Извештајот за мониторинг на говорот на омраза во онлајн просторот на Институтот за истражување и анализи на политики „Ромалитико“.

Таму се наведува дека говорот на омраза кон Ромите најмногу се појавува на Фејсбук, а потоа и на останатите платформи како Инстаграм и ЈуТјуб. Пандемијата со коронавирусот пак, дополнително го зголемил онлајн говорот на омраза, покажуваат наводите.

Според „Ромалитико“ еден од проблемите е слабата регулација на веб-порталите за кои велат дека често објавуваат неточни вести, односно лажни вести, а во меѓувреме не постои механизам за нивно санкционирање.

Државата да обезбеди солидна правна рамка за казнување на говорот на омраза

Доколку не се преземат сериозни чекори за спречување на говорот на омраза, голема е опасноста за „нормализирање“, смета Дениз Селмани, еден од основачите на „Ромалитико“.

За ПИНА, тој вели дека клучна улога играат институциите кои мора да најдат механизми преку кој најпрво ќе се пријавува, а потоа ќе се следи и на крај ќе се казнува.

Дениз Селмани

„Но, за да се дојде до казнувањето, државата мора да обезбеди солидна правна рамка по што судската власт ќе постапува за говорот на омраза и делата од омраза најостро ќе се казнуваат“ вели Селмани.

Тој смета дека не постои ажурност од институциите, а поради тоа жртвите се демотивираат и се откажуваат, со што го пренесуваат своето искуство и на останатите, па така се создава и недоверба.

Кога се работи за онлајн говор на омраза, Селмани вели дека најголема ажурност треба да има Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, во откривање на лицата кои се кријат позади лажни профили, односно крадат идентитет на лица, за кое исто така треба да сносат одговорност.

„Неколку пати се случувало да се пријави говор на омраза до овој сектор, но нивното реагирање е многу споро, односно полициските службеници не го третираат ова дело како многу важно“, смета Селмани.

Казнените одредби пак, според Селмани не секогаш се доволни за да се спречи говорот на омраза. Тој додава дека повеќе од потребни се образовни мерки, политики, како и кампањи во насока на подигнување на свеста на младите за препознавање на говорот на омраза, нивно реагирање и пријавување.

„Сето ова треба да придонесе во превенирање на говорот на омраза, но и на врсничкoто малтретирање кое веќе не се случува само во училиштата, туку и на социјалните мрежи. Но, покрај образовните мерки, потребно е активно учество и на медиумите кои треба да ја подигнат медиумската писменост која би требало да се движи во насока на промовирање на толеранција, меѓусебна почит, еднаквост и недискриминација“, смета тој.

Според Селмани, Ромите не се плашат да си ги бараат своите права, посочувајќи дека само во последните 10 години има зголемување на претставки, пријави за дискриминација, како и протести против полициска бруталност.

„Само до Ромалитико за месец јануари се пријавени 113 случаи на прекршување на одредено право кои се директно пријавени од страна на припадници на ромската заедница за кои се преземаат соодветни постапки. Генерално, антициганизмот кој што претставува специфична форма на расизам кон Ромите е нешто кое што ја спречува ромската заедница да ја унапреди својата состојбата и да биде еднаква со сите останати заедници во нашата држава. Верувам дека стравот од виктимизација и недоволното познавање на правата се одамна надминати, но односот на институциите кон ромската заедница се уште останува проблем. Сепак, силно верувам дека и моменталната состојбата позитивно ќе се промени уште повеќе бидејќи ромската заедница се повеќе и повеќе ги знае своите права по што реагира на секое непочитување и неправда од страна на општество“, додава Селмани.

Според него, преку состојбата на Ромите, како најмаргинализирана заедница може да се види како системот (не)функционира, каде се пропустите и кои прашања се запоставени. Селмани додава дека самата пандемијата ја влошила и така лошата социјална и економска состојба на заедницата.

Од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) сметаат дека кај нас сè уште нема соодветна сензибилизација на полицијата и јавното обвинителство кога станува збор за говор на омраза, и многу често воопшто не се процесираат очигледни акти на говор на омраза.

Тие појаснуваат дека очигледен показател за ова се многуте коментари на социјални мрежи, кои несоодветно или воопшто не се третираат, иако очигледно и недвосмислено претставуваат говор на омраза и поттикнување на омраза па дури и сторување на кривични дела.

Како што објаснуваат тие, имаат информации за граѓански организации кои ревносно документираат говор на омраза на интернет и поднесуваат кривични пријави кои се отфрлаат затоа што јавното обвинителство не препознава говор на омраза.

„Од искуството на организации и лица кои се обратиле кај нас, поведување на обвинение поради говор на омраза е речиси невозможна мисија, токму поради тоа што надлежните не препознаваат говор на омраза, и ја третираат како слобода на говор“, додаваат од МЗМП.

Дополнително, оттаму појаснуваат дека говорот на омраза може да предизвика, од дополнителна маргинализација во сите сфери на општеството на лицата до директни напади во живо.

„Во моментов е најпотребно да се работи на тоа, овластените лица да го препознаат говорот на омраза како кривично дело и како дело кое може да предизвика огромни штети по животот, интегритетот и имотот на жртвите на говор на омраза“, децидни се од МЗМП.

Според нив, жртвите имаат право да поднесат пријава, бидејќи само со пријавување на говорот на омраза, тој може  да стане видлив за институциите и да биде санкциониран.

Авторка: Маја Терзиова