Се потешко до здравствени услуги во руралните средини

0
133
Фото:pina.mk Запуштена амбуланта во село Томчевиште, гостиварско

Граѓаните што живеат во селата изминативе години, сè потешко доаѓаат до основни здравствени услуги. Анализата на ПИНА.мк покажува дека во дел од руралните места повеќе не ни постојат амбуланти, а голем број од жителите тешко стигаат до општ матичен лекар. Состојбата на терен покажува дека не ги посетуваат ниту најавените рурални доктори што требаше да ги посетуваат.

Во разговор со жителите на селата во Демирхисарскиот крај, тие се жалат дека за основен рутински преглед се приморани да патуваат по десетици километри да дојдат до најблиската амбуланта која што е во функција. Во тој крај не работи ниту една рурална амбуланта, ниту пак има рурален доктор да ги посети, и мака мачат да стигнат до доктор.

Некои од нив велат дека понекогаш треба да поминат и повеќе од 30 километри за да направат општ рутински преглед или да им препишат терапија што им е потребна. Оние што живеат во повисоките планински места се најодсечени од примарна здравствена заштита.

Здравствено осигурување плаќаат, здравствена грижа немаат

Жителите од селата Слоештица, Мренога, Вирово, Брезово, Бабино, Железнец, Доленци, Сапотница, Кочиште, Жван, Зашле се револтирани што целиот свој живот плаќале здравствено осигурување, а сега кога им е најпотребно, не можат да го користат како и сите останати луѓе.

„Ние сме возрасни луѓе, потребен ни е доктор блиску да имаме, не можеме да патуваме да стигнеме за на лекар, само Господ нека не чува, секој ден се молиме да не се разболиме. Цел живот сме работеле и сме плаќале за пензиско и здравствено осигурување, а сега треба да патуваме сред лето на 40 степени да дојдеме до доктор“, вели Благородна Тодороска.

Љубица Крстеска поминува дури 28 километри за да стигне до најблиската амбуланта, а таа е во градот Демир Хисар.

„Доктор нема ни за лек овде, со години не доаѓаат, едно време одеа по еднаш во месецот, барем притисок ни мереа и ќе ни напишеа по некој лек да се напиеме, сега ги нема ниту за тоа“, вели Крстеска.

Жителите се жалат дека имаат и големи трошоци додека да стигнат до лекар. Јавен превоз не постои во овие села, па мора како превоз да користат такси кое ги чини повеќе од 1.000 денари во еден правец, што дополнително им ги зголемува трошоците кога треба да посетат лекар понекогаш и 2-3 пати во месецот.

„Сами ништо не можеме да направиме, не сме способни веќе ни кола да возиме на овие години, а доктори си требаат. На старост најпотребно ни е да имаме доктор овде во селово“, вели седумдесет и пет годишниот Драган Тодоровски.

Во овие рурални средини покрај тоа што нема доктори, нема амбуланти, нема ниту пак аптеки, што дополнително ја отежнува набавката на лекарства на жителите. Велат дека покрај неопходната терапија која што ја купуваат, тие се приморани и да купуваат лекови за „недај Боже“ што можеби никогаш нема да ги искористат, и дополнително создаваат финансиски трошок.

„Многу често им поминува рокот на лековите па ги фрлам во корпа, а не се ни отворени. Мора да си имаме лекови во секое време, аптеката е на 30 километри и не ни е достапна во ноќните часови“, дополнува Тодоровски.

Властите се правдааат на отсуство на кадар

Основно човково право кое е содржано во Универзалната декларација за човекови права е и правото на здравствена заштита, што стотици жители на овие села не можат целосно да го уживаат.

Од Здравствен дом Демир Хисар за ПИНА.мк велат дека во здравствениот дом нема вработено ниту рурален доктор, а населените места по потреба се посетуваат од тимовите на Итна медицинска помош и од патронажните сестри. Не ни одговорија за тоа како планираат да ја подобрат пристапноста до основна здравствена заштита на жителите од руралните средини во општина Демир Хисар.

Од Фондот за Здравствено осигурување за ПИНА.мк велат дека во регионот на Демир Хисар функционира рурална амбуланта која што е регистрирана како таква и добива  загарантирани 1.600 бода за капитација, односно стимулација за руралност од Фондот, иако амбулантата се наоѓа во центарот на градот.

Сликата со руралните амбуланти е слична и на други места низ земјата. Во државата во моментот има околу триста рурални места (села), кои се дефинирани како такви со одлука за руралност на ФЗОМ.

Од Министерството за Здравство за ПИНА.мк велат дека тие се групирани во рурални центри (кластер) од неколку најблиски села. Поголем дел од нив имаат избран лекар со договор со ФЗО со руралност, додека за помал дел во моментот нема заинтересиран кадар, а пациентите од тие места гравитираат кон најблискиот здравствен дом.

Од Фондот за здравствено осигурување велат дека таму каде што нема заинтересирани лекари да отворат рурални амбуланти, граѓаните се лекуваат во здравствените домови, а интервенираат и службите за Итна медицинска помош од најблискиот град.

Докторите кои сами изразуваат интерес за отварање на амбуланти во рурални средини добиваат добиваат загарантирани 1600 бода за капитација, односно стимулација за руралност од Фондот.

Сликата со отсуство на амбуланти и медицински персонал како во Демирхисарскиот регион е пресликана и на други места низ државата.

Рурални амбуланти нема ниту во Валандово, Виница, Кратово, Гевгелија, Делчево, Кочани, Крушево, Неготино, Пробиштип, Ресен, Свети Николе, Велес, Штип.

Авторка: Ивана Крстеска Јаневска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА