Родово-базираниот говор на омраза кон младите девојки како феномен кој не се разбира сериозно, претставува нормала и често поминува неказнето и покрај правната рамка.
Коментари полни говор на омраза, сексизам и мизогинија постојано се секојдневие на социјалните медиуми. Злонамерни и во сексуална конотација како и коментари кои повикуваат на насилство кон жените се многу чести под медиумските објави на социјалните мрежи. Најчесто коментарите се полни со осуда, сексистички шеги и сеење омраза кон жените врз основа на стереотипни размислувања кои се темелат на закоравените патријархални вредности во нашето општество. Најранливи на родово-базираниот говор на омраза се малолетните девојчиња за кои не изостануваат ваквите коментари.
Во новата анализа на Институтот за комуникациски студии, „Сексистички говор на омраза кон млади девојки“, авторките Бојана Јовановска и Јована Јовановска се осврнуваат на коментарите под објавите на новинарските извештаи на социјалните медиуми со цел да ги идентификуваат злонамерните содржини и мизогини наративи, како и да укажат на влијанието на овие содржини врз перпетуирањето на родовите стереотипи. Анализата е за коментари под објави на Фејсбук и Твитер во периодот од март до мај 2023 година. Тие обработуваат два случаи за исчезнати девојчиња во Скопје годинава, едниот случај за две исчезнати девојчиња во Чаир, а другиот за две исчезнати девојчиња во центарот на градот. И во двата случаи во анализата на коментарите авторките забележале наративна форма на секојдневна употреба на релативно мизогин и погрден сексуализирачки јазик, критика на женската сексуална активност, шеги за сексуално насилство, обвинување на жртви на родово-базирано насилство итн.
Според македонскиот поимник, родово-базираниот и сексистички говор на омраза, кој претставува форма на онлајн-насилство, се однесува на секаков вид комуникација, преку говор, текст или невербално однесување, што напаѓа, понижува, навредува и дискриминира некое лице врз основа на полот, родот, сексуалната ориентација или родовиот идентитет и, меѓу другото, се состои и од сексуално посрамување и тролање. Притоа, онлајн-насилството ги опфаќа различните форми на насилство на интернет што се вршат со посредство на технологијата и се дефинира како свесно нанесување и повторување штета со помош на компјутери, мобилни телефони или други електронски уреди, најчесто преку употреба на текстуална или графичка содржина.
Според Јована Јовановска, една од авторките на анализата, има повеќе причини за оваа појава на социјалните медиуми и истите се поврзани.
„Како главни би ги издвоила најпрво можноста за анонимност на објавите, што своевидно ги охрабрува луѓето да шират невистини и омраза без страв од било каква одговорност, што не доведува до втората причина – неказнувањето. Еднакво важни се и правната празнина која постои кај регулацијата на социјалните медими, недореченоста во постоечките закони во однос на говорот на омраза и непостоењето на правна практика на гонење на говорот на омраза на интернет. Според мене овие коментари се производ на едно општество во кое патријархалноста сè уште е длабоко вкоренета во семејните заедници и сè уште генерациски се проткајува, за жал. Насилството се нормализира кога е во прашање „непослушност” и „недолично однесување” на жените и речиси секогаш е оправдано во овие случаи како заслужена дисциплинска мерка“, вели Јовановска.
Драгана Дрндаревска, правна советничка во Коалиција „Маргини“, вели дека кај нас онлајн сексуалното вознемирување е норма, се смета за „нормален начин на комуникација“.
„Сексистички и родово-заснован говор на омраза е многу присутен во онлајн просторот, најчесто во форма на сексуално вознемирување кон жени, а особено се зачести со засилувањето на пропагандистичките активности на антиродовите движења. Сигурна сум дека сандачето со директни пораки на секоја жена има пораки што претставуваат сексуално вознемирување. Особено се засилува кон жени кои се гласни и политички активни. Говорот на омраза не се сфаќа сериозно и најчесто се употребува од актери кои имаат антиженски, мизогини агенди против унапредувањето на човековите права на одредена група.
Овие актери се прикажуваат како жртви на цензура секогаш кога против нив се водат постапки за говор на омраза или само кога некој ќе им посочи дека не е дозволено да употребуваат таков говор. Па така во јавниот дискурс, насилникот станува жртва, јавноста го поддржува насилникот и развива емпатија кон него. Причината се широко распространети патријахални вредности кои сѐ уште се столбот на нашата култура. Родово-заснованото насилство се одобрува и поттикнува и во реалниот живот, па овие ставови се прелеваат и онлајн. Онлајн е уште полесно бидејќи овие платформи овозможуваат анонимност и мразачот не ризикува директно да се соочи со критика“, посочува Дрндаревска.
Според анкета спроведена од ПИНА минатата година, дури 81,6% од 103 анкетирани новинарки во земјава се соочиле со онлајн вознемирување. Над 29.7% од новинарките кажале дека биле споделени нивни фотографии во одредени групи на социјалните мрежи, со цел нивна дискредитација. Со онлајн демнење се соочиле 22% од новинарките, додека оркестрирани кампањи биле организирани против 18.7%. Речиси половина (43,7%) вознемирувањето не го пријавиле никаде, додека најголем дел од останатите (32%) го пријавиле во својата редакција.
Правната рамка е недоволна и изостанува кривично гонење
Говорот на омраза според македонскиот Кривичен законик е опфатен во неколку кривични дела, меѓу кои и „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од член 394-г од Кривичниот законик, но и во новите кривични дела „Полово вознемирување“ од член 190-а и „Демнење“ од 144-а од Кривичниот законик. Од МВР велат дека Секторот за компјутерски криминал постапува по однос на говор на омраза во онлајн просторот по соодветните кривичните дела од Кривичниот законик.
„Доколку се работи за кориснички профил на социјална мрежа кој споделил објава чија содржина е со цел ширење на ксенофобичен и расистички материјал за истата се известува надлежното Јавно обвинителство со цел изготвување на официјално барање за добивање на податоци за корисничкиот профил, а потоа истото од страна на Секторот за компјутерски криминал се проследува до соодветната социјална мрежа. Во однос на статистички податоци, во периодот од 2021 година заклучно со јуни 2023 година, не се поднесени кривични пријави за регистрирани кривични дела од омраза врз основа на пол и родов идентитет“, велат од МВР.
Од Јавното обвинителство велат дека не ги издвојуваат осомничените или оштетените врз основа на пол или друга карактеристика која не е елемент на кривичното дело. Оттаму нагласуваат дека иако можат да ги гонат сторителите и на родово-базиран говор на омраза врз основа на кривичното делото „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ , ваквите пријави се релативно ретки во однос на поттикнувањата на дискриминација или омраза по други наведени основи.
„За новите кривични дела „Полово вознемирување“ и „Демнење“ нивната примена во пракса дополнително ќе се анализира. Она што е важно е дека тие даваат доволна основа за кривичен прогон на сите сторители на соодветни кривични дела. Сепак, треба да се има предвид дека говорот на омраза не е единствено кривично дело, односно кривично се санкционирани само најтешките облици на говор на омраза преку повеќе различни кривични дела, додека за останатите е предвидена друг вид одговорност“, велат од Јавното обвинителство.
Според податоците од Основниот кривичен суд Скопје, од 2021 година досега, се донесени четири правосилни пресуди за говор на омраза во интернет просторот од кои три се условни осуди, а една е ослободителна пресуда. Но, оттаму нагласуваат дека во постапките водени пред Основниот кривичен суд, говорот на омраза е насочен кон лица од машки пол или група луѓе базирани на етничка, религиска или верска основа.
„Тековна постапка за говор на омраза на Интернет според членот 394 „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ е случајот во јавноста познат како Латас и Лазаров. Во однос на засебна статистика за говор на омраза против жена, само во последниот предмет, Латас и Лазаров, кој е сè уште активен, омразата била против жена. Во однос на Законот за спречување и заштита од насилство на жените, до овој момент пред судот не е поведен ниту еден предмет“, се вели во одговорот од Судот.
Во анализата од ИКС се потенцира дека иако овој феномен на сексистички говор на омраза е препознаен во Кривичниот законик, не постои посебен член што директно го инкриминира како посебно кривично дело.
„Едноставно кога се нема добра правна рамка која експлицитно упатува на тоа дека ќе бидеш казнет доколку шириш говор на омраза во онлајн-просторот, немаш Јавно обвинителство кое гони и постапува по овие случаи, и на крајот немаш одговорност и казна како резултат на целото постапување, како да очекуваме дека некој би размислил два пати дали да постира негативна содржина и да шири омраза, мизогинија и сексизам“, вели Јовановска.
Дрндаревска вели дека жените ретко се осудуваат да пријават, односно пријавуваат во случаи кога се работи за директни пораки со кои сторителот им се заканува и ги вознемирува континуирано.
„За недостатокот на политичка волја за санкционирање на говорот на омраза од страна на МВР и Обвинителство зборува фактот што сѐ уште немаме започнато кривична постапка ниту изречено кривична санкција за говор на омраза заснован на сексуална ориентација и родов идентитет и покрај бројните пријави и податоците кои ни говорат дека ваквиот говор на омраза е втор по застапеност (по етничкиот говор на омраза). Законската рамка не е идеална, но има доволно за институциите да постапат ако сакаат, ама очигледно не сакаат.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација постапува и препознава, но за одредени случаи на говор на омраза потребен е кривичен прогон како единствена ефикасна мерка за заштита и превенција. Откако се криминализираше сексуалното вознемирување онлајн, во Коалиција „Маргини“ се документирани два случаи во кои жртвите пријавиле во полиција. Во едниот случај на жртвата ѝ кажале дека немаат основ за да постапат бидејќи немало закани по живот, а за другиот случај се чека на резулатот од постапката бидејќи се работи за писмена пријава“, вели Дрндаревска.
Од Македонското здружение на млади правници велат дека одредбите и во Кривичниот законик, но и во специјализираните закони (Закон за спречување, превенција и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, Закон за спречување и заштита од дискриминација) не можат да ја остварат својата цел доколку претходно луѓето не успеат да препознаат дека се жртви на говор на омраза, не се охрабрени да пријават и не се поттикнати да го истераат процесот до крај.
„Од друга страна мора да сме свесни дека концептот на заштита од говор на омраза е навистина нов, а самиот говор на омраза сè уште прифатен како нешто секојдневно и тривијално. Криминализирањето е важно од повеќе аспекти – да се искористи можноста за кривична санкција како основа за поголема едукација и конечно разбирање на штетноста на таквите дејствија врз жртвата но и врз општеството; да се охрабрат жртвите да ги пријавуваат сите дејствија и да бараат исход од постапките и конечно – да се поттикнат институциите да ги препознаат делата токму тоа што се – акти на родово базирано насилство, исчистени од обвивките на предрасуди и стереотипи што ги штитат сторителите од одговорност. Во нашата работа досега сме немале случај кој завршил во судска постапка, но сме имале повеќе ситуации во кои девојки се охрабриле да се јават и да побараат совет во случаи на родово-базирано насилство на интернет. Ниту една девојка не се охрабри да поведе постапка“, велат од МЗМП.
Во однос на новите кривични дела, меѓу кои спаѓа и сексуалното вознемирување преку Интернет, од МЗМП велат дека е ново и дека е потребно време да се види во пракса.
Недостасува регулација на социјалните медиуми
Бидејќи најчесто коментарите се наоѓаат под новинарски статии објавени од медиумите на социјалните мрежи, медиумите се тие кои директно можат да го спречат и превенираат говорот на ормаза, но и да ги бришат и регулираат коментарите на нивните објави. Освен тоа и според новинарските професионални стандарди тие не смеат да објавуваат никакви содржини со дискриминација и говор на омраза. Билјана Георгиевска, извршна директорка на Советот за етика во медиумите, нагласува дека во исто време медиумите треба да прават напори за зголемување на свесноста на публиката за негативните последици од говорот на омраза.
„Медиумите имаат обврска да го идентификуваат и да го разобличуваат таквиот говор, како и да ги посочуваат актерите што го продуцираат и се служат со говор на омраза. Освен ова, онлајн медиумите, се одговорни за редовно прегледување и брзо отстранување на коментарите од читатели што се објавуваат под новинарските содржини на веб-страниците или на социјалните мрежи, во кои се содржи содржат говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици во општеството.
Советот за етика ги информира и ги охрабрува сите граѓани, не само жените, да ја искористат алатката за поднесување поплаки до Комисијата за жалби на СЕММ, кога се сомневаат дека некој медиум го прекршува Кодексот на новинарите, известува неетички и шири говор на омраза. Комисијата за жалби ги разгледува поплаките и носи одлуки, кои во многу случаи значат укажување кон одреден медиум дека треба да се корегира, да ја поправи грешката, во името на професионалното и одговорно информирање на јавноста“, вели Георгиевска.
Таа додава дека Советот на етика, преку одлуките на Комисијата за жалби, редовно се обидува да влијае на подобрување на професионалните стандарди во известувањето на медиумите, особено во онлајн сферата, со оглед на тоа што над 90 отсто од жалбите се однесуваат на онлајн медиумите.
„Голем број од овие одлуки и мислења се однесуваат токму на одговорноста на медиумите за содржината на коментарите од читатели објавени или постирани под нивните текстови, на социјалните мрежи. Усогласување на нашата легислатива со европската регулатива, до извесно ниво, има во доменот на регулацијата на социјалните медиуми. Станува збор за неодамна усвоените измени (на 17 јули 2023 г.) на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кои овој законски акт се усогласи со измените на Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги од 2018 година. Со овие измени се опфаќаат и т.н. платформи за споделување на видеа како што се Јутјуб, Фејсбук, Инстаграм, Тик Ток и др. Но, нашето регулаторно тело – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ќе може директно да презема мерки само кон социјалните платформи кои се регистрирани во нашата земја, над кои има јурисдикција. Во моментов, таква платформа кај нас нема, а регулаторот може да реагира кај регулаторното тело во земја каде што таа платформа е регистрирана. Како тоа ќе функционира, ќе видиме во иднина, бидејќи Законот тукушто влезе во сила“, вели Георгиевска.
Дрндаревска смета дека медиумите комплетно потфрлиле во својата обврска да не преработуваат и пренесуваат дискриминаторски содржини.
„Видовме во изминатиот период дека медиумите беа инструмент за ширење на дезинформации, говор на омраза заснован на род и родов идентитет и антиродова пропаганда. Превенцијата треба да почне од образованието. Потребно е да се вратиме на образовните реформи кои антиродовите иницијативи успешно ги сопреа. Потребно ни е родово сензитивно образование кое ќе превенира усвојување на родовите стереотипи и родово-засновано насилство, образование кое ќе промовира еднаквост и критичко преипитување на нормите за родот, расата, сексуалноста. Говорот на омраза може да се анализира како проблем од повеќе аспекти.
Од аспект на жртвите, во случајот жените, ЛГБТИ луѓето, припадници на други маргинализирани групи, говорот на омраза креира непријателска и понижувачка средина, го повредува достоинството и самиот претставува трауматско искуство. Пораките кои се праќаат до жените со сексистичкиот говор на омраза се дека нивните животи вредат само доколку се однесуваат на одреден начин, ако нивните тела и животи се посветени на интересите на мажите, семејството, заедницата, дека со прекршувањето на родовите норми заслужено ќе добијат насилство и немаат право да бараат заштита“, вели таа.
За кликбејт информациите и насловите во известувањето на некои медиуми, Јовановска вели дека новинарските извештаи кои содржат наведувања, претпоставки и истакнуваат насилство во насловите како „мамка” за читаност, создаваат плодна почва за сеење омраза кон жените и девојките на социјалните медиуми која може да биде од големи размери особено доколку се работи за медиум со голема читаност.
„Ширењето на мизогини и злонамерни коментари во онлајн просторот може да има сериозно влијание врз личниот и емотивниот развој на девојките и жените. Сите истражувања укажуваат на тоа дека поверојатно е жените да бидат изложени на онлајн-насилство, но и на тоа дека тие исто така може да страдаат од сериозни физички, психолошки или економски последици. Истражувањата кои беа користени во анализата исто така укажуваат на тоа дека соочувањето со онлајн-насилство и злонамерни коментари може да предизвика страв, вознемиреност, стрес, нарушување на менталното здравје, депресија и да остави трајна траума за девојките и жените“, додава таа.
Ефективно решение за родово-базираниот говор на омраза познавачите гледаат во едукацијата, добриот правен систем и соодветната заштита на жените и младите девојки преку регулација на медиумските содржини и објавувањето коментари на социјалните медиуми.
Авторка: Марта Стевковска