Проблемот со ѓубрето и дивите депонии и понатаму останува нерешен со децении и покрај ветувањата од голем број политичари и градоначалници дека ќе се отстрани еден од најголемите проблеми кој ги оптоварува граѓаните во градовите од Југозападниот регион.
Кичево, Охрид, Струга и Дебар се градовите кои тешко се справуваат со проблемот со отпадот, иако во секој изборен циклус прво што ветуваат политичарите е решавање на овој проблем. Но, годините минуваат додека проблемот со отпадот останува ист.
Во која било од горенаведените општини што ќе ја посетите, ќе сретнете граѓани кои бескрајно се жалат на ѓубрето и депониите создадени во секој агол од нивните градови или села.
Во Кичево, општината во 2013/2014 година го фрли собраното ѓубре во поранешната општина Осломеј. Ситуација која ги крена жителите на нозе па преку протести беше стопирано фрлањето на отпад во овој регион.
Отпадот продолжува да се собира зад Општинското претпријатие „Комуналец“ каде е создаден вистински хаос. На ова место дневно се носат од 35 до 40 тони отпад.
Во близина има многу станбени згради од кои граѓаните не можат да излезат на тераса поради лошата миризба која се шири преку целиот ден.
„Ние во оваа населба не можеме ни да ги отвориме прозорците за да ги освежиме просториите, а камоли да излеземе и да пиеме кафе на балкон, најсилен ветер е навечер, депонијата се гледа од нашите балкони и прозорци, ова е срам што се случува во 21 век среде нашиот град. Се чувствува неподнослива смрдеа, па го поканувам градоначалникот да дојде да се напие кафе на мојот балкон“, вели Никола Пејоски граѓанин на Кичево.
„Сметките за собирање смет ги плаќаме по ред, додека ѓубре имаме насекаде, плаќаме за да имаме почиста животна средина, но имаме бескрајно ѓубре кое се тркала по градските населби, додава неговиот сограѓанин Гулаб Серафиновски.“
Од НПК „Комуналец“ велат дека секојдневно отстрануваат по 100 тони отпад од градската депонија, но истовремено се носат нови 35 до 40 тони друг смет.
„Ние го носиме тој отпад, имаме договор за јавна набавка со фирма, времетраењето на распоредувањето на отпадот не е одредено бидејќи друг отпад се внесува трајно веднаш штом ќе отстраниме дел од него. Од ден на ден се празни, но се надеваме дека магацинот ќе се испразни што поскоро бидејќи не е здраво ниту за нас што работиме таму“, велат од НПК „Комуналец“.
Ветувања имало секој пат, но без реализација, а последното ветување што го даде Фатмир Дехари, градоначалникот на општина Кичево, е дека ќе се позанимава со отпадот“, велат оттаму.
Градоначалникот Дехари, пак, повторно со ветувања, вели дека се работи на случајот.
„Имаме проект за справување со отпадот, ќе бидеме единствената општина која ќе го реализира овој проект, за да се стави крај на хаосот со отпадот во нашата општина.“, изјави тој.
Со истиот проблем се соочува и општина Струга, град кој е и туристичка дестинација и ваквата состојба дава лоша слика како за странските туристи, така и за домашните туристи кои ја избираат Струга за летување. Депонијата се наоѓа на влезот во Струга и годишно се собираат приближно 80.000 тони отпад.
Струшките екологистите се многу активни и постојано реагираат во бидејќи ваквиот начин на одложување на сметот е спротивен на препораките на УНЕСКО.
За струшката депонија има и судска постапка која ја покренаа екологистите, но епилог од истата се уште нема.
„Депонијата ни донесе големи еколошки штети, почнувајќи од воздухот, почвата, водата и така натаму, додека најголем проблем е што на оваа депонија се фрлаат различни видови отпад, бараме решение за овој проблем што е можно поскоро пред да биде предоцна“, вели Берат Села од еколошкото здружение „Природа“ од Струга.
Неговиот колега Глигор Катоски, пак, исто така сметка дека решението треба да се случи што е можно побрзо.
„Во оваа депонија има над 80.000 тони отпад, со текот на времето овој проблем се зголемува, а со тоа се зголемуваат и трошоците за решавање на овој проблем“, вели Глигор Катоски, екологист од Струга.
Градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, признава дека депониите создадени во Струга и нејзината околина се диви, но негира дека се штетни по здравјето на луѓето. Тој крена раце од овој проблем и решение гледа во регионалната депонија.
„Единствено решение се регионалните депонии, за југозападниот регион и тој на Пелагонија, планирана е регионална депонија во Новаци, Битола, а имам информации дека се обезбедени средства од Министерството за животна средина“, вели Мерко.
Не може да се каже дека е подобра состојбата во Охрид, само што во овој град депонијата е далеку од градот, но многу блиску до главниот пат. И таа како и другите депонии во регионот е дива.
Депонијата на Охрид „Буково“ со години е голем проблем за градот и УНЕСКО во неколку наврати реагираше и бараше нејзино затворање и преместување.
Инаку, општинската депонија „Буково“ нема интегрирана еколошка дозвола А која мора да ја издаде Министерството за животна средина и просторно планирање, која е неопходна за нејзино функционирање.
„Владата во последниот ребаланс на буџетот ја подготви изградбата на депонијата во општина Новаци во Битола со што ќе ни се даде регионална депонија за целиот југозападен регион со седум станици за полнење, така што и овој проблем се решава“, вели градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
И за оваа депонија има многу реакции и од жителите и од граѓанските организации кои упорно бараат истата да се затвори, бидејќи не задоволува никакви стандарди за да биде вистинска депонија. Tројцата градоначалници на горенаведените општини ги вртат погледите кон централната власт, која се чини дека според сите неодамнешни изјави нема план да преземе конкретни и брзи чекори за решавање на овој проблем.
Авторка: Салије Садику
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА