Негативната кампања меѓу партиските опоненти се појави и на последните избори каде често во јавниот простор се презентираа партиски наместо изборни содржини. За време на изборните кампањи но и потоа, значаен дел од пораките се фокусираат на напади на противникот, наместо на политичката понуда, што не им носи многу бенефит на граѓаните.
Реториката во изборните кампањи преку кои политичките партиите треба да ги освојат гласовите на граѓаните често не се фокусира на изборните, туку на партиските содржини. И на последните избори во рекламирањата на партиите не изостана негативна кампања, наместо фокус на понудата на политичките партии. Ваквиот пристап им носи никаква корист на гласачите односно граѓаните, иако токму преку нив се финансираат политичките партии, велат познавачите.
Политичкиот аналитичар, Синиша Пекевски вели дека е потребна измена во Законот за финансирање на политичките партии за тие да не се финансираат од државниот буџет, туку да се финансираат од свои извори како членарини или донации.
„Граѓаните не се должи да ги финансираат политичките партии во изборни кампањи, бидејќи, политичките партиите најчесто не го слушаат гласот и интересот на граѓаните, туку првично својот партиски интерес“, вели Пекевски.
Во однос на негативните или популарно кажано „црни“ кампањи, Пекевски додава дека, партиите пред избори потпишуваат Декларација за фер и демократски избори, но и истата во реалност е само декларативна, но потребно е да биде и правно регулирана.
„Особено кога некоја политичка партија обвинува некој од своите противниците и ги претставува во негативен контекст, треба да поседува и правни докази за истото. Доколку се покаже дека тврдењата не се вистинити или се манипулира со нив, на истата таа политичка партија да ѝ биде одземено правото за рекламирање во медиумите, вклучувајќи ги и социјалните медиуми во изборниот циклус и да се повикуваат нивни претставници на политички и јавни дебати. Преку таков правен регулативен механизам ќе може да се регулираат ваквите негативни појави и практики“, појаснува Пекевски.
Дефокус од вистинските граѓански проблеми
Според м-р по комуникации и специјалист за стратешки комуникации, Магдалена Михајлоска, во земјава не е ниту исклучок да гледаме ниско ниво на комуникација кое содржи навреди, вулгаризми и паушални обвинувања.
„Таквата ситуација се пресликува и во изборните кампањи, бидејќи матрицата е таа. Нивото и капацитетот е симнат на најниско ниво и веќе стана пракса навредите и личните етикетирања да се основа во јавниот политички дискурс“, вели Михајлоска.
Таа појаснува дека ваквиот тренд оди во прилог на политичарите и според неа претставува сериозна криза на демократијата, а штетите одат на контото на граѓаните.
Над 80 отсто од содржините во изборите, вели Михајлоска, се посветени на напад на противникот и во суштина овој пристап е дефокус од вистинскиот интерес на јавноста, бидејќи нападите и политичките препукувања не носат ништо добро за граѓаните.
„Промената е неопходна, бидејќи само така можеме да очекуваме одговорни политики. Но, за тоа да се случи потребно е јакнење на значењето на јавноста и јавно искажаните ветувања. Тука, пред сè, клучна улога имаат медиумите кои во моментот се наоѓаат во криза. Токму критичкиот осврт на медиумите согласно основните новинарски принципи ќе придонесат за намалување на тенденцијата на пласман на неодговорни и крајно штетни политики кои имаат за цел само да ги задоволат интересите на тесни политички групи“, вели Михајлоска.
Граѓаните ја препознаваат неискреноста
Негативната кампања го намалува и бројот на граѓани кои излегуваат на гласање, смета комуникологот и специјалист за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов.
Тој за илустрација споменува дека годинешните парламентарни избори кулминираа со негативна кампања од сите страни, а евидентирани се 20 проценти помал одзив на гласачите споредено со излезноста на претходните избори.
„Важно е да потенцираме дека црната кампања нема начин како да помогне на која било политичка партија да ја задржи или освои власта. Негативната кампања која за единствена цел има да ги оцрни противниците може да успее само да ги натера гласачите да останат ’дома‘ на изборниот ден, а во никој случај не може да мотивираат тие да излезат на гласачките места и да го дадат својот глас за одредена политичка партија“, вели Кордалов.
Критиката која во себе истовремено содржи и решенија и сугестии како да се надмине одредена негативна појава, додава Кордалов, може и ќе направи разлика меѓу црна кампања и одговорен пристап на политичка опција која граѓаните ќе знаат да ја препознаат. Смета дека потребно е зрело поставување на комуникациските приоритети и ставање на граѓаните, а не политичките опоненти во фокусот на комуникацијата.
„Не сум убеден дека има потреба од дополнителни законски одредби бидејќи многу е тешко да се направи законска дистинкција меѓу критиката и пораките кои политичарите субјективно ќе ги чувствуваат како непријателски за себе. Но, она што со сигурност е неопходно да се направи е целосно да се применува постоечката легислатива, односно законски одредби, како и примена на пропишаните санкции доколку се утврди по судски пат дека нешто се прекршува“, вели Кордалов.
Тој кажува на тоа дека политичарите и нивните тимови конечно треба да разберат дека комуникацијата со граѓаните мора да биде искрена, отворена и постојана, односно конзистентна, а не во зависност дали во моментов се наоѓаат на власт или опозиција. И конечно комуникацијата да се води како со зрели граѓани, бидејќи граѓаните се тие кои ги финансираат политичарите и им даваат плата, а не обратно.
ПИНА пишуваше дека партиите се тркаат за гласови надвор од изборната кампања, преку закупување на билбордите со партиски а не со изборни содржини. Оваа стратегија ја применуваат со цел партиските пораки да стигнат до гласачите надвор од официјалната изборна кампања.
Автор: Ивана Настеска
Сторијата е во рамки на проектот „Мапирање на билборди за платено политичко рекламирање“ кој го спроведува Здружението „Импетус“ – Центар за интернет, развој и добро управување.