Реформите што (не) ја подобруваат ефикасноста на јавната администрација

0
150
Фото: Tyler Franta on Unsplash

Според последните податоци, во јавната администрација се вработени 129.374 лица во 1.346 институции, а повеќе од половината имаат најмалку високо образование. Надлежните институции често пати информираат за реформи во јавната администрација, но двете најважни теми во нашето општество остануваат, а тоа се борбата против корупција и реформите. Се уште, јавната администрација кај граѓаните се перципира како засолниште на непотизам и корупцијата.

Јавната администрација во земјава континуирано е критикувана и од меѓународниот фактор и исто така и во извештајот на Европска комисија, токму поради интервенцијата на политиката при вработување во овој сектор како и големиот број вработени.

Од Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) за ПИНА велат дека реформите ќе бидат една од најтешките теми за нашиот систем но, генерално, и за граѓанското општество, и за политичарите и за институциите.

„Реформата на јавната администрација е нешто за што се зборува триесет години. Реформата е комплексна и ќе мора да опфаќа повеќеслојни проблеми во администрацијата коишто не се сведуваат само на бројката, значи, колку има вработени, туку – што работат тие вработени, какви услуги даваат, какви услуги можат да даваат, кој е квалитетот и брзината на тие услуги, каде граѓаните се соочуваат со пречки, корупција, и застој итн. И се разбира суштинското прашање што ќе треба да се опфати и одговори и низ Патоказот за Реформа во јавната администрација, како да се задржат добрите работници и квалитетните кадри во јавната администрација, од една страна, но и како на оние што се непрофесионални, неквалитетни, и го рушат имиџот на целата јавна управа, да се најде начин да бидат отстранети од тој систем.

Сето ова ќе биде дефинирано низ конкретни мерки и чекори во Патоказот за Реформа во јавната администрација, на кој заедно со другите два Патокази, веќе е почнато да се работи. За да биде појасно, во него практично работиме на дефинирање на листата на задачи кои треба да ги спроведеме до членството во Европската Унија. Во очекување на скрининг Извештајот нашата цел е да имаме работна верзија на патоказите која ќе се финализира согласно препораките од истиот,“ велат од МИОА.

Од таму додаваат дека, реформите во јавната администрација кои се предвидени преку Стратегијата (2023-2030), ќе се реализираат преку мерки кои ќе обезбедат ефективно креирање на политиките засновано на докази, реорганизација, оптимизација и воведување дополнителни форми за ефикасно работење, како и понатамошно развивање на професионална јавна администрација поддржана од интензивна дигитализација, односно дигитална трансформација со цел развивање на оптимална структура и иновативни процеси и техники кои ќе обезбедат квалитетни и лесно достапни услуги за граѓаните и деловните субјекти.

„Стратегијата за реформи на јавната администрација се стреми кон исполнување на визијата деполитизирана, ефикасна, ефективна и отчетна јавна администрација која обезбедува квалитетни политики и лесно достапни услуги за граѓаните и деловните субјекти,“ додаваат од МИОА.

Од надлежното министерство велат дека скрининг-процесот треба да заврши до крајот на ноември 2023.

„Објаснувачкиот и билатералниот скрининг се комплетно завршени за два клучни кластери: Кластерот 1, „Темелни вредности“ и Кластер 2, „Внатрешен пазар“.Во тек е билатералниот скрининг за третиот кластер, „Конкурентност и инклузивен раст“, за кој веќе е завршен објаснувачкиот скрининг. Паралелно го затворивме и објаснувачкиот скрининг за четвртиот кластер, „Зелена агенда и транспортна политика“.Околу тоа каде ќе треба повеќе да се интервенира околу реформите појасна слика со сите недостатоци кои ќе треба да ги елиминираме ќе добиеме во скрининг Извештаите, за секој кластер одделно,“ велат од МИОА.

Незадоволни граѓани кои плаќаат за услугите

Универзитетскиот професор Ненад Марковиќ за ПИНА, изјави дека реформите во јавниот сектор се сложена проблематика која се однесува на повеќе различни прашања. Според него, првиот проблем секако е нејзиниот обем, кој сепак кај нас не е толку претеран колку што се смета.

„Сепак, со многу неискористени ресурси, посебно во делот на вработувањата на помалите етнички заедници по 2001 година, се поставува прашањето за правилната распределба и искористување на максимумот на човечкиот потенцијал на располагање. Второ горливо прашање е секако прашањето на регрутацијата која мора значително да се дистанцира од партиските влијанија и да се професионализира колку е тоа можно. Трето, секако е прашањето на перманентниот одлив на високопрофесионални кадри во приватниот или невладиниот сектор, поради неконкурентноста на примањата во јавната администрација. Сите овие прашања подразбираат темелно преобмислување и потребни реформи, а потребата за воведување на нови процеси и иновативни практики е повеќе од очигледна,“ нагласи Марковиќ.

Во однос на, од една страна пренатрупаноста на администрацијата, и од друга страна неефикасноста во давањето на услуги на граѓаните, Марковиќ додава дека неискористувањето на администрацијата со нејзиниот потенцијал е исклучително штетно за државата, а уште повеќе за граѓаните кои плаќаат даноци, а не се задоволни од услугата на јавната администрација.

„Ова создава перцепција на неуспешна и неефикасна администрација, а на буџетот му нанесува штета доколку се трошат фондови на нешто кое нема позитивен повратен ефект кај граѓаните. Од друга страна, ова создава и култура на неработење но и нерамномерна распределба на задачите, што е секако штетно само по себе,“ смета Марковиќ.

Во однос на скринингот и на кои области како општество треба да се фокусираме, универзитетскиот професор смета дека скринингот се случува во подготвителна фаза, односно е процес кој се случува во почетните фази на преговорите на една земја за членство во ЕУ.

„Во оваа фаза земјата се запознава со правилата кои важат во ЕУ (acquis) и во оваа фаза се проценува компатибилноста на земјата со овие правила. Врз основа на овој процес, се градат понатамошните преговарачки позиции од обете страни и се планираат обврските за земјата кандидат. Процесот е поделен во 35 поглавја, поделени во 6 кластери,“ додава Марковиќ.

Од 2018 до 2021 година, реализирани само 52% од планираните активности за реформа на јавната администрација

Државен завод за ревизија утврди дека роковите за донесување на клучните закони за спроведување на реформи во јавната администрација континуирано се одложуваат. Во извештајот се нотира дека во земјава често пати се случува да има именувања на в.д директори.

Според статистиката во периодот од 2018-2021 година, 52% од вкупниот број на именувани раководни лица се в.д.директори или нивните заменици.

Ова ситуација влијае врз професионализацијата на високата раководна служба, доброто управување во институциите на јавниот сектор и ја намалува отчетноста на постапката на избор на раководни лица на институциите.

„Но што се однесува до услугата „едношалтерски систем“, со два шалтери во Скопје, по еден во Охрид, Битола, Тетово и Куманово согласно обезбедените податоци за посетеноста на ЕТУ центрите водржавата, во период од јуни 2021 до јуни 2022 година, утврдивме дека од сите 5 (пет) ЕТУ центри, на граѓаните им се издадени само 1.062 документи. Ова значи дека се издадени по три документи дневно. Од страна на одговорните лица во МИОА не се анализирани причините за малиот број на издадени документи, што ја намалува ефикасноста, влијае на оправданоста на вложените финансиски и човечки ресурси за функционирање на истите и изнаоѓање на решенија за надминување на проблемот. Но од друга страна МИОА, има склучено едногодишен договор за одржување на Националниот портал за електронски услуги односноза архивирање на барањето за издавање на документи и негово плаќање на физички пост терминал, по кој е извршено плаќање во износ од 483 илјади денари,“ се вели во извештајот.

Во однос на развивање на услуги, од МИОА за ПИНА изјавија дека во тек се  дигитализирање во следните институции: Министерство за информатичко општество и администрација, Фонд за пензиско и инвалидско осигурување, Фармацевтска комора, Агенција за храна и ветеринарство, Министерство за економија – енергетика, Министерство за економија – туризам, Регулаторната комисија за енергетика и води, Министерство за земјоделство, Министерство за внатрешни работи, Министерство за култура и ќе бидат опфатени 143 услуги.

Дека реформите се одвиваат бавно покажува и последната анализа на Институтот за јавни политики „Арбен Џафери“, која покажува дека просечната оценка на реформи е тројка, и во последните седум години односно од 2015 до 2022 година немаме постигнато никаков напредок.

„Ние пресметавме дека со темпото на реформите во управувањето на СДСМ-ДУИ (2017-2022), на Северна Македонија ќе и требаат 306 години за целосно да ги исполни стандардите на ЕУ. Така, според оваа динамика, Северна Македонија би достигнала добро напредни подготовки за членство во ЕУ некаде од далечната 2328 година’’, стои во истражувањето.

Автор: Зенел Мифтари

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА