Подигнувањето на свеста кај јавноста за важноста на родовите теми и прашања е клучно за подобрување на состојбите со еднаквите можности на мажите и жените и промовирањето на родовите права и еднаквост. Телевизиите како аудиовизуелни медиуми имаат најголемо влијание врз јавноста со креирање на реалноста и општоприфатените вредности и дискурси, а во дел од од нивните програми отсуствува родова сензитивност.
Ова се заклучоците на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) во новата Aнализа на родовите прашања и начинот на прикажување и претставување на жените и на мажите во забавните програми на радиодифузерите во 2022 година.
„Генерално, може да се заклучи дека во дел од анализираните телевизиски програми отсуствуваше родова сензитивност, додека пак наспроти тоа, забележани беа содржини во кои се преиспитуваа традиоционално поставените родови улоги и норми, а жените се промовираа во различните општествени сфери. За програмите со забавна функција, жените се ангажирани почесто како уреднички или како водителки и новинарки во емисиите отколку мажите. Во однос на гостите/гостинките или соговорниците/соговорничките претставени во овие емисии постоеше изедначеност помеѓу мажите и жените. Сепак, анализата на времетраењето на говорот на соговорниците/соговорничките покажа дека за мажите беше одвоен поголем простор“, пишува во последниот извештај на агенцијата.
Според наодите, во некои емисии често може да се забележи однос помеѓу водителите и соговорници кој укажува на блискост и пријателство.
„Всушност, во овие односи се пресликуваше говорот што луѓето го користат во приватната сфера, во затворените кругови на блиски пријатели. Но, кога тоа ќе се преслика и во јавниот говор, во медиумите, тогаш одговорноста е поинаква. Во овие разговори неретко можеа да се слушнат стереотипни и традиционални ставови и вредности, што пак укажува на ставовите кои циркулираат на општествено ниво. Овие содржини ја зголемуваат гледаноста, но тоа често оди и на штета на афирмација на родовата еднаквост“, се посочува во анализата.
Дополнително, се наведува и дека маргинализираните групи се изоставени од содржините со забавна функција, па се препорачуваат упатства и насоки за уредниците на телевизиите за поголема едукација за нив, инклузија и поголема видливост.
„Телевизиите да делуват проактивно, преку своите програмски содржини, на пример во забавните емисии, да воведат содржини со кои би се ‘неутрализирале’ непосакуваните скриени пораки и стереотипното, сексистичко и објективизирачко“, се порачува во анализата.
Поголем број жени на раководни функции за постигнување рамноправност
Професорот на Институтот за родови студии на Филозофскиот факултет при УКИМ Боби Бадаревски за ПИНА вели дека во медиумската сфера, истражувањата покажуваат дека мажите често се повеќе застапени, прикажани на високи позиции и во улоги на носители на одлуки.
Според него, тоа може да има влијание врз начинот на кој информациите и содржината се презентирани во медиумите и може да води до непропорционална надзастепност на машки гледишта и интереси.

„Зголемувањето на родовата рамноправност во медиумскиот простор е од суштинско значење за постигнување на побалансиран и разновиден израз на идеи и мислења“, посочува универзитетскиот професор.
Улогата на медиумите за постигнување рамноправност на жените е значајна, додава Бадаревски.
Тој објаснува дека медиумите можат да ја промовираат родовата рамноправност преку позитивни примери и репрезентација на жените во различни позитивни улоги, како и преку разговори и дискусии кои ја ставаат рамноправноста ов преден план
„Зголемувањето на бројот на жените на одлучувачки позиции и во разновидни улоги во медиумите е клучно за постигнување родовата рамноправност. Борба против стереотипи е исто така клучен аспект. Медиумите можат да играат активна улога во разбивањето на родовите стереотипи и предрасуди, објавувајќи стории и документарци кои ги разгледуваат и проучуваат овие стереотипи“, дециден е Бадаревски.
Според него, важно е да се развива критичко мислење и да се поставуваат прашања за намерите и пораките кои се пренесуваат преку медиумите.
За да се поддржи позитивната улога на медиумите, професорот посочува дека е важно да се работи на медиумската писменост и регулација и мониторинг.
Но, дополнително, и како што вели, вклучување на гледиштата на жените – како поддршка за новинарките, блогерките и активистите кои можат да објавуваат и да ги споделуваат своите искуства, перспективи и анализи.

Во меѓувреме, во однос на жените политичарки, според Таневска Јанева, тие неретко се прикажани на медиумските фотографии на сексистички начин, не само во таблоидите, туку и во угледните медиуми, посочува таа. За Таневска Јанева, проблемот на гледање на овој начин на жените е проблем на оние кои гледаат на искривен начин.
„Дегутантни се анализи на изгледот на политичарки, жени министерки кои често се мета на коментари за нивниот изглед што ретко или речиси никогаш не се случува со нивните колеги. Ова е уште еден ‘товар’ на сметка на жените за кои не е доволно да се успешни и моќни туку задолжително мора да го исполнат и стандардот за физички изглед на јавноста. За жал ова говори за ниското ниво на свест кај јавноста која коментира и поддржува вакви ‘вести’“, децидна е таа.
Како што вели Јанева Таневска, видливоста на жените во јавниот простор треба да се случи, но не по основ на род, туку на жените да им се даде шанса да докажат и покажат дека се компетентни, способни и успешно се носат со предизвиците исто или подобро од колегите мажи.
„Со вклучување на жени во областа на известување и уредување се дава можност за балансирано и инклузивно известување за родовите теми, со што се влијае на тоа како се известува за родови прашања и како и дали ќе се репродуцираат родови стереотипи во медиумите. Кај нас жените често се поприсутни во емисии кои покриваат секојдневни теми – здравство, домаќинство, квизови и сл) но имаме примери и на успешни жени новинарки и уреднички кои и тоа како го поткреваат стандардите во новинарската професија“, децидна е Таневска Јанева.
Инаку, во анализата на АВМУ беа обработени 412 тематски целини и прилози и 37 забавни емисии емитувани во периодот од 15 мај до 16 јуни 2022 година на девет телевизиски канали на државно ниво.
Авторка: Маја Терзиова