Дипломираните студенти ќе почекаат за ретроактивно да ја добијат сумата од покачените стипендии

0
172

Кога во учебната 2021/2022 година започна исплатата на студентски стипендии со зголемен износ, тоа покачување важеше само за оние студенти кои првпат аплицираа. Покачениот износ пак, не важеше за тие студенти со активни договори пред да се најави покачувањето, односно тие кои земаа стипендии пред одлуката за покачување.

Токму врз таа група студенти, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во декември 2021 година, утврди индиректна дискриминација извршена од Министерството за образование и наука (МОН).

Во одлуката се образложува дека дискриминацијата е врз основа на образовен статус и повреда на правото за еднаков третман при користењето студентски и ученички стипендии на повисок износ кон студентите и учениците кои правото на стипендија го оствариле пред таа учебна година.

Но, во меѓувреме, некои од студентите веќе дипломираа и не успеаа да го добијат зголемениот износ од стипендиите, додека МОН неодамна објави анекси на договорите за ученички и студентски стипендии за сегашните студенти и ученици.

Она што за ПИНА го велат од КСЗД, а што всушност стои и во едно од соопштенијата објавено на веб сајтот на МОН е дека дополнително ќе се утврдува правен основ за ретроактивно исплаќање на разликата на учениците и студентите чии договори се завршени, односно веќе го завршиле средното образование или дипломирале.

Министерството за образование и наука досега не одговори на нашите прашања во однос на тоа дали на дипломираните студенти ќе им се исплатат сумите од стипендиите и зошто на групата студенти кои земаа стипендии со понизок износ не им беа покачени стипендиите во академската година кога почна исплаќањето со повисок износ. Дополнително, не добивме одговор и на прашањето колкава е бројката на студенти кои во таа академска година земаа стипендии со стари договори, а кои веќе немаат активни договори и на кои првично требаше да им биде доисплатена разликата.

Од КСЗД велат дека МОН ги известиле за објавен повик на нивната веб-страница до сите студенти и ученици кои примале пониски стипендии да потпишат Анекс на постоечките договори за да можат да добиваат стипендии со повисок износ.

„Добивме писмено известување од МОН дека Анексот ги исклучува студентите/учениците кои во меѓувреме дипломирале, односно го завршиле средношколското образование и се спречени во можноста да ја добијат разликата во износот на стипендијата, како што препорача Комисијата“, наведуваат од КСЗД.

Комисијата претходно му препорача на МОН да направи измени и дополнувања на Програмите за студентски односно, ученички стандард со соодветни буџетски импликации за изедначување на износот на стипендиите на повисокиот износ – 6.050 денари за сите студенти, односно 3.500 денари за сите ученици кои правото на стипендија го оствариле пред конкурсот за таа учебна година.

Од Комисијата додаваат дека согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, ќе продолжат да го следат исполнувањето на Препораката се до нејзино конечно и целосно исполнување и за таа цел, ќе ги преземат сите законски надлежности што ги има утврдено Законот.

Студентите инсистираат правдата да биде задоволена

Иако моментално се бара правен основ за ретроактивното исплаќање на разликата за оваа група студенти, сепак не се знае кога би имало повеќе информации за начинот на исплаќањето, како и за периодот во којшто би можело ова да се реализира.

Х.Г е дипломирана студентка која била корисник на стипендијата за редовни студенти од социјална категорија и вели дека уште пред да ја запише последната година од студиите, се најавило покачување.

„Земав 3.300 денари девет месеци во годината, а со покачувањето за мене и за другите студенти стипендијата требаше да изнесува 6.050 денари месечно. Нов конкурс беше објавен, но ние требаше да се откажеме од старите стипендии и да аплицираме на новиот конкурс, со што бевме ставени на ризик да ги изгубиме и двете“, вели таа за ПИНА.

Таа објаснува дека од страв да не ја изгуби и таа стипендија која тогаш ја земала, не аплицирала на новиот конкурс.

„Комисијата за заштита и спречување од дискриминација донесе одлука со која се утврди дека постои индиректна дискриминација врз нас, па така таа година од МОН можеа да изготват анекс на договорот за тие стипендии кои ги земавме ние. Сега ние дипломиравме, а Анексот којшто беше објавен на страната на МОН се однесуваше на студенти кои се со активни договори, односно студенти кои се уште се активни. Последниот анекс им гарантира на активните студенти дека тие ја добијат ретроактивната исплата, но овде МОН има аргумент да не ја доисплати разликата кај нас, бидејќи нашите договори веќе се завршени“, смета таа.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ Славчо Темелковски вели дека за дипломираните студенти треба дополнително да се размисли за начинот како тоа ќе се регулира, дополнувајќи дека некој сега може да е вработен, а треба да добие стипендија по основ на студент.

Славчо Темелковски

„За тие кои се активни студенти, со новиот анекс ќе ги заштитиме на некој начин да не им се случи тоа што им се случува на оние студенти на кои треба ретроактивно да им се исплатат средствата, а во меѓувреме завршиле со додипломските студии. Тие што веќе се завршени, не биле правно заштитени во тој момент и всушност тие се најоштетени во целата приказна. Оние студенти што во моментов се активни, и да им завршат студиите, ќе биде изрегулирано тие уште сега да бидат правно заштитени со новиот анекс. За оние кои се веќе завршени а беше ветено ретроактивно исплаќање за нив, таму ситуацијата е уште отворена бидејќи се завршени студенти и сега тие да треба да потпишат некаков договор, а кај нив договорот нема да биде потпишан како тие уште да се студенти. Кога ќе се пресметаат средствата коишто им се должат само на активните студенти, испаѓа дека повеќе средства треба да се исплатат отколку средствата за студентски оброк на 30.000 студенти. Ние имаме информација од МОН дека во моментот кога правно ќе се регулира, ќе бидеме контактирани и ќе ги разгледаме реалните решенија“, објаснува Темелковски за ПИНА.

Инаку, од октомври 2021 година беа покачени сумите на сите групи студентски стипендии. Тоа покачување важеше само за оние студенти кои првпат аплицираа таа учебна година.

Автор: Кристиjaн Трајчов