Родовата еднаквост и еманципацијата на жените единствено водат кон подобро општество

0
135

Велигденското послание на владиката Петар во кое родовата еднаквост е опишана како богохулна и изопачена предизвика бура реакции деновиве во јавноста. Според него, се до појавата на феминизмот жената била сопруга, мајка и домаќинка, а денес, таа е високоеманципирана со забележителни позиции во општеството, но, често и разведена и самохрана мајка.

Младиот активист Станиша Станковиќ доаѓа од еднородителско семејство. Тој е дел од многубројните лица кои реагираа на велигденското послание на владиката.

За ПИНА тој вели дека ниту еден родител од задоволство не избира дали неговото семејство ќе биде самохрано или еднородителско. Дополнително, вели дека фактот што свештено лице се изразува на овој начин, е доказ, како што посочува, за перцепцијата и понижувачкиот однос кон секоја самохрана мајка и еднородителско семејство.

Станиша Станковиќ

„Чија вина е ако жена станала самохрана мајка или се развела? На самохраните мајки и еднородителските семејства им е потребна поддршка како од системот, така и од граѓаните, па вклучително се до свештените лица кои се неминовен дел од нашето општество. Огромен дел од самохраните и еднородителските семејства во Македонија се припадници/чки на на христијанската православна религија. Нема ништо спорно и неморално ако некој родител е самохран или разведен, а ги исполнува своите права и обврски како родител кон своето дете/деца“, смета Станковиќ.

Тој вели дека црквата е место каде со верниците треба да се проповеда и шири хармонија на љубов, мир, почитување, толеранција и разбирање, додавајќи „додека невкусните изјави од високи чинители на црквата, посебно лица со висок авторитет, уште повеќе ги продлабочуваат и онака присутните недоразбирања во нашето општество“.

„Неприфаќањето на различноста, немањето свест за толеранција, дискриминацијата и предрасудите се суштински проблеми, иако со години се водат и колективни и индивидуални стратегии за нивно надминување“, дециден е Станковиќ.

Во меѓувреме, младиот Станковиќ смета дека со вакви тези освен што се постигнува навреда кон самохраните родители, се постигнува и негативен ефект кај верниците и верничките во однос на црквата, со изјава дадена на еден од најголемите празници.

Тој додава дека без разлика дали некој е верско лице, политичка личност, јавна личност или обичен граѓанин не смее да потикнува повици за насилство, омаловажување, линчување или било каков вид на дискриминација.

Младите од семејна разновидност, дополнува Станковиќ ќе спроведат кампања за промоција и директно запознавање со младите од самохраните и еднородителските семејства, нивната животна битка и борка за себе-опстанок, предизвиците кои ги носи оваа судбина, нивните успеси и храброст.

„Тоа ќе биде една добра прилика и лекција за целото македонско општество дека ваквите млади од овие ранливи семејства треба да се поддржат, прифатат, еманципираат и да станат важечки фактор кај нас. Ќе испратиме силна порака дека сме функционални, борбени и силно се носиме со се она што го препишува животот“, истакнува тој.

Еманципацијата на жената не може да е негативна, затоа што преку неа жените добиле пристап до образование, пазарот на труд, а со тоа донекаде и финансиска слобода, смета граѓанската активистка Кристина Костова.

„Во пост-воениот период, родителите одбивале нивните женски деца да ги испраќаат на училиште, особено во руралните средини, кои тогаш биле и понаселени. Понатаму, во тој период младите жени не биле многу застапени на пазарот на работа, туку ги извршувале сите домашни обврски, а работеле и на поле или со стоката; нивниот труд бил неплатен, а тие, како дел од пошироко семејство, немале пристап до финансиите, со кои располагал оној што бил глава на семејството, односно нивниот свекор или сопруг. Ова не се случувало пред векови, па да заборавиме така лесно. Нашите баби сведочат за овие случувања во нивните животи, поради кои биле приморани да чекорат по патеката на ограничувања трасирана од традицијата“, вели Костова.

Кристина Костова

Според неа, кога жената има образование и особено финансиска независност, тогаш помали се шансите таа да трпи семејна ситуација во која е навредена, омаловажена, малтретирана и физички повредена.

„Впрочем, такви ситуации создаваат дисфункционални семејства, во кои иако бракот е ‘целовит’ и традицијата ревносно се почитува, но семејната атмосфера е неподнослива и создава тло за повеќегенерациски трауми за членовите на семејството. Затоа е подобро таквите ситуации да се спречат, отколку да се биде жртва во истите. Не е лесна одлуката да се биде самохрана мајка, но е и тоа како правилна одлука која ја носат жените чиј приоритет е добробитта на нивните деца, а и личната добробит, што никако не може да се смета за погрешно“, истакнува Костова.

Но, како што додава, не е погрешно ниту кога жените одлучуваат да не ги исполнуваат улогите кои патријархатот со милениуми им ги налага.

„Не е должна секоја жена да ‘се реализира’ како сопруга, мајка и домаќинка, впрочем, не секоја жена сака да го направи тоа. Жените заслужуваат заедницата да ги почитува и уважува нивните одлуки, а не да ги напаѓа и осудува“, смета Костова.

„Не е погрешно ниту кога жените се борат за и освојуваат забележителни позиции во општеството, било да е тоа во образование, здравство, јавна администрација, во приватниот сектор, во политика, во дипломатија итн. Напредокот и просперитетот на едно општество не може да ги исклучува жените“, децидна е таа.

Костова, во меѓувреме не се согласува ниту со констатацијата дека сите жени се еманципирани или дека навистина е постигната рамноправност помеѓу родовите, посочувајќи дека бројките говорат поинаку.

„Жените во нашето општество сè уште се значително позастапени во статистиката за жртви на семејно насилство, а позастапени се и во статистиката за жртви на мобинг, сексуално вознемирување и злоставување на работното место и во заедницата; на младите жени им е значително отежнат пристапот кон работни места поради можноста тие да засноваат семејство во иднина, не и на мажите; особено низок е процентот на жени сопственички на имот во земјава, особено на имот наследен од родителите, затоа што жените се исклучени од имотното наследство или самите се откажуваат од истото под притисок на традицијата, за мир во куќа. Жените секојдневно се соочуваат со пречки поставени од патријархатот, традицијата, родовата дискриминација и треба да изодиме уште долг пат до постигнување на таа рамноправност кон која тежнееме. Еманципацијата на жените и родовата рамноправност носи придобивки за целото општество, а на одредени центри на моќ им го отежнува процесот на контрола и манипулација со населението“, појаснува таа.

Костова смета дека мешањето на клерот или која било верска организација во државните и општествените случувања е противзаконско, додавајќи дека на Црквата и на Исламската верска заедница, ниту на било која друга верска заедница не ѝ се меша ниту една нерелигиозна оганизација.

„Јасно е дека црковното раководство ги шири старите религиозни догми, во кои сексизмот и шовинизмот се доминантни и општоприфатени, со цел да ја одржи, па и повторно да ја зацврсти својата политичка и економска моќ. Но, тоа мешање е во целосна спротивност со граѓанските интереси, рамноправноста и социјалната правда и претставува опасност за целото општество, поради што не смее да се дозволи“, изјави Костова.

Низа граѓански организации во заедничка реакција на Платформата за родова еднаквост побараа поглаварот г.г. Стефан итно да го разреши Владиката Петар поради, како што посочија, повреда на Уставот на Македонија.

Во нивната реакција, тие порачаа дека се длабоко загрижени од изјавата, додавајќи дека жените и девојките ширум светот и понатаму се соочуваат со системска дискриминација и маргинализација.

„Иако го почитуваме неговото право на сопствени мислења и верувања, не можеме да прифатиме дека феминизмот е опасна и деструктивна идеологија. Родовата рамноправност е основно човеково право кое е вградено во меѓународната правна рамка и е од суштинско значење за создавање на еднакво општество“, се посочува во заедничката реакција на 28 здруженија.

За пораките на владиката, се огласи и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска која порача дека „не е време за инквизиција“.

„Богохулие е отровот што го пушташ и со кој навредуваш и понижуваш 51% од популацијата. Не си ги разбрал поимите, но и времето во кое живееме. Не е време на инквизиција, Владико. Живееме во демократија. Во време кога можеби не секоја жена е гласна, храбра, но оние гласните и храбри се борат за родова еднаквост. За своите права и правата на секоја друга жена. За правата на секој поединец во општеството“, објави Тренчевска на социјалната мрежа Фејсбук.

Од Здружението „Акција здруженска“ за ПИНА велат дека ова не е првпат владиката или неговите колеги, како што рекоа, да ја скандализираат јавноста сведувајќи ги жените на родилки, прислужнички и послушнички.

„Тој е прилично доследен во ширењето паника за наводната пропаст на општеството, заради ‘морална деградација’ на ‘збеснатите жени’ кои никако не сакаат да бидат сместени во овие калапи. Она што ние го гледаме како опасност е неговата амбиција да глуми граѓанин и да тера медиумски бизнис кој му овозможува можност за непречено проблематизирање на човековите права и слободи на жените. Ова е политичко дејствување што би требало да му биде ограничено се додека е на висока привилегирана позиција во црковната хиерархија“, велат од „Акција здруженска“.

Владиката подоцна се дообјаснуваше во однос на изјавата за жените и во интервју за Телма телевизија кажа дека бил погрешно разбран и неговите изјави се однесувале на лицата кои сакале да го менуваат својот пол. Неколку недели пред велигденската порака, во јавноста беше објавено дека фирмата „Преобразба“ која е во сопственост на владиката добила дозвола за емитување телевизија која треба да почне да зрачи од 1 мај. Телевизија доби дозвола за општ, претежно забавен формат, а ќе емитува програма локално, во скопскиот регион. Владиката во интервјуто за Телма меѓудругото кажа и дека не треба никого да го интересира од каде ќе се финансира новата телевизија.
Авторка: Маја Терзиова