„Ваква состојба никогаш, никаде не се случила порано, овие недели ќе ни бидат лекција за цел наш живот и лекција која ќе мора да биде совладана од сите идни генерации на здравствените работници“, вели за ПИНА, Милена Стевановиќ, директорка на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Лекарите работат деноноќно во борба со корона вирусот. Тие се изложени на ризик секој пат кога се во контакт со пациент кој можеби е носител на Ковид 19. Голем дел од докторите работат непрекинато за да обезбедат доволно медицинска помош низ целата држава.
Милена Стевановиќ која ја предводи инфективната клиника во Скопје, вели дека во нашата земја се преземени соодветни и навремени мерки за превенција и третман на вирусот Ковид 19 и истите се менуваат согласно со развојот на настаните и потребите. Таа додава дека континуираното следење на состојбата е исклучително голема работа и бара огромна посветеност, професионализам и знаење. „ Ваква состојба никогаш, никаде не се случила порано, овие недели ќе ни бидат лекција за цел наш живот и лекција која ќе мора да биде совладана од сите идни генерации на здравствените работници“, дополни Стевановиќ.
Директорката додава дека несомнено секој ден се соочува со нов предизвик. Таа е во постојана борба со стравот од можниот тек на настаните, но тој не ја спречува да го даде максимумот за своите вработени во инфективната клиника и да одговори на секоја нивна потреба.
„ Интензивно читам што ново напишал светот и како можам подобро да го искористам нивното искуство. Се тоа да го организирам и да имам разбирање за сите емоции кои се многу интензивни, како кај пациентите така и кај здравствените работници и целиот персонал. Личната заштитна опрема е определена и прецизирана од СЗО. Нејзината намена е точно прецизирана за Ковид 19. Многу е значајно ЛЗО да се користи правилно, инаку нејзината функција е минимална. Ние ја имаме доволно од сите видови, различна опрема користиме при различни интервенции кај пациентите. Континуирано се надополнуваат потребните количини. Грижете се за туѓото здравје како што се грижите и за своето. Сфатете ја состојбата сериозно и придржувајте се до дадените препораки.“
Прилагодување на условите кои нашиот здравствен систем ги нуди
На големи предизвици се изложени не само докторите кои ги лечат пациентите со Ковид 19, туку и останатите кои секојдневно имаат контакт со тековните пациенти. Дел од нив не размислуваат премногу за можноста самите да се инфицираат и велат дека се тренирани да се соочуваат и со вакви ситуации.
„Ова е можеби најголемиот предизвик со кој ќе се соочиме како генерација, без право на грешка, со само една шанса да го дадеме најдоброто од себе“, вели докторот Борислав Калковалиев.
Според Калковалиев кој е доктор по ортопедска хирургија во Градска Општа болница „8ми Септември“ и покрај тоа што е во тренд миграцијата на медицинските лица како во светот така и кај нас, нашиот здравствен систем се избори за многу краток временски период да биде трансформиран и организиран за работа во вонредна состојба. Тој додаде дека за целосната оцена како се справува нашата држава со моменталната пандемија, потребен е одреден временски период од моментот на завршување на епидемијата, за да може реално да се согледа како нашиот здравствен систем одговорил на оваа појава.
„Иако, глобално мерките и активностите се диктирани од страна на Светската Здравствена Организација, истите мораме да ги прилагодиме на условите во кои ние како држава и народ се наоѓаме. До овој момент, тоа го правиме добро“, вели Калковалиев.
Вели дека најголем предизвик е неговото работно време во опкружение на пациенти кои се потврдени позитивни на вирусот, но ништо помал не е предизвикот ниту онаму каде што нема заразени, но секој пациент со кој сте во контакт е потенцијален преносител. „Сметам дека медицинските работници и потенцирам, не само лекарите туку и сите медицински сестри, техничари, лаборанти, болничари и административни работници, покажуваат храброст во одбрана на граѓаните и државата која е за секоја почит и воодушевување “- дополни тој.
Според Калковалиев многу посилни здравствени системи и економии потклекнаа со пандемијата на вирусот Ковид-19. Тој вели дека со оглед на тоа што болницата во Њујорк поради напливот на пациенти наиде на дефицит од заштитна опрема, овој проблем кај нас е сигурно и поголем.
Група волонтери изработуваат 3Д заштитна опрема и обезбедуваат заштитни визири не само за медицинските работници, туку и за сите припадници на јавните сервиси кои се изложени на опасност од вирусот Ковид-19.
“Сакам тука да изразам почит и благодарност до сите активни учесници во иницијативата 3Д принт на медицинска опрема, која настана по идејата на Асоцијација на специјализанти и млади лекари, а преку која на волонтерска основа се изработија заштитни визири за медицинскиот персонал на територијата на цела држава, а истата секојдневно расте во својот интензитет и обем. Донации секојдневно се обезбедуваат од сите страни, вклучени се пред се текстилната конфекција, но и сите фирми и граѓани кои на секој начин можат да помогнат “ вели тој.
Пациентите со ретки болести бараат дистрибуција на терапијата
Родителите на децата со ретки болести се соочуваат со отпуштање од работа, нецелосна плата и недостапност на лекови од странство за нивните деца, се жалат од здруженијата на овие лица. Според нив, родителите на деца со ретки болести не се на листата кои се ослободени од работа за време на рестрикциите поради коронавирусот.
Според Весна Алексовска, претседател на здружението на граѓани за ретки болести „ Живот со предизвици“ иако од Министерството за здравство споменале дека секој треба индивидуално да поднесува и да се решаваат случај по случај, досега дел од оние што поднеле, добиле одговор – „листата која веќе е објавена.“ „Тоа е само цитирање и избегнување, а не соодветен одговор. Соодветна, да даде мислење за овие дијагнози е Комисијата за ретки болести со која треба да се консултира Комисијата за заразни болести“, вели таа.
„ Дознавме дека им се кажува на дел од пациентите да паузираат некое време со терапија за да не доаѓаат на клинички центар. Од средината на март наваму, на пациентите со дијагнозата „Гоше“ им е паузирана терапијата, односно им е кажано да не доаѓаат поради состојбата.“ Таа додава дека нивните барања се да се дозволи домашна инфузија за пациентите со ретки болести таму каде што е можно или да се дистрибуира терапијата во градовите во кои живеат, во соодветна здравствена установа.
Автор: Маја Терзиова
Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на оваа сторија е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.