Моменталната состојба со која се соочува нашата земја ги затвори книжарниците, ги одложи саемите за книги и доделувањата на книжевни награди, но го поттикна творештвото на авторите бидејќи пандемијата предизвикана од Корона вирусот е време кога целосно можат да се посветат на нивните дела.
Низ историјата, светот се соочувал со непогоди, кои оставиле цивилизациски траги. Александар Пушкин, еден од најголемите руски писатели, во 1830 година бил сведок на период на епидемија со колера кога целото население го поминувало времето социјално дистанцирано и во карантин. И тогаш успеал да ги создаде едни од најкомплексните негови дела – „Евгениј Онегин“, осмо и деветто поглавје, „ Приказни на Белкин“ и „Малите трагедии“. Но покрај него, со такви искуства се соочиле и Ернест Хемингвеј, Владимир Ленин, Џозев Бродски, Лоренс Врајт кои и тогаш успеале да создадат врвни дела. Но, дали создаваат и што пишуваат сега нашите домашни автори? Дали изолацијата ќе биде плодна фаза за ново книжевно дело во ерата на Ковид 19?
„Бев на писателски престој во Софија кој го прекинав десетина дена пред предвиденото поради ескалација на ситуацијата со Корона вирусот и во Бугарија и кај нас. После деветчасовното ужасно искуство на граница, конечно завршив во државниот карантин „Ибис Стајлс“. Таму, брзо си дојдов на себе благодарение на добрите услови, како и на целиот тим што се грижеше за сите луѓе сместени таму“, ни го пренесува своето карантинско искуство писателката Фросина Пармаковска, добитничка на наградата „Роман на годината“ за романот „Одбројување“. Таа во претстојниот период својот претходно дефиниран распоред ќе го замени со фаза на социјално дистанцирање следејќи ги мерките посочени од Владата.
И младиот писател Петар Андоновски имал прецизни планови за овој период од годината, „Во март требаше да имам промоција на бугарското издание на мојот роман „Телото во кое треба да се живее“, а во јули требаше да престојувам на писателската резиденција во Ново место, Словенија, но тоа останува за некои поубави времиња”, вели Петар.
Осамувањето не е туѓо за македонските писатели
И наспроти професионалните планови денес домашните писатели се соочуваат со форма на осамување, состојба која за нив не е туѓа.
„Пишувањето, особено пишувањето роман е професија која изискува тишина, осамување и изолација така што, лично мене препораките кои се актуелни во моментов наложуваат една динамика на живеење која што ми е многу добро позната, и тоа на поголем временски период од овој до сега. Мојот најдолг период на еден вид самоизолација, во мера според која социјалните контакти се сведени на минимум, а движењето се сведува единствено на пазарење, ми е периодот кога го пишував мојот роман „Вишнова хроника“ и траеше точно шест месеци поминати на викендичка. Воедно, тоа е еден период на кој секогаш со радост се потсетувам – вели таа и смета дека оваа ситуација не ја намалува нејзината продуктивност, туку ја следи и се вклопува во нејзиниот ритам. Покрај инспирацијата, дисциплината исто има огромна важност. Она што за многумина претставува проблем во извршување на професијата, за авторите е вистинско олеснување бидејќи сега конечно можат да се посветат на својата пишувачка дејност“, истакнува Пармаковска.
Писателот Венко Андоновски смета дека самоизолацијата не може да влијае негативно врз оној решил да си посвети малку време на себеси. Според него уметниците, писателите, сликарите и музичарите своите најголеми дела ги креираат кога се сами со себе и додаде дека нема поубаво нешто од тоа себеси да се земеш како предмет на проучување.
„Епидемии имало и ќе има, тие уништувале цели економии и цивилизации, но и го менувале светот, отворајќии нови циклуси за обнова на човештвото. Камо среќа и овојпат да биде така, и јас верувам во нова ренесанса на човекот, не во крај на светот. Впрочем во митските циклуси на обновата смрт не постои, туку таа е секогаш нов почеток на нешто друго, а јас како уметник мислам во категориите на митското, не на историското време. И што е поважно секогаш кога имало епидемии и кога смртта, со косата во рака, можела да тропне на која порта сака, луѓето се преиспитувале и погледнувале во себе. Посебно уметниците. Така и јас оваа самоизолација, ја користам да подвлечам црта под сето она што сум го направил да видам каде и кому сум грешел, да размислам по кој пат натаму да одам. Така што, во фаза сум на интроспекција, а тоа е одлично за пишување. Моите колеги знаат за што зборувам. Кога човек има што да каже, најдобро е да остане сам, зошто тогаш е во најдоброто можно друштво“, додава тој.
Пандемијата како поттик за инспирација и креативност
Во време на пандемија препораките се дека треба да бидеме социјално дистанцирани и да останеме дома. Македонските автори ни опишуваат како го доживуваат периодот на изолација.
„Мене оваа изолација ми дојде супер. По цел ден пишувам. Од една страна сум среќен што најпосле имам време да го правам тоа што најмногу го сакам и за кое мислам дека најмногу ме бидува да го работам, а од друга страна пишувањето ми дојде како терапија. Додека пишувам пред мене се отвара еден нов свет, тоа ми го олеснува седењето дома. Пишувањето е осаменички чин. За да можете да пишувате потребни се мир и тишина, само така може да се слушне сопствениот глас. Затоа колку и да звучи бизарно ова е вистинско време за писателите“, вели Петар Андоновски и додава дека нема професија која не се соочува со криза бидејќи додека целиот свет е во застој, книгите не се објавуваат, промоции нема и сите книжевни настани се откажани.
И за Билјана Црвенковска, авторката на детска литература во чии дела „Светот на Биби“ и „Пет плус фамилија“, најмногу уживаат децата во моментов времето на вирусот Ковид 19 несомнено влијае на нејзината инспирација.
„Од самиот почеток ги почитувам препораките и сум во карантин, освен сосема ретките излегувања за да ги набавам неопходните продукти. Продуктивна сум како и секогаш, пишувам многу, но ми недостига главната инспирација – планините. Дури и Водно ми е сега далечно и недостапно, а тоа ми создава немир и тага. Сепак, во таа тага најдов нова инспирација и почнав нов роман, иако годинава тоа не ми беше во план. Се надевам дека ќе биде и подобар од претходниот, иако сосема различен“, вели таа.
Нови дела како исход од пандемијата
Во период кога главната работа се извршува од дома, авторите во нашата земја не информираат како го користат времето и она што е заедничко за сите е дека имаат плоден творечки период и нови романи во најава.
„Во постојана борба со егзистенцијата се помалку ни останува време за пишување, но уште пред да ни се случи ова започнав да го пишуват мојот нов роман „Неверство“ кој треба да излезе на есен“, вели Андоновски.
Според Пармаковска, овој период за неа е сосема идентичен со секој оној кога создава ново дело. Тоа за неа не е непозната појава.
„Времето кое го минував во Софиjа на писателскиот престој, пред пандемијата не се разликува многу од времето кое го поминувам сега и начинот кој го налагаат мерките за спречување на ширењето на заразата. Воедно, не се разликува многу од наредниот период, би рекла од неколку месеци кога би ја напишала и последната страница на романот“, вели таа и додава дека романот на кој работи моментално е непознат и за неа, но е сосема задоволна од корелацијата на нејзиното пишување од една и останатите активности во денот од друга страна.
Моменталната состојба може да донесе поголема слобода на креативниот ум и огромен простор за посветување на новите дела истакнува Билјана Црвенковска која неодамна го објави првото бесплатно електронско списание за деца „Чудна шума“ а работи и на нов роман. „Верувам дека писателите наоѓаат инспирација и во најневозможните ситуации и дека од нив се раѓаат и најдобрите и најкомплексните дела.“
Автор: Маја Терзиова
Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на оваа сторија е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.