Работнички права во време на пандемија

0
1337
Извор: Хелсиншки комитет за човекови права

Вработени во „Макпримат“ се жалат дека ги изгубиле работните места, како и дека биле одјавени од работа без нивно знаење. Пандемијата КОВИД-19, покрај тоа што донесе страв за здравјето на луѓето, го засили и стравот од губење на работните места кај работниците но и од финансиски загуби кај работодавците.

Досегашната општа слика е дека во државава има доста отпуштања во време на прогласена вонредна состојба, со што се прекршуваат основните работнички права.
Хелсиншки комитет за човекови права објави дека само од 10-ти до 31-ви март до нив стигнале 60 пријави за прекршување на работнички права, кои опфаќаат 1554 работници.

Работниците во државава, во време на пандемијата, покрај прекршоците како што е неисплаќање на плати и непродолжување на договори, најмногу се соочуваат со откази и принудно спогодбено раскинување на довори за вработување.

Кристина Ампева од „Гласен текстилец“– здружение на граѓани работници во текстилната, кожарската и чевларската индустрија, вели дека многу од работниците поради ситуацијата во која се наоѓаат, дури и премногу очекуваат од нив како здружение, со оглед на тоа што тие се само невладина оргнизација од која ништо не зависи, како што и самата таа вели „Постоиме да упатуваме апели и да даваме препораки, тука сме за да нашиот глас дојде до власта и стопанствениците“. Ампева вели дека иако здружението „Гласен Текстилец“ е насочено само за текстилна индустрија, до неа често стигаат поплаки од цел приватен сектор, маркети, аптеки, хотели, ресторани, но 90% од поплаките, вели таа, се текстилни работници.

Работниците во конфекциите се едни од најпогодени од пандемијата, во однос на тоа што многу често таму работат по сто по двесте луѓе, каде што условите за одржување на социјална дистанца се речиси неизводливи, а според статистика на Гласен Текстилец, се работи за работници со старосна граница над 45 години, кои согласно СЗО спаѓаат во поризични групи,  исто така патуваат збуткани во автобуси до работа, па сето тоа придонесува да се исплашени за нивното здравје. А, покрај тоа се исплашени и од губење на работните места.

„Знам дека ситуацијата е лоша за сите, но фалсификување потписи или вадење на истите од фиока не е решение во овие моменти. Како што е случајот со Макпримат – конфекцијата во Скопје“, посочува Кристина Ампева.

Таа раскажува дека до неа најмногу стигаат поплаки во однос на непреземени мерки за заштита, работници кои бараат да не работат додека е најголемиот пик, но на крај од денот се зависи од стопанствениците, вели таа.

„Штип е текстилен град, голем дел од населението е во текстилната индустрија, градоначалникот озбилно ја сфати работата и алармираше и тој до работодавачите и превозниците кои ги носат работниците од постојки до работно место, и може да се каже дека се држат до мерките да не се преоптеретени автобусите, да се со маски на работните места, а таму каде што работници ни дојавуваат дека немаат апсолутно никакви услови како немање дезинфекција, заштитна опрема, и слично, веднаш се јавуваме, се излегува на терен и ситуацијата веднаш се менува, изненадена сум од соработката со трудов инспекторат. Но дали треба да чекаме инспектор да отиде во фабрика за да добијат вработените заштитна опрема?!“ – додава Ампева.

Според некои од пријавите кои стигнале до Гласен Текстилец, во Крива Паланка има отпуштање во две фирми, во Штип претежно се прекинуваат договори на жени кои се дома со деца и хронично болни, „малку фирми тоа го прават, но не е дека ги нема“ раскажува Ампева.

Конфекции во Скопје исто така отпуштаат, една од нив е „Макпримат“

До Ампева стигнале поплаки од отпуштени работници отаму, кои велат дека не се сеќаваат дека потпишале изјава дека се согласуваат на спогодбен отказ, а на образецот се гледа дека е спогодбен.

Н.Д  е еден од отпуштените од „Макпримат“, заедно со уште 50 други колеги.Тој во конфекцијата бил вработен како шивач, но работел на повеќе позиции, две години, со договор на неопределно.

„Во сабота, 14.03.20, не повикаа на состанок и ни кажаа да седиме дома, бидејќи сега нема работа, ќе ни биде платено, но ќе бидеме повикани на работа. Во вторник отидов на лекар видов дека немам здравство, дека сум одјавен и јас и моите колеги. Му се јавивме на газдата, повторно истото ни го рече дека ќе не повика кога ќе треба, но, вели ако си најдете друга работа во меѓувреме во ред“, раскажува отпуштениот работник.

„Во документи од заводот стои дека за спогодбен отказ станува збор, но ние не сме потпишале ништо. Кога попишувавме договори за вработување потпишавме и бланко но не знаеме ништо повеќе“, додава тој.

Поранешниот вработен вели дека побарале отказни решенија, им биле дадени М1 и М2, во кои стои дека спогодбено се одјавени од работа. Пријавиле за ситуацијата во Државен трудов инспекторат, но чекаат и да ја видат причината во отказните решенија. Фабриката има 250 вработени, а според последните информации од поранешен вработен таму, фабриката како и продавницата во Скопје се затворени, а сите работници се одјавени.

Н.Д вели дека можно е и да не се добие плата, а не ги добиле ни отказните решенија, па пријавиле и во Сојуз на синдикати на Македонија, каде оствариле и средба.

ПИНА се обиде да стапи во контакт со сопствеништвото на Макпримат за информација околу случувањата, но оттаму не одговараа ниту на телефонските повици, ниту на СМС и елктронските пораки.

Истражување на „Гласен Текстилец“, од  минатата година, покажало дека од 870 испитаници, работници во  текстилната, кожарската и чевларската индустрија, над 40% се на договори на определено време, што им дава за право на работодавците да ги отпуштат во било кој момент.

Адвокатката Софија Бојковска Дуковска вели дека од правен аспект, иако работодавачите се соочуваат со економска криза, не смеат во секој случај и по секој основ да ги откажуваат договорите за вработување на своите вработени во време на вонредна состојба. Додава дека работниците многу често не се запознаени со своите права кои произлегуваат од работниот однос, па прават огромни и круцијални грешки, што од страв, што под принуда.  „Прво, многу е важно за каков тип на договор за вработување станува збор, дали е договор склучен на определено работно време, на неопределено работно време, договор за пробна работа, договор за сезонска работа итн. Второ, основот за прекинување на договорот за вработување е исто така многу важен. Трето, времето во кое се откажува договорот за вработување и почитување на роковите предвидени како отказен рок.“

За да се утврди дали станува збор за реално прекршување на законот за работни односи, треба да се направи добра проценка на сите околности.

„До прекин на работниот однос доаѓа по сила на закон доколкудоговорите за вработување биле склучени на определено време, сезонска работа, пробна работа и сл., а самото важење на договорот истекол по изминување на временскиот период за кој бил склучен. За овие ситуации, веројатноста да се развие позитивен работен спор се речиси минорни“, вели таа.

Во овие денови на вонредна состојба, најчесто работодавачите се повикуваат на давање откази поради деловни причини (неликвидност на работодавачот) – вели адвокат Бојковска Дуковска, но, докажувањето на вистинското постоење на оваа околност е од клучно значење за успех во работниот спор, бидејќи не секогаш оваа околност како причина е оправдана и целисходна за прекин на работниот однос на работникот, особено не во време на вонредна состојба.

За да ги мотивира работодавачите да ги задржат своите вработени и покрај економската нестабилност, Владата донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на личен доход за време на вонредна состојба, во кој е предвидено дека работодавачите кои сакаат да искористат некои од поволностите кои се нудат со Уредбата имаат услов – да не го намалат бројот на вработени, сметано од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила три месеци по престанувањето на нејзината важност.

„На ваков начин, државата само се обидува да наметне обврска кај работодавачите да се грижат за своите вработени и да се издејствува што помала невработеност во вакви кризни моменти“, вели Бојковска Дуковска.

Законот за работни односи не предвидува права на вработени во време на пандемија, но Владата донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба.

Автор: Љубица Иванова

Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на оваа сторија е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.