Досега успеваме да ја израмниме епидемиската крива, што во голема мера се должи на раната имплементација на превентивни мерки, вели епидемиологот Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје за ПИНА. Во продолжение целото интервју со доктор Микиќ за сите предизвици со кои земјава се соочува во борбата со Ковид 19.
Ковид – 19 или корона вирусот го промени светот во здравствена, социолошка, економска смисла… Како епидемиолог и некој кој редовно ги проучува вирусите и инфективните заболувања, дали ве изненадува она што сега се случува, што за многумина е надреално? Го потценија ли многу земји потенцијалот на овој нов вирус кој го напаѓа човештвото?
За жал епидемиолозите а и други јавно здравствени работници и научници, предвидуваа дека е можна пандемија, всушност прашањето беше кога ќе се случи следната пандемија, не дали ќе се случи. Не случајно Светска здравствена организација (СЗО), како еден од 10-те приоритети за следната декада ја истакна и подготвеноста за одговор на епидемии (https://www.who.int/news-room/photo-story/photo-story-detail/urgent-health-challenges-for-the-next-decade). Она што малку ги изненади стручњаците е типот на вирусот, односно како вирус со најголем пандемски потенцијал се сметаа нови подтипови на инфлуенца вирусот.
Не би рекол дека многу земји го потценија епидемискиот потенцијал, се работи за нов вирус за кои сознанијата се менуваат од ден во ден, согласно и мерките кои земјите ги преземаат. Веројатно некои мерки можеа да бидат преземени порано, но одговорот кој што го гледаме на светско ниво кон новиот корна вирус е без преседан. Ниту еднаш во модерната историја не се приземни вакви рестриктивни мерки: затворање на граници, карантин на цели области, строги мерки за социјална дистанца и кампањи за користење на лична заштитна опрема. Мора да се потенцира дека за жал вакви мерки се неминовни во отсуство на специфични лекови или вакцина против ова заболување.
Кои се капацитетите на земјава за да се справи со една ваква здравствена криза, дали ќе успееме да не колабира нашиот здравствен систем? Ќе имаме ли доволно простор за сите пациенти во здравствените установи, соодветна медицинска опрема, респиратори, изолирани и адаптирани кревети, заштита за здравствените работници, како и доволно доктори и медицински персонал?
РС Македонија во моментов располага со доволни капацитети да ги згрижи сите пациенти на кои им е потребна хоспитализација поради тежината на заболувањето. Развиен е систем, во кој лицата со полесна клиничка слика се на домашно лекување со постојан надзор од матичен лекар и по потреба инфектолог. Со ова се намалува товарот на болничките капацитети, во кои се третираат пациентите со потешки форми на заболувањето КОВИД-19. Обезбедени се доволно респиратори и сместувачки капацитети со целокупната потребна медицинска опрема. Во моментов Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби ги прима сите потешки случаи, а Инфективните одделенија во болниците низ градот средно тешките случаи. Постои и план за дополнителни капацитети во случај бројот на заболени да се зголеми значително. Во однос на медицински персонал, постојат планови во Министерството за здравство, за прераспределба на здравствен кадар.
Сепак, треба да се има во предвид дека овие капацитети може да бидат надминати доколку не се почитуваат мерките и дојдеме во ситуација да се регистрираат голем број на заболени за кратко време! Токму затоа и се преземаат сите рестриктивни мерки – со цел да се зарамни т.н. епидемиска крива, односно да се забави ширењето на заболувањето. Ако тоа не се постигне бројот на лица на кои ќе им биде потребна интензивна нега ќе го надмине капацитети на здравствениот систем, како што беше случај во Италија.
Колку се обучени нашите доктори и медицинскиот персонал за справување со епидемија? Има ли можност да се ангажираат доколку има потреба и студенти по медицина кои се во крајните години на студирањето?
Бројот на епидемиолози во земјата е ограничен, но на располагање се ставени доктори и медицински персонал од други специјалности и превентивните гранки на медицината. По потреба секако ќе се вклучат и студенти по медицина пред се во одговарање на прашања на граѓани, анкетирање на контакти и помош при администрација со податоци.
Државата релативно рано почна со вонредни мерки како социјално дистанцирање и изолирање на случаи со Ковид 19 за да го намали ударот на кризата. Ќе успееме ли да ја „порамниме кривата“ (flatten the curve) во земјава и да избегнеме огромен број на случаи за краток период? Има ли некакви прогнози со бројки во однос на ваквите исходи без овие мерки и со нив?
Досега успеваме да ја израмниме епидемиската крива, што во голема мера се должи на раната имплементација на превентивни мерки, како што беа само изолација на патници кои се враќаат од земји со среден и висок ризик, рана дијагноза на симптоматски случаи и нивна изолација, идентификација на контактите и нивна само-изолација, социјална дистанца и мерки за лична заштита и хигиена..
Секоја епидемија има свој развој, врв и потоа опаѓање. Какви се прогнозите, кога се очекува да биде врвот кај нас и колку случаи би имале во следниот период? Кога би се очекувало локално да ја ставиме ситуацијата под контрола?
Многу е тешко прецизно да се прогнозира бројот на заболени лица, според досегашниот тренд се очекува бројот на заболени до крај на април да се движи околу 3000, доколку се придржуваме на мерките кои се издаваат од Министерството за здравство и епидемиолозите. Треба да се потенцира дека зборуваме за број на ДИЈАГНОСТИЦИРАНИ, што значи доколку се зголемат капацитетите за тестирање веројатно ќе добиеме и повисоки бројки.
Пикот на епидемијата го очекуваме до крајот на април, но тоа не може со сигурност да го тврдиме бидејќи динамиката на една епидемија зависи од многу фактори (социјална дистанца, временски услови, примена на лична заштитна опрема и строго почитување на мерките за само-изолација). Тоа што може да потврдиме е дека вирусот се шири полесно од првичните прогнози во јануари. Притоа не треба да се прави паника, сепак за да се пренесе заболувањето потребен е близок контакт со заболено лице! Треба да се појасни дека и асимптоматски случаи (тие кои сé уште немаат развиено симптоми) или лица со лесна клиничка слика исто така може да ја пренесуваат инфекцијата. Поради ова многу се важни мерките за социјално дистанцирање – одржување на растојание од 2 м и избегнување на групирање.
Постои надеж кај многумина дека високите температури ќе влијаат на вирусот и ќе го намалат капацитетот за преносот на вирусот, научниците низ светот се уште се поделени по ова прашање, што сметаат епидемиолозите за ваквите толкувања?
Сé уште не знаеме доволно за вирусот, претпоставка е дека како и другите респираторни вируси кои се шират по капков пат и новиот корона вирус (SARS-CoV-2) полесно се шири при постудени временски услови. Но, дали и колку ќе се забави ширењето на новиот корона вирус в летните месеци останува да видиме.
Какви сe лекови се користат во моментот за да се лечат пациентите кои ќе бидат заболени од Ковид 19? Дали сметате дека наскоро научниците ќе успеат да најдат решенија за Ковид 19 во веќе постоечки лекови за други болести кои би биле прилагодени за овој вирус и дали ние би можеле брзо да ги добиеме во Македонија?
Во моментов не постои специфичен лек за овој вирус. Кај нас се применуваат неколку протоколи кои се покажале како успешни. Третманот зависи од клиничката слика и здравствената состојба на пациентот, изборот на терапијата е одлука на инфетологот.
Едно од главните прашања во моментот во светот е кога би можеле да добиеме вакцина за Ковид 19, процес во кој веќе се „тркаат“ голем број на научни тимови и компании низ светот. Но може ли да објасните како би течел тој процес, кои се некои најоптимистични сценарија за една вакцина да дојде до нашата популација?
Точно е дека постојат повеќе тимови кои работат на создавање на вакцина против КОВИД-19, но процесот на пуштање во промет на вакцина е доста сложен. Секоја вакцина треба да помине низ фаза на пред-клинички испитувања, па дури потоа се одобруваат клинички испитувања. Клиничкиот експеримент се одвива во три фази: Во првата фаза се вклучени мал број на лица, потоа во втората фаза вакцината се дава на неколку стотини лица кои имаат слични карактеристики (возраст, здравствена состојба и сл.) како лицата на кои би се давала оваа вакцина. Конечно во третата фаза вакцината се дава на повеќе илјади доброволци со цел да се утврди ефикасноста и безбедноста. Во најдобро сценарио, минималното време би било од 12 до 18 месеци пред вакцината да ги помине сите фази и да биде одобрена за широка употреба. Овој период е неопходен бидејќи вакцината мора да биде и безбедна и ефикасна и не постои ни најмал простор за грешка.
Во одредени земји носењето маски е веќе задолжително кога се излегува надвор. Како помагаат маските и дали помагаат сите видови на маски за заштита од вирусот и дали таквата заштита е делумна или залудна кај некои видови маски?
Маски (хируршки маски) треба да носат болни лица или лица со симптоми доколку одат на лекар, со ова се намалува количината на респираторни “капки” кои доспеваат во воздухот и на површините кога заболено лице кашла или кива. Ако живеете лице кое е на домашно лекување, задолжително треба да носите маска ако кога сте во иста просторија и кога се грижите за лицето со КОВИД кое е на домашно лекување (http://zdravstvo.gov.mk/wp-content/uploads/2020/03/Upatstva-za-licata-na-domasna-nega-Covid19.pdf).
Препорачливо е здрави лица да носат маски во ЗАТВОРЕН простор каде има поголема густина на лица како што е градски сообраќај, помали маркети, работни простори каде има повеќе лица и сл. На овој начин се намалува ризикот за пренос и доколку некои од лицата е со асимптоматски инфекција.
Нема потреба од носење маски на отворен простор oсобено доколку одржувате растојание од другите минувачи и не се групирате при прошетки!
Останатите типови на маски се наменети за здравствени работници кои пружаат нега на заболени/сомнителни случаи на КОВИД19.
Земјите низ светот некои порано некои подоцна, веќе преземаат строги мерки за да се спречи ширењето на вирусот и освен силните пораки за миење раце и хигиена, тука е и социјалното дистанцирање, како и таргетираната самоизолација или карантин. Можете ли да објасните што значи всушност социјалното дистанцирање, доста луѓе тоа го толкуваат како порака дека не смее воопшто да се излегува надвор. Кои се вашите главни пет препораки за тоа како граѓаните да се заштитат од вирусот во моментот?
Инфекцијата се пренесува преку контакт, главно преку ситни капки кои завршуваат во воздухот кога заразениот човек зборува, кашла или кива. Капките се тешки и не можат да поминат големо растојание во воздухот – приближно околу еден метар и за кратко време завршуваат на било која површина. Поради оваа причина, пренесувањето кај луѓето најчесто се случува кога станува збор за блиски контакти.
Социјалното дистанцирање е мерка која го забавува (а може и да го спречи) понатамошното ширење нa инфекцијата. Тоа подразбира дека во нашиот социјален живот сега треба да држиме растојание поголемо од два метра со сите лица освен во кругот на семејството.
Излегувањето надвор но сами или со тесното семејство е корисно, излегувањето надвор треба да го искористиме за умерена физичка активност со цел да го одржиме телесното здравје а со тоа и да се зајакне имунитетот. Ќе повторам, мора да се избегне групирање!
- Одржувајте растојание со лицата околу вас!
- Носете маска само ако користите јавен транспорт, кога одите на лекар или во простории каде има повеќе лица истовремено!
- Често мијте ги рацете, течен сапун и вода се најефикасни, ако не може да ги измиете рацете користете алкохолно средство за дезинфекција.
- Не ги допирајте очите, носот или устата, бидејќи со контаминирани раце од површините може да си го пренесете вирусот
- Додека сте дома, одржувајте физичка кондиција, ограничете го времето кое го поминувате гледајќи вести и информации за КОВИД
Автор: Кристина Озимец
Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на оваа сторија е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.