Пандемијата на Ковид-19 го отежна нормалното функционирање насекаде на светот, а рестриктивните мерки, кои се составен дел од справувањето со здравствената криза, го ограничи правото на движење и нормален живот. Идеалот на еднаквоста сѐ уште е недостижен, а се чини дека глобалната криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот го направи уште подалечен. Изминативе две години ги исфрлија на површина бројните последици од нееднаквиот третман на луѓето во рамки на едно општество, а нееднаквоста се рефлектира и помеѓу земјите со различен степен на развој.
Маргинализираните, ранливите и сиромашните поединци и групи најсилно ги чувствуваат ефектите од здравствената и економската криза поради дискриминацијата на која се подложени, а која се одразува во пристапот до добра и услуги, во нивото на здравствена и друга заштита и во остварувањето на социо-економските права. Нееднаквата дистрибуција на вакцини низ светот сѐ уште ги отсликува огромните разлики меѓу државите. Од друга страна, како резултат на дезинформациските кампањи и манипулации во дигиталниот простор, се случува досега невидена поларизација на луѓето насекаде низ светот, со огромни последици, пред сѐ, врз јавното здравје, како и врз општествената кохезија, солидарноста кон послабите и нивото во јавната комуникација.
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска во разговор за ПИНА вели дека последиците од кризата имаа непропорционално поголемо влијание врз одредени групи во општеството, чии права се на удар и во т.н. ,,нормални околности’’, како на пример лицата со попреченост, луѓето во социјален и економски ризик, тие кои живеат во насилна средина…Таа потсетува дека справувањето со новонастанатата криза не смее да биде изговор за прекршување на човековите права и дека мерките треба да бидат преземени строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата.
Пандемијата го продлабочи родовиот јаз на пазарот на трудот
Хелсиншкиот комитет укажува дека структурната дискриминација и понатаму е највидлива во односот кон Ромите, лицата со попреченост, сексуалните и родовите малцинства, жените, лицата во затворени институции. Пандемијата го продлабочи и веќе постоечкиот родов јаз на пазарот на трудот. Од почетокот на пандемијата без работа останале повеќе жени отколку мажи.
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска за ПИНА вели дека последиците од кризата имаа непропорционално поголемо влијание врз одредени групи во општеството, чии права се на удар и во т.н. ,,нормални околности’’, како на пример лицата со попреченост, луѓето во социјален и економски ризик, тие кои живеат во насилна средина…Таа потсетува дека справувањето со новонастанатата криза не смее да биде изговор за прекршување на човековите права и дека мерките треба да бидат преземени строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата.
Во кои права задираат рестриктивните мерки
Пандемијата несомнено влијаеше на состојбата со човековите права, особено на правото на слободно движење. Со оглед дека во вонредна состојба Владата може да презема активности надвор од она што би било дозволено во нормални услови, Хелсиншкиот комитет веднаш по прогласувањето на пандемијата предупреди дека справувањето со новонастанатата криза не смее да биде изговор за прекршување на човековите права и дека мерките треба да бидат преземени строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата.
„Сепак, и во самиот Устав е регулирано дека остварувањето на правата може да се ограничи со закон во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста, водење на кривична постапка или, како во случајов, заштита на здравјето на луѓето. Тука мора да нагласиме дека речиси две години од почетокот на пандемијата, последиците од кризата имаа непропорционално поголемо влијание врз одредени групи во општеството, чии права се на удар и во т.н. ,,нормални околности’’, како на пример лицата со попреченост, луѓето во социјален и економски ризик, тие кои живеат во насилна средина итн“, вели Пировска.
Дали забраните во случај на одбивање на вакцинацијата, може да се подведат под сомнение дека се основ за дискриминација?
Мрежата за спречување и заштита од дискриминација излезе со став дека во целост ги поддржува предложените мерки од страна на Комисијата за заразни болести во делот за спречување на ширењето на Ковид-19 вирусот. Неколкуте организации, коишто се дел од мрежата, укажаа дека построгите мерки за обезбедување поголем опфат на имунизацијата се неизбежни доколку се цели кон заштита на животот и здравјето на луѓето. Нивниот став е дека индивидуалните права можат и треба да бидат предмет на ограничување кога зад целта на ограничувањето стои повисока вредност, како во случајот заштита на здравјето и животот на сите.
„Во врска со вакцинацијата, изминатава година излеговме со став и како Хелсиншки комитет за човекови права и како членка на Мрежата за спречување и заштита од дискриминација, дека мерките за справување со ковид-пандемијата се неопходни, бидејќи тие не претставуваат дискриминација затоа што заштитата на јавното здравје претставува легитимна цел“, вели Пировска.
Според неа, индивидуалните права може да бидат предмет на ограничување кога зад целта на ограничувањето стои повисока вредност, како во случајот заштита на здравјето и животот на сите луѓе во заедницата. Токму непреземањето на мерки од страна на властите со цел заштита на населението од коронавирусот би било повреда на човековите права. Според член 39 од Уставот, граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје, но и здравјето на другите.
„Токму затоа, забраните во случај на одбивање на вакцинацијата, во ниту еден момент не може да се подведат под сомнение дека би биле основ за дискриминација или во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права, како што се обидуваат да прикажат лицата кои се противат на имунизацијата“, децидна е извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Задолжителната вакцинација, која е предвидена со Законот за заштита на населението од заразни болести, во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение дека е во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права. Согласно чл.33 ст.7 од овој закон, министерот, на предлог на Комисијата за заразни болести, може да одреди вакцинација и за други заразни болести. Оттука, Мрежата за заштита од дискриминација смета дека е оправдано со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на општеството.
Мерките согласно меѓународното право и практика
Овие мерки се и во рамки на меѓународното право и практика на заштита на човековите права. Според пресудата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во случајот Vavřička and Others v. the Czech Republic задолжителната вакцинација на децата не претставува кршење на Европската конвенција за човековите права и слободи, туку е неопходна во демократско општетсво. Со задолжителната вакцинација се ограничува правото на приватен живот (член 8 од ЕКЧП) кое може да се ограничи поради заштита на јавното здравје. Судот во пресудата се осврнува на пропорционалноста на мерката и одредува широка маргина на дискреција на одлучување на државите како најдобро позиционирани да донесат соодветни мерки за заштита на јавното здравје. Мерката се смета за пропорционална, со легитимна цел, заштита на населението од болести.
Во случајот на француските пожарникари против Франција (Abgrall and 671 Others v. France 41950/21), во кој бараа од ЕСЧП да ја суспендира обврската за вакцинација, како и сите поврзани мерки кои можат да се донесат и со кои може да им се забрани вршењето на работата, ЕСЧП го отфрли брањето бидејќи смета дека е надвор од опсегот на правилото 39 според кое судот може да донесе привремени мерки, како итни мерки со цел заштита на правата. Судот потенцираше дека правилото 39 го применува само во случаи во кои некој се соочува со реален ризик од неповратна штета.
На национално ниво, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во јули оваа година донесе мислење според кое задолжителната вакцинација на деца како услов за да се запишат во основно образование не претставува дискриминација на кој било основ. Комисијата донесе општа препорака која вели дека законите, мерките, препораките и други релевантни акти коишто се во насока на спречување, лекување и контрола на ситуација на епидемиски, ендемични и други болести не претставуваат кршење на правото на приватноста на индивидуата, на неговиот личен и семеен живот и на достоинството и угледот.
Паралелно со пандемијата на Ковид-19 се разви и пандемија на лажни вести и дезинформации. Дали тоа е најголемата опасност којашто го минира справувањето со најголемата здравствена криза на нашето време?
Уранија Пировска за ПИНА вели дека кога личните мислења и ставови ќе добијат примат врз фактите и науката, тоа е секогаш опасно, а пандемијата енормно го засили интензитетот на лажни вести и дезинформации. Состојбата во која се најде целата планета, загрозено здравје и живот, неизвесност, мерки кои го нарушија секојдневното живеење, е максимално искористена од страна на тие кои ги шират теориите на заговор и ги доведуваат во заблуда луѓето, а со тоа и во директна опасност.
„Неслучајно во нашите апели изминатиов период посочувавме граѓаните да се информираат од релевантни извори, засновани на научни сознанија и препораки и да ги отфрлат дезинформациите и конспиративните теории, затоа што тие се на штета на личното и јавното здравје и водат кон понатамошни поделби во општеството.Најопасно е што и поттикнувањето на вакви поделби честопати е политички мотивирано, без да се има никаква одговорност за последиците“, додава таа.
Што можеме да научиме за време на пандемијата?
Пандемијата покажа колку е важна солидарноста, но и колку ни недостига оваа вредност во современото живеење, вели Пировска. Таа укажува дека е поразително да се гледа колку е намалена колективната свест и рационалниот пристап за прашања кои ги засегаат сите, како што е јавното здравје.
„Не изостана ниту поривот да се профитира од пандемијата. Од друга страна, оваа голема криза на некој начин на сите ни ги отвори очите за приоритетите кон кои треба да се фокусираме, и на лично и на општествено ниво и создаде нови мрежи на поддршка како одговор на изолацијата и неизвесноста“, вели извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Aвтор: Даниела Зафировска