Приоритет за младите се вработувањата, проблеми – партизираноста и непотизмот

0
123
Фото: ПИНА

Најголем приоритет за младите е вработувањето, а тие најмногу се разочарани од партизираноста, непотизмот, инфраструктурата во местата каде што живеат, загадената животна средина, недоволно спортски и културни настани, покажува истражувањето спроведено од „Младите Можат – Youth Can“, по повод месецот август кој е посветен на младите.

Истражувањата спроведени во Кочани, Струмица и Велес, покажуваат исти приоритети и проблеми.

„Разочарaнoста на младите во Кочани е предизвикана од недостатокот на работни места (34,5%), партизираноста и непотизам (20,6%). Од областа на инфраструктурата, според младите испитаници 18,1% сметаат дека немањето на велосипедски и пешачки патеки е клучен приоритет, а 16,9% ја наведуваат лошата инфраструктура. Кај животната околина, според младите двата приоритети се однесуваат на преголемата загаденост на воздухот 26,5%, отпад и загаденост на јавни површини, 22,5%. За младите во областа култура и спорт најприоритетни се непостоење на културни манифестации за млади, 46% како и непостоење на културен центар 40,2%,“ се вели во истражувањето.

Слична е и состојбата во Струмица, каде што во однос на вработувањата, младите како проблеми ги истакнуваат партизираноста и непотизмот (23,1%) како и немањето на соодветни вештини и искуство, (21,4%).

За приоритетни проблеми за решавање ги сметаат небезбедноста во сообраќајот, преголемиот број на автомобили, преголема загаденост на воздухот, негрижа за уличните животни, а како проблем ги истакнуваат и алкохолизмот и наркоманијата меѓу младите.

„Како два приоритети за младинско учество според испитаниците од општина Струмица произлегуваат од недостатокот на настани и програми за вклучување на младите, (19%) и невклученост и недостаток на консултација со младите во работата на општината/локалната власт, (18.8%). Од областа на културата и спортот се издвојуваат непостоење на културни манифестации за млади, (39 %), како и немање на игралишта и сали заспортски активности, (31.3%),“ покажува истражувањето.

Имајќи ги предвид наведените причини за незадоволство, две третини од учесниците во истражувањето изјавиле дека би се преселиле надвор од општината веднаш, а доколку имаат можност и надвор од државата.

Младите на маргините во донесувањето одлуки

Истражувањето на „Младите Можат – Youth Can“ покажуваат дека младите не се вклучени во процесот на креирање на младинска политика и не се вклучени во донесување на одлуките во нивната заедница (32,8%). Оттука, потребно е да им се даде шанса, да понудат свои предлози и идеи кои треба да бидат реализирани, со цел подобрување на нивната состојба во општеството.

Огромен процент од младите не знаат што значи поимот младинска политика (85,9%) и не се запознаени со можностите и ситуациите, каде и на каков начин можат да влијаат.

„Младинска политика претставува збир на мерки и активности кои се преземаат за да се задоволат потребите на младите, а со цел остварување на нивниот полн потенцијал. Дел од учесниците во истражувањето сметаат дека всушност младите се највиновни за нивното невклучување во процесот на донесување на одлуки кои се од нивни интерес. Онлајн анкетите во општините Кочани, Велес, Струмица покажуваат дека огромен процент од младите не знаат што е поимот младинска политика (85,9% Кочани), (69,6% Велес), (80,6% Струмица),“ се вели во истражувањето.

Младите исто така не се вклучени и во процесот на донесувањето на буџетот во нивните општини. Нивното учество во овој процес е од особено значење имајќи предвид дека треба да даваат предлози за проекти, кои ќе го подобрат квалитетот на нивниот живот на локално ниво, и ќе се носат одлуки во нивен интерес.

„Во Кочани, само 10,7% од младите учествувале во подготовката на програмата и буџетот. Повеќе од половина 53,5% од испитаниците во Струмица одговориле дека никогаш немале можност да учествуваат во ваков процес. Огромни 68,5% од младите во Велес, одговориле дека никогаш немале можност да учествуваат,“, велат од „Младите Можат – Youth Can“.

Од таму сметаат дека и покрај ваквите резултати, очекувањата се дека младите треба да бидат вклучени во општествените текови и во процесите на одлучување, особено на теми кои директно ги засегаат.

Резултатите од истражувањето спроведено од „Младите Можат – Youth Can“ покажаa дека сите млади учесници сакаат да бидат дел од процесите на донесување на одлуки и да придонесуваат за подобрување на работите, но дека нивниот глас и понатаму е стишен за локалните самоуправи.

Во само шест општини формиран Локален младински совет

Драгана Митровиќ, младински работник од Штип и учесник во работните групи за креирање на новата Национална стратегија за млади, за ПИНА.мк вели дека во Македонија во моментов има само шест функционални младински центри кои се воспоставени согласно Законот за младинско учество и младински политики и Правилникот за стандарди за квалитет на младинските центри и работат секојдневно, а истите се лоцирани во Кавадарци, Куманово, Велес, Охрид, Пробиштип и Битола.

„Согласно „Мониторинг извештајот за имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики 2023“ подготвен од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), само 19 општини (23%) го имаат формирано Локален младински совет (ЛМС) согласно одредбите од Законот.

Дополнително, од промовираните наоди од „Анализата на издвоени средства за Законот за младинско учество и младински политики 2022 г.“ од Фондацијата за демократија на Вестминистер,  дознаваме дека само 6 општини формирале Локален младински совет во 2022 година, а други 4 издвоиле средства за ЛМС во 2022 год., но не ги реализирале бидејќи ЛМС не се формирал,“ изјави Митровиќ за ПИНА.мк.

Таа објаснува дека Младинските центри и Локален младински совет, се сосема две различни работи и нивното функционирање не е меѓусебно зависно.

„Ако во една општина би имало функционален Локален младински сивет, би можел (и би требало!) да допринесе кон основање на Младински центри преку своите напори за застапување и поставување на потребите на младите како приоритет во секоја општина. Бидејќи, ЛМС „имаат советодавна и застапувачка улога во општините“ (чл. 16, ЗМУМП) и се тело кое се воспоставува со цел да се зајакне младинското учество, во процесите на носење одлуки.

Од друга страна, младинските центри се дел од сервисите за млади со специфична функција таму да се спроведува младинска работа, односно организирана и систематска едукација и поддршка на автентичниот развој на младите, односно се „места каде се подготвуваат и спроведуваат програми кои ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјален и професионален живот на младите…“ (чл. 22, ЗМУМП),“ додава Митровиќ.

Во рок од 5 години од донесувањето на Законот, до јануари 2025 година секоја општина ќе треба да овозможи функционирање на најмалку еден Младински центар на територијата на општината.

Целта е младите да имаат место каде што ќе ги канализираат своите предлози и идеи за да си го подобрат квалитетот на животот во средините каде што живеат. Од нив се очекува да бидат активни чинители во промените на состојбите на подобро, и да се намали иселувањето.

Автор: Виктор Вукановски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА