Многу ѓубре и ветени но не и исполнети проекти во „Модерно Скопје“

0
148
Фото: Pina.mk

„Скопје е се’ повалкано!“, „Скопје ужасно смрди!“, „Во Скопје нема каде ѓубре да се фрли!“ „ Депонии на секој чекор“.

Ова се само дел од одговорите на граѓаните кои ПИНА.мк ги прашавме во однос на прашањата, дали Скопје е чист град и дали хигиената на улиците се одржува на едно задоволително ниво.

„Ѓубре на секој чекор, нема доволно корпи за отпадоци, нема доволно ниту контејнери пред станбените згради, има само по два контејнера на неколку згради кои што и тие се искршени, немаме каде да го фрламе ѓубрето, приморани сме да го оставаме до контејнерите, вака никогаш досега не било“, вели Марица Стојановска од населба Тафталиџе.

Мите Јовановски, жител на Карпош вели дека нема период во денот кога и да помине по улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, а да нема расфрлено ѓубришта по улицата, контејнерите секогаш се преполни, а смрдеата се шири на сите страни.

„Колку и да сакаат луѓето да внимаваат каде фрлаат, кога нема корпа или контејнер фрлаат каде ќе стигнат, зошто никој не ги казнува,“ додава Јовановски.

Од друга страна градоначалничката Данела Арсовска, во нејзината програма за Скопје, како една од Клучните области на која ќе работи го наведува и Нов зелен план, на кој посебен акцент е ставен на хигиената на градот.

„Со цел да се подигне степенот на хигиена на улиците и околу точките каде се депонира смет (контејнери), ќе се набават нови камиони кои ќе ги следат најновите достигнувања во одржување комуналната хигиена. Постојните возила ќе се конвертираат во возила на еколошки погон. Првичната селекција на отпадот доаѓа од домаќинствата, заради тоа првичното селектирање и заштита на животната средина е клучно. Преку овој проект секое домаќинство ќе добие корпа за отпадоци за паметно селектирање (хартија, пластика и стакло). Собраниот селектиран отпад домаќинствата ќе може да го одлагаат на определени места, а за тоа да добијат финансиски надомест. Ние мораме да воведеме концепт на зелен и чист град, преку предвидување зелена архитектура, изградба на центри за управување со отпад, воведување на концептот на циркуларна економија преку паметно управување со отпадот и материјалите, целосен третман на отпадните води. Преку зелена транзиција, наша обврска е да ги поправиме штетите и последиците од долгогодишната запуштеност на градот, но и да дадеме поттик за креирање здрав град со висок квалитет на живот за сите негови граѓани,“ се вели во програмата Модерно.

Од Град Скопје не добивме одговор за тоа како да се подигне нивото на хигиена во градот на која се жалат жителите на Скопје и како планираат да се подобри ситуацијата на градските улици.

Проблемот е системски и е одраз на комплексен сет на предизвици

Од Центарот за еколошка демократија „Флорозон“ сметаат дека проблемот со нечистотијата и ѓубрето во градот е системски и е одраз на комплексен сет на предизвици кои се директно поврзани со управувањето со отпадот и урбанистичкото планирање.

„Скопје исто така се соочува со проблемот на урбанистичкото планирање кое во моментов се врши согласно потребите на инвеститорите, а системот за управување со отпадот не се развива во согласност со ДУП-овите. Како директна последица од ваквата пракса е создавање на нестандардни/незаконски депонии кои може да се видат на перифериите на сите општини,“ велат од „Флорозон“ за ПИНА.мк.

Од таму дополнуваат дека состојбата дополнително се влошува и од недостаток на јавната свест.

„Евидентната пасивност на инспекциските служби е проблем кој треба со посебно внимание да се анализира, а причините на непостапувањето на комуналните инспектори на локално ниво најчесто се поврзува со недостатокот на ресурси, но исто така не се исклучува и корупцијата како двигател на ваквите состојби“, објаснуваат од Центарот.

Како да се подобри лошата слика Скопје во поглед на нечистотијата на градот од „Флорозон“ сметаат дека напорите треба да се насочат кон овозможување на инвестиции во инфраструктура за управување со отпад, кампањи за едукација на јавноста за одговорно отстранување на отпадот, за борба против корупцијата и лошото управување во секторот.

„Регулативите за урбанистичко планирање треба да ги земат предвид потребите за управување со отпад за да се обезбедат долгорочни решенија кои ќе се темелат на принципот „загадувачот плаќа“. Ова подразбира и перманентен инспекциски надзор преку воспоставување на интер секторска соработка помеѓу општинските инспектори и МВР,“ дополнуваат од центарот за еколошка демократија.

Од таму сметаата дека се неопходни кохезивни иницијативи кои ќе се засноваат на проактивен иновативен пристап и концепти за моделирање на јавната еколошка свест не само кај жителите, туку и кај носителите на одлуки.

Предизвици со кои се соочуваат граѓаните

Незадоволството од состојбите во Градот беше изразено и преку последната анкета на Интернационалниот републикански институт (ИРИ) која покажа дека педесет проценти од граѓаните се изјасниле дека се многу незадоволни од работата на градоначалничката, а 21 отсто дека се донекаде незадоволни. Еден процент анкетирани скопјани се многу задоволни, 19 проценти се донекаде задоволни од нејзината работа.

Градскиот превоз, урбаното планирање и развој, безбедноста, корупцијата кај градските власти се посочени на врвот на листата проблеми со кои се соочува Скопје

Наспроти ветувањето за зголемување на возниот парк, Скопјани за прв пат од постоењето на ЈСП, лани останаа без јавен превоз, затоа што вработените беа на штрајк поради неисплатени плати. По нив незадоволството го изразија и приватните превозници па така граѓаните повторно беа приморани да пешачат, а автобуси немаше.

„Секој ден се возам со автобуси, многу е тешко да се дојде од една точка на градот до друга, особено ако нема директна линија. Живеам во Бутел, а работам во Кисела Вода, секојдневно менувам по 2-3 авотбуси во еден правец, автобусите доцнат, доцнам и јас секој ден на работа. На автобуската пишува дека доаѓа автобусот за 10 минути, подоцна тоа се губи и автобусот не доаѓа, па одново се појавува дека автобусот со број 4 ќе биде на станицата за 25 минути “, вели Македонка Ѓеоргиевска.

Граѓаните најчесто се жалат и на тоа што поради тоа што се ретки, автобусите се преполни со луѓе.

Од Град Скопје не добивме одговор за тоа до каде е реализацијата на проектот за набавка на еколошките автобуси во јавниот превоз, како и бесплатниот јавен превоз за скопјани.

Ги прашавме и до каде е проектот за најдобриот Луна Парк на Балканот ветен во програмата „ Модерно“ , за кои од сегашната слика можеме да видиме дека нема никаква промена од пред ветеното. На скопјани во програмата „Модерно“ им беше ветен и простор за паркирање „ Парк енд Рајд“, но од градот не добивме одговор ниту за тоа кога ќе се имплементира овој ветен проект.

Авторка: Ивана Крстеска Јаневска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА