Учесниците во Шарената револуција, Здравко Савески и Владимир Куновски неодамна добија условна затворска казна од шест месеци за демолирањето на канцеларијата на поранешниот претседател на државата, Ѓорѓе Иванов.
Тие се осудени за кривичното дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело. Затворските казни нема да се извршат, ако тие во рок од пет години по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.
Савески и Куновски треба и да го надоместот имотно-правното барање на државата во износ од 522.080 денари во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата, а исто така треба да платат и по 3.000 денари судски паушал за надоместување на трошоците на кривичната постапка.
За одлуката која предизвика бројни реакции во јавноста, поразговаравме со Савески и со Куновски, кои велат дека најмногу боли тоа што се работи за неправедна казна за борбата за правда во земјата.
Неправда за правда која ќе ги следи цел живот
Савески за ПИНА вели дека ќе ја обжали одлуката на Апелацискиот суд до Врховниот суд, но не е оптимист дали ќе ја добие правдата.
Иако станува збор за условна казна, истата ќе го следи цел живот и може да му донесе многу проблеми во иднина.
„И не само тоа. Најболното е што ова е пред се’ неправедна одлука во битка за правда„, вели Савески, кој посочува дека актуелната власт, која си ја присвои Шарената револуција, откако дојде на власт направи се да ја затвори приказната за револуцијата.
Поради здравствени причини, тој и Куновски не присуствуваа на завршните зборови за случајот, а Судот не изелезе во пресрет на нивното барање за неколку дена да се одложи расправата во Апелација.
„Ни беше скратено правото на одбрана“, вели Савески.
Тој за одлуката реагираше и на Фејсбук.
“Власта си го истера ќефот. Откако преку своите вазали во судството не’ малтретираа по судови максималната можна должина од шест години, во процесот за одамна заборавената и испоганета од нивна страна Шарена – ни пресудија.
Виновни сме биле! Виновни зашто протестиравме заради погазувањето на владеењето на правото, што овозможуваше сторители на тешки кривични дела да бидат амнестирани. За таа борба за владеењето на правото ни демонстрираа судиите како се одработува по партиска задача и како може да се пресуди со тотално занемарување на правото на обвинетите да се бранат.
Да биде трагиката поголема, тројца од петте судии беа поротници. Во крајна линија, тоа најмногу ме боли. Можеа да реагираат на тоталното газење на процедурата. Ама, не, нивната задача беше да молчат како попчиња и да си кркнат некоја паричка. Никаква граѓанска доблест, никаква граѓанска чест! Никакво чувство за морал да се каже: „Јас во оваа фарса повеќе не учествувам!“
Кога некој ќе проба да ви кажува дека имало демократија, правна држава или правда во Македонија, исмејте му се во лице. Ова што нас ни го направија не е никаков исклучок, туку само уште еден од редицата примери колку е гнил правниот и политичкиот систем. Ми се гади од нив!„, напиша тој.
За Куновски, кој заедно со Савески, во 2016 година беше дел од Левица, пресудата на Апелација е чиста политичка одлука.
,,Таму имаше лица со маски, кои очигледно беа дојдени да прават немири и да палат, но не уапсија нас.
Пет часа ме држеа на распит, за кој на крај излезе дека немало записник, а во текот на целиот судски процес, кој се уште не е завршен, имав прилика да видам толку многу криминалци во судскиот систем, од судии до поротници, што е просто неверојатно”, вели тој за ПИНА и најавува дека не само што ќе ја обжали пресудата на Апелација пред Врховен, туку ќе покрене и инцијатива за разрешување на тројца судии.
Вели дека не ни добил покана за завршните зборови пред Апелација.
,,Јас бев на боледување, а Савески беше во изолација. Ни го ускратија и тоа право, а за целата правна голгота наскоро ќе одржам и прес-конфренција“, вели тој.
Судечкиот совет на Основниот суд Скопје 1 на крајот на 2018 година изрече ослободителни пресуди за Савески и Куновски. Ослободителната пресуда тогаш беше изречена поради недостиг на докази, а од текот на постапката се потврдило дека двајцата биле дел од толпата, но не и дека извршиле демолирање.
Апелација потоа ја укина ослободителната пресуда, откако Обвинителството поднесе жалба до судот, поради тоа што судот не дозволил да биде сослушан сведок како овластен претставник од Канцеларијата на Иванов.
Се работи за настан од 12 април 2016 година, кога Иванов објави општа аболиција на 56 лица, со која опфатени претежно политичари од тогашната власт засегнати од истрагите на Специјалното јавно обвинителство.
На одлуката на Иванов следеше жестока реакција од граѓаните, кои истиот ден спонтано го изразија својот револт, собирајќи се пред неговата канцеларија во центарот на градот.
Од целата толпа само шест лица беа приведени и ставени во куќен притвор, а Јавното обвинителството им поднесе обвинение.
За демолирањето на канцеларијата на Иванов, случај сè уште се води и за Мариглен Демири.
Никола Аризанов и Филип Наковски добија условни затворски казни во мај, 2016 година откако ја признаа вината за учество во толпа.
Условна казна истата година доби и Борјан Ефтимов откако призна вината.
Скандалозна одлука со порака да не протестира
За адвокатот Александар Тортевски, одлуката на Апелација е скандалозна.
„Тоа е скандал. Со ваквата пракса се праќа порака да не се протестира„, вели тој за ПИНА.
На одлуката на Апелација во сличен стил регираа и од Хелсиншкиот комитет за човекови права, од каде изразија незадоволство и разочарување од пресудата.
„Од една страна, казнувањето и справувањето со високиот криминал на функционерите оди бавно, доведувајќи до застареност на кривичното гонење за дела кои вклучуваат милионски суми проневерени буџетски средства, политичка репресија или незаконито следење на граѓаните.
Од друга страна, за граѓани што се одважија и се спротиставија на криминалната аболиција, судските постапки траат шест години и се изрекуваат драконски казни за нивниот активизам.
Со оваа пресуда судовите фактички испраќаат порака до граѓаните да останат безгласни и пасивни пред корупцијата, криминалот и неправдата, затоа што во спротивно ќе се соочат со кривичен прогон во кој повисоката цел – демократијата и владеењето на правото, треба да отстапи пред политичката репресија и формализмот на правната држава.
Сметаме дека е поразително тоа што судовите целосно го игнорираат контекстот во кој се случило делото, односно дека ги занемаруваат причините за граѓанскиот револт во критичниот ден – срамната аболиција која беше кулминација на режимското владеење, заробувањето на институциите и погазувањето на правната држава. Правото мора да ѝ служи на правдата“, стои во реакцијата на Хелсиншкиот комитет.
Автор: Петре Димитров