Дискриминаторскиот говор на Интернет честа појава и предвесник на говорот на омраза

0
151

,,Педер тепале – рацете да им се позлатат!” – е меѓу последните нотирани говори на омраза на социјалната мрежа Фејсбук на Интернет платформа за мапирање и следење на говорот на омраза во јавниот простор и медиумите на Хелсиншкиот комитет.

Станува збор за коментар на Фејсбук во врска со случајот на 7 мај кога во Тетово нападнат и претепан беше ЛГБТ активистот Беким Асани. Веста за физичкиот напад беше пренесена на 9 мај во скоро сите македонски медиуми и беше споделена на нивните Фејсбук страни, по што, како што наведуваат на платформата, оваа вест молскавично предизвика лавина на негативни коментари, исполнети со говор на омраза и повици за насилство врз Асани и „таквите како него“.

Дел од коментарите на објавената вест се, на фејсбук страниците на мејнстрим медиумите под објавите.

Ваквиот говор претставува предизвикување омраза раздор или нетрпеливост врз национална расна верска и друга дискриминаторска основа. Вакви коментари се сретнуваат постојано на социјалните мрежи, а токму најголем број од пријавите за дискриминација пристигнати до Комисијата за заштита и спречување на дискриминација се однесуваат на ЛГБТИ+ заедницата.

– Од вкупно 43 претставки за заштита од дискриминација на социјалните мрежи, дури 33 се однесуваат на ЛГБТИ+ лицата (и нивните поддржувачи), што претставува 77%.  Понатаму, четири претставки КСЗД има примено за заштита од дискриминација на социјалните мрежи на граѓани со бугарска етничка припадност, врз основа на нивната национална или етничка припадност, наведе претседателот на КСЗД, Кире Василев.

До Комисијата за заштита и спречување на дискриминација во 2021 и 2022 година, пристигнати се вкупно 190 претставки, од нив 50 се од областа на јавното информирање и медиуми, што ги вклучува и социјалните мрежи, а од нив, 43 се однесуваат на претставки заради објави на дискриминирачки содржини на социјалните мрежи.

Според податоците од КСЗД, 34 од пријавените објави се на социјалната мрежа „Фејсбук“, три на социјалната мрежа „Твитер“  и по една на „Јутјуб“, „Фејсбук“ и „Твитер“ , „Фејсбук“ и „Јутјуб“ како и на „Фејсбук“ и на Интернет портал .

Дискриминацијата во областа на социјалните мрежи најчесто е на повеќе основи, од кои најприсутни се  сексуалната ориентација, полот, припадноста на маргинализирана група, родовиот идентитет и националната припадност.

Податоците од КСЗД покажуваат дека најзастапена е дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација, или, вкупно 25 претставки, потоа полот со 21 и припадност на маргинализирана група со, исто така, 21 претставка. За родов идентитет имало 20 претставки, додека за национална или етничка припадност 17. За дискриминација врз основа на лично својство и општествен статус имало девет, политичко уверување пет, род четири, и религија или верско уверување и семејна или брачна состојба по две.

– Во овој момент, од вкупно регистрираните 43 претставки за заштита од дискриминација на социјалните мрежи кои биле адресирани до новата Комисија во 22 случаи Комисијата има донесено Мислење за утврдување на дискриминација, во еден случај Комисијата донела Мислење со кое не се утврдува дискриминација, а една претставка била отфрлена како неуредна, велат од Комисијата, дополнувајќи дека за преостанатите 19 претставки постапката е во тек, информираше Василев.

Од вкупно 22 претставки кај кои КСЗД утврдила дискриминација, жртви на дискриминација биле  ЛГБТИ+ лицата во 15 случаи,  ЛГБТИ+ лицата и жените во два случаи. Во по еден случај жртви на дискриминација биле граѓани на РСМ од бугарска и албанска етничка припадност, група граѓани по повеќе основи и припадниците на албанската етничка заедница по основ на етничка припадност, група лица од различна професија – политички неистомисленици и припадници на турската заедница како и Македонците со муслиманска вероисповед.

Како вид на дискриминација, од КСЗД велат дека најчесто се работи за вознемирување и за повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација, а во четири случаи Комисијата утврдила дека вознемирувањето на социјалните мрежи било во вид на продолжена, повторена, односно повеќекратна дискриминација.

Покрај вознемирувањето, во областа на социјалните мрежи КСЗД има донесено и мислење за утврдување на директна дискриминација врз ЛГБТИ+ лицата од страна на едно здружение на граѓани.

– Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација Комисијата носи мислења за утврдување на дискриминација и дава препораки за отстранување на дискриминацијата. Кога станува збор за случаите на дискриминирачки говор на социјалните мрежи, најчесто препораките на Комисијата се дискриминаторот да се извини на жртвите, ја избрише содржината и објави извинување, велат од КСЗД.

На прашањето за превенција и потенцијални активности што можат да се преземат за регулирање на овој говор, Комисијата одговори дека веќе е во фаза за формирање на мрежа за следење на дискриминаторски говор на социјалните медиуми.

-Со оваа мрежа се обидуваме да извршиме мониторинг и анализа на говорот за да може да се постапува поефективно во неговото сузбивање. Понатаму, Комисијата со ограничените ресурси кои ни се на располагање се обидува да си ја оствари сопствената превентивна функција со цел да ја едуцира јавноста за штетните последици од дискриминарачкиот говор врз индивидуите и целото општество.

Во најголемиот број на случаи луѓето кои дискриминираат не се ни свесни дека го прават тоа

Според комуникологот и претседател на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи – ИДУЕП, Бојан Кордалов, дискриминирачки говор на интернет претставува користење на секој јазик или содржина во онлајн просторот која во себе содржи некаков вид на дискриминација насочена кон поединец, група и слично. Тој посочува дека, за жал, денес речиси и да нема личност која не се соочила со ваков јазик во интернет просторот, особено, како што вели, „ако се обиде да полемизира или разговара на јавните форуми или, пак, објави со новости на социјалните медиуми“ и затоа, како што вели, е потребно навреме да се реагира, да се работи на превенција и препознавање на овие облици на негативни појави во интернет сферата, како секој од нас би се чувствувал комфорно и слободно онлајн.

Кордалов вели дека во најголемиот број на случаи, луѓето кои дискриминираат не се ни свесни дека го прават тоа.

– Напротив, најчесто тие сметаат дека прават нешто добро, а целта која мислат дека ја постигнуваат е т.н. заштита на својата група, припадност, заштита на своите деца, внуци, покажување на симбол на патриотизам, смета тој.

Токму затоа, како што вели, клучно е да се покаже што реално е дискриминирачки говор, како да се препознае и најважно од сѐ, да се развива емпатичноста која секоја личност ја носи во себе.

– Со наједноставни зборови, потребно е секоја личност да ја мотивираме пред да напише или сподели нешто на интернет, да го прочита тоа како да е наменето за него/неа. Па, да види дали буди негативни чувства или повредува, порачува Кордалов.

Создавањето на поширока коалиција на јавни институции, граѓански организации јавното зборување на оваа тема ги посочува како превенција и начин на придонесување за подигање на личната, но и јавната свест за препознавање, како и за последиците кои со себе ги носи употребата на дискриминирачкиот говор на интернет.

– Едукација уште од најрана возраст, како дел од формалниот, но и неформалниот образовен систем и промовирање на инклузивно општество – општество во кое секоја личност ќе се чувствува слободно, еднакво и добредојдено е особено важно бидејќи во ера на дигитализација, општествата забрзано ги „селиме“ во виртуелниот простор, односно на интернет, вели тој.

Јасната модерациска политика на официјалните кориснички сметки и канали на јавните институции и политичарите на социјалните медиуми, според Кордалов е неопходна за промоција на слобода на говор, изразување, дебата базирана на различни мислења, но и исклучување на сите негативни појави како дискриминација, навреди, говор на омраза и слично.

Тој смета дека децениското користењето на тешки, дискриминирачки и навредливи фрази во партиските соопштенија, реакции и изјави, дава сериозен „ветар во грб“ на дел од луѓето да комуницираат на сличен начин на интернет сметајќи дека тоа е дозволиво, нормално и неказниво.

Кордалов порачува дека е особено важно да работиме на препознавање и превенција на секој облик на дискриминирачки говор бидејќи на тој начин спречуваме истиот да прерасне во говор на омраза што претставува посебно кривично дело.

– Дополнително, говорот на омраза може да доведе до директни дела на омраза, што како општество ќе не одведе во неповратна насока од која не сум сигурен дека лесно ќе се вратиме назад, вели тој.

Според него, имаме правен систем кој дава основа за нетолерирање и справување со ваквите негативни појави во интернет просторот, а секако, секаде каде е прекршен законот, секој треба да си одговара во рамките на утврдените прекршочни или кривични санкции.

– Но, мојот став е дека ако ги вложиме сите сили во превенција, буквално нема да има потреба никого да казнуваме во иднина, бидејќи никој нема да ги прекршува дадените норми. Затоа верувам дека може да се обединиме и заеднички направиме поширока општествена акција во справувањето со негативните појави во интернет просторот во кој поминуваме голем дел од нашето време, смета тој.

Слободата на изразување, како и секоја друга слобода и право, повлекува должности и одговорности. Па така, препознавајќи го говорот на омраза како општествена појава која може да предизвика и потешки кривични дела сторени од омраза, треба да бидеме особено внимателни при употребата на истиот. Не треба да се заборави дека говорот на омраза на интернет само ја отсликува состојбата со причините за појавата на омразата во реалниот свет. Според тоа, справувањето со овој проблем онлајн, мора да подразбере и негово третирање офлајн.

Основи Број на претставки
Сексуална ориентација 25
Пол 21
Припадност на маргинализирана група 21
Родов идентитет 20
Национална или етничка припадност 17
Лично својство и општествен статус 9
Политичко уверување 5
Род 4
Религија или верско уверување 2
Семејна или брачна состојба 2

 

Авторка: Ангела Рајчевска