Трета „Парада на гордоста“ во Скопје

0
102

Трета „Парада на гордоста“ во Скопје под мотото „Излези за љубов“. Придружени со огромен број на полициско обезбедување, припадниците на ЛГБТИК+ заедницата и нивните поддржувачи побараа достоинство, еднаквост и правда.

Парадата беше посветена и на жртвите во нападот во Осло во кој загинаа двајца, а повредени беа 21 припадник на ЛГБТИК+ заедницата.

По двочасовното собирање во паркот Жена-борец, неколкуте стотици млади викендов маршираа до Градскиот парк, поточно до Стадионот на АРМ каде се одржа забава која траеше до 01:00 часот по полноќ.

Велат, парадираа за сите кои биле избркани од дома затоа што се геј, за сите кои трпеле мобинг на работното место бидејќи се транс и сите физички и психички малтретирани поради сексуалната определба.

Бараат да бидат третирани од државата и институциите исто како и сите други, бидејќи велат дека плаќаат даноци како сите граѓани.

-Она што сакаме е сензибилизација на институциите за да постигнеме еднаков третман на сите наши граѓани во ова општество. Она што за нас е најжешко прашање е правното признавање на родот. Тоа е прашање за кое македонската држава има обврска до крајот на 2023 година да обезбеди процедура во која ќе биде овозможено правно признавање на родот за трансродните луѓе според одлуката на Европскиот суд за човекови права, вели активистот Кочо Андоновски.

Потсети и дека досега Јавното обвинителство нема почнато процес за нападот на ЛГБТИ Центарот кој се случи пред 10 години на денот на отворањето.

-Тие процеси воопшто не се почнати се уште. Значи воопшто не постои процес. Постојат нападите, постојат нашите снимки од безбедносните камери во кои сите напаѓачи се снимени, меѓутоа, процес за сето тоа не постои, вели Андоновски.

Припадниците на ЛГБТИК+ заедницата добија поддршка и од политичарите. Претседателот на државата, Стево Пендаровски пред почетокот на парадата ги посети волонтерите и организаторите за да им даде поддршка. Премиерот Димитар Ковачевски поддршка им даде преку социјалните мрежи. А на парадата се појавија вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска. Поддршка добија и од неколку пратеници и од амбасади, а присутна беше и амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Кејт Мери Брнз.

Пред присутните се обрати и пратеничката Моника Зајкова која рече дека заедно со своите колеги во Законодовниот дом се обидуваат да стават законска рамка за спречување на дискриминацијата и стигматизацијата на ЛГБТИК+ заедницата.

Направивме чекори, донесовме закон за спречување на дискриминација, а Собранието треба да го смени и законот за матична евиденција со кој ќе ги регулираме назнаките на трансродовите лица но и да одиме чекор понатаму и да им даде права на оние кои живат во истополови партнерства зошто изговори нема. И човековите права се дел од системот кој треба да се средува и понатаму да се пофалиме со уште поголем напредок, рече Зајкова.

Парадата на гордоста оваа година беше најмасовен досега. Според проценките, користејќи ја алатката „Mapchecking“, на парадата учествуваа помеѓу 1.500 и 2.000 луѓе.

Автор: Даниел Василев