МРТ: Долгот од 19,5 милиони евра ќе го платиме ако УЈП ни врати 34 милиони евра

0
343

Македонската радиотелевизија (МРТ) соопшти дека долговите кон различни доверители, изнесуваат 19,5 милиони евра, но и дека Управата за јавни приходи (УЈП) кон телевизијата има долг од 34 милиони евра.

Во сооштението до медиумите МРТ призна дека има долг од околу еден милион евра кон Европската радиодифузна унија (ЕБУ), но и дека била одржана средба меѓу двете тела при што било решено да се укинат сите санкции за МРТ и сите услуги на ЕБУ се сега достапни на македонскиот јавен радиодифузер.

ПИНА недамна откри дека МРТ има сериозни проблеми со долгови, а од ЕБУ ни потврдија дека телевизијата е под санкции и дека не може веќе да ги користи нејзините сервиси.

Националната куќа, во соопштението образложува дека долгот во 2012 година изнесувал 3,1 милиони евра, а од 1 март 2012 година до 26 октомври годинава на Европската радиодифузна унија ѝ биле платени 6,1 милиони евра. Од моменталниот долг од милион и 27 илјади евра, 434.032 евра се доспеани обврски за откупени спортски права и тоа: ФИФА Светски фудбалски куп 2018, УЕФА Европски квалификации 2016-2018, Атлетика ИААЕФ 2017 и други настани.

Од 2012 година до сега, МРТ успеала да плати стари обврски во висина од 13,2 милиони евра. Во соопштението се наведува дека и покрај плаќањето на оваа голема сума на средства МРТ поради лошиот систем на финансирање и системско нерешавање на овој проблем има сè уште голем долг кој е создаван во изминатите 25 години.

– Во структурата на актуелниот долг во најголем дел влегуваат Париски и Лондонски клуб на доверители, УЈП, Аеродроми на Македонија, ТСЕ, ЕЛЕМ“. Обврската кон доверителите од Париски и од Лондонски клуб била преземена од 1998 година и таа сега изнесува 3 милиони евра – се вели во соопштението.

Долгот пак што МТВ го има кон УЈП и изнесува 3,1 милиони евра, е неплатен данок на добивка и ДДВ, а дел од долгот била преземена обврска од 2006 година. Телевизијата му должи пари и на ЕЛЕМ, 7,8 милиони евра, за периодот до 31 октомври 2010 година.

– Од почеток на политичката криза досега УЈП по основ на радиодифузна такса има наплатено помалку средства од претходните години во висина од 200 милиони денари. Македонската радио телевизија по основ на радиодифузна такса има побарувања од УЈП во висина 33,9 милиони евра. Доколку овие средства биле навремено наплатени од УЈП, телевизијата би била во можност да ги сервисира преземените и доспеаните тековни обврски и истовремено јавниот сервис би бил во можност да располага со средства за реализација на нови програмски содржини – се вели во соопштението.