Заврши првото издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје

0
161

Антонио од Велес во неделата за првпат јавно проговори за тоа како работел на лажни вести како екслузивен гостин на првиот Истражувачки филмски фестивал – Скопје, на дебатата посветена на оваа тема.

ИФФС ја спушти завесата на првото фестивалско издание со проекцијата на филмот за затајувањето данок во Велика Британија, „Пајаковата мрежа: Втората Британска империја” што коинцидентно се совпадна со објавувањето на „Рајските документи“.

Режисерот Мајкл Освалд беше гостин на фестивалот и доби честитки од публиката.

-Луѓето сами избираат што ќе читаат, а искуството вели дека ги избираат лажните вести пред вистинските – рече вчера Антонио пред присутните во киното „Култура“.

На дебатата за лажните вести под наслов „Македонија и феноменот на лажни вести – му помогнавме ли на Tрамп да дојде на власт? гости беа и новинарката од Велес, Убавка Јаневска како и руската дата новинарка Анастасија Валеева, а ја модерираше Огнен Јаневски.

Кога Валеева го праша колку заработува, Антонио одби да каже. Но, додаде дека ако ја открие сумата и таа би почнала да го работи истото.

Јаневска истакна дека нејзиното истражување покажало дека 70 отсто од младите Велешани работат на лажни вести.

На дебатата не беше дозволено видео и аудио снимање, на барање на еден од говорниците. Единствена можност беше да се проследи во живо.

На третиот фестивалски ден беа прикажани два домашни филмови кои го третираат проблемот со загадувањето – „Црни бели дробови“ во продукција на „Кадар“ и „Загадување: Скопје го стигна Пекинг“ на СКУП , како и бразилскиот филм „Новинарство по ново, новинарство по старо“ за опстанокот на печатените медиуми во дигиталниот свет.

Британецот Крег Шо одржа работилница за значењето на фриленс истражувачкото новинарство, а американскиот видео новинар Роб Монтгомери пак работилница за нискобуџетни документарци снимени со мобилен телефон.

Како прв ваков фестивал во регионот, ИФФС обединува локални, регионални и светски теми поврзани со новинарските предизвици и потфати. Тридневната фестивалска програма вклучуваше прикажување документарни филмови, работилници, дискусии и дебати со гости од Македонија, регионот и од светот.

Отворањето на првото фестивалско издание беше посветено на укажувачите, храбрите поединци кои обелоденуваат информации во име на општото добро.

ИФФС започна со проекција на францускиот истражувачки филм „Да се биде укажувач“ и дебата на тема „Укажувачи: „тајни“ играчи кои може да ја променат историјата“ во петокот во киното „Култура“.

Големо внимание на дебатата привлече македонскиот укажувач Ѓорѓи Лазаревски, поранешниот началник од УБК, кој ги обелодени таканаречените „бомби“ со што директно влијаеше на промените кои потоа настапија во нашата земја. Тој го раскажа своето искуство и со какви притисоци и предизвици се соочувал пред и откако ги откри снимките од нелегално прислушкуваните разговори.

Лазаревски истакна дека сега е невработен и бара работа, но потенцираше дека иако животот комплетно му се сменил повторно би го направил истото. Публиката во киносалата два пати го награди со стоечки овации.

На дебатата преку „Скајп“ се обрати и Бети Медсгер, легендарната американска новинарка која во 1971 година објавувајќи ги анонимно доставените документи земени од канцеларија на ФБИ, застана на страната на укажувачите и предизвика промена на законите и моќта што разузнавачките служби дотогаш ја имале врз народот. Таа потенцираше дека во нејзино време не се користел терминот укажувачи, тие биле анонимни извори.

На дебатата водена од новинарката Сашка Цветковска говореа и Денис Ампев од „Гласен текстилец“, адвокатката Павлина Зефиќ и Алесија Черантола и Беноа Бринже, истражувачки новинари кои беа дел од тимот репортери што работеше на истражувачката сторија „Панамските документи“, која ја освои Пулицерова награда.

Тие во саботата говореа на посебна панел-дискусија за „Панамските документи“ модерирана од новинарката Кристина Озимец. Черантола и Бринже се дел од 376-те новинари што работеле на големата дата-база на документи.

Бринже истакна дека оваа голема истрага под капата на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ) го сменила начинот на работа на кој новинарите пристапуваат кон одредена тема работејќи како дел дел од огромен тим заедно со колеги од целиот свет.

Черантола зборуваше за процесот како ги добиле документите, како пристапувале до дата-базата и како сите новинари имале пристап до сите документи.

Голем интерес предизвика и работилницата која ја одржа воената репортерка, Барбара Скијавули, на тема „Жени новинарки кои известуваат од зони со висок ризик“.

Вториот ден пак, ИФФС имаше регионален ден на која се одржа дебата за ситуацијата со истражувачкото новинарство во регионот и беа прикажани повеќе филмови од новинари и режисери од регионот.

ИФФС е во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, организација формирана од млади новинари, ентузијасти и професионалци која се залага за промоција и зајакнување на истражувачкото новинарство и професионалноста во медиумската средина во Македонија. Освен тоа, ПИНА се залага и за подобрување и унапредување на состојбата на жените новинарки во медиумите.