Дискусија: Потребни се повеќе новинари кои следат здравствени теми и наука

0
329

На четвртото издание на Истражувачкиот филмски фестивал -Скопје, Марија Севриева разговараше со Миа Малан, основачка и главна уредничка на Центарот за здравствено новинарството Бекисиса, чија работа е светол пример за темелно и одговорно известување за пандемијата.

Бекисиса на зулу, најзборуваниот јазик во Јужна Африка, значи „да се прегледа, одблиску да се истражи“. Токму тоа е намерата на истоимениот медиум посветен на здравството, чие лого е лупа во која се гледа слика од срцебиење.

Во 2013 година Бекисиса започнува како рубрика во истражувачкиот весник Мејл енд Гардијан, а лани се одвојуваат како посебен центар, кој не е само медиум, туку и организатор на разни настани, како дискусии и тренинзи. Центарот за здравствено новинарство функционира како непрофитна организација која се финансира преку донатори.

Во Бекисиса не се концентрирани на известување за она што стандардно се дефинира како вести, туку на истражувања темелени на научни факти и насочени кон можни решенија. Намерата е не само да се допре до обичниот човек, туку и до оние кои ги носат одлуките, па така благодарение на работата на Бекисиса подобрени се низа закони и правила во Јужна Африка.

Пандемијата го зголеми интересот за здравствени теми кај народот, па Малан откри дека периодов имаат пет пати повеќе читатели на сајтот. Поради тоа започнале да прават и кратки информативни видеа наменети за обичниот граѓанин, кој не е особено упатен во оваа област. За граѓаните да се заштитат од опасни дезинформации врзани со пандемијата, Бекисиса добива простор и на национална телевизија каде пласира куси, разбирливи објаснувања на теми за кои се шират лажни вести, со цел да се допре до што побројна публика.

„Пандемијата преку ноќ сите ги претвори во здравствени новинари“, вели Малан, додавајќи дека новинарите од Бекисиса имале предност затоа што се запознаени со процесот низ кој едно научно истражување треба да помине за да се прифати како веродостојно. „Не можете да се потпрете на научните истражувања, ако не сфаќате како функционираат“, објаснува Малан истакнувајќи дека новинарите кои известуваат за теми од здравството мора да умеат да ги читаат научните објави со разбирање.

Сепак, новинарите не се виновни што не беа подготвени да ја покриваат пандемијата како тема, објаснува Малан. Затоа во Бекисиса организирале курс за новинари од цела Африка подготвен во соработка со епидемиолози, каде две третини од посетителите биле новинари кои претходно специјализирале во други теми.