Британскиот независен документарист Мајкл Освалд објаснува како се прави филм без буџет и открива детали од подготовката на „Човекот кој премногу знаеше“, чија светска премиера се одржува во рамки на четвртото издание на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје.
Четвртото остварување на Освалд, „Човекот кој премногу знаеше“, е документарец за британскиот разузнувач Колин Волис, кој ќе стане укажувач односно т.н. свиркач, завршувајќи како жртва на системот кој и самиот го развивал. Светската премиера е во рамки на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје, додека неговите претходни филмови може да се погледнат на платформата YouTube.
Повеќето надежни документаристи започнуваат без институционална поддршка, но тоа не е причина да се откажат, охрабрува Освалд. Иако не е лесно да се направи филм без финансиска помош, тој ги нагласува и клучните предности – можете да ја раскажете приказната во која верувате токму како што сте си замислиле, бидејќи креативно и идеолошки сте навистина независни. И можеби најважниот аспект е дека луѓето, како укажувачите, кои имале проблем со одредени институции и лица на моќни позиции, имаат поголема доверба и порасположени се за соработка со независни филмаџии.
„Ќе остане ли темава важна додека го завршам документарецот? Ќе остане ли важна и интересна за гледање и по 10 години? Ако две години се посветам на филмот, сакам што подолго да остане релевантен“, Освалд ги наведува прашањата што треба да се обмислат пред започнување.
Мајкл открива дека скромниот буџет го ограничува и пристапот до одредени материјали, па неопходно е да се биде креативен кога визуелно се доловува посакуваната атмосфера. Така, за „Човекот кој премногу знаеше“, снимените материјали од локациите кои се споменуваат Освалд ги пуштал на ВХС касета за да се добие впечаток дека се стари снимки.
Документарците кои во фокусот имаат одредена личност се доста ценети од дистрибутерите и фестивалите, но ако се одлучите за таков филм, тогаш согласноста од личноста во прашање е приоритет пред започнување на кој било друг дел од процесот. Штом потврдат, треба да се види што може да понудат за потребите на филмот, од информации и материјали до контакти со други инволвирани лица. Таков вид филм е и „Човекот кој премногу знаеше“, каде во центарот на вниманието е Колин Волис, нарекуван и најзначајниот укажувач за британските разузнувачки служби. Волис чувал цело богатство од материјали, меѓу кои и снимки од своите телевизиски појавувања.
Снимањето филм е долг процес и нормално е да се почувствувате обесхрабрено од време на време, вели Освалд. Корисно е да се биде отворен и достапен за соработка, без разлика дали на фестивали и средби во живо или преку интернет, советува тој. Никогаш не знаете каде ќе сретнете потенцијален соработник кој може да ви помогне во некој технички дел или пак, при промовирање на филмот. Не знаете ниту каде ќе наидете на корисни материјали, понекогаш некој човек ќе има повеќе ресурси отколку одредена институција, раскажува Мајкл наведувајќи пример за човек од Северна Ирска кој цели 40 години ги снимал телевизиските вести на ВХС касети.
„Човекот кој премногу знаеше“ е снимен со камера Panasonic GH5 купена на старо и вкупен буџет од 3500 фунти.