Уличното осветлување делумно ,,настрада” при штедењето струја во дел од општините

0
193
Булевар во Кичево навечер / фото: ПИНА

Прескапата струја ги натера општините и институциите да бараат алтернативи за штедење. Кај скопски Карпош и Кичево во изминатиов период тоа беше најевидентно.

Овие две општини првично целосно го изгасија уличното осветлување, но по бурните реакции кај жителите ги променија системите на штедење. Сега Карпош ја гаси секоја втора бандера за улиците да не бидат во тотален мрак. Кичево, пак, го промени целиот систем на осветлување. Јачината на сијалиците се намалува и тој начин штедат на струја.

На почетокот со целосен мрак, а сега Карпош го промени моделот на штедење. Во првиот месец од воведувањето на рестрикциите во 01:00 часот по полноќ се гасеа сите улични светилки. Сега општината ја гаси секоја втора светилка и на тој начин се обидува да заштеди пари.

Но карпошани се видно вознемирени. Оваа мерка може да влијае и на безбедноста, но исто така велат дека општината мора да најде начин за да ја испорачува услугата која им ја наплаќа. Разговаравме со неколку жители на Карпош кои велат дека ваквата состојба е неприфатлива со оглед на тоа што секој месец во сметките за струја плаќаат по 184 денари паушал за улично осветлување без разлика од квадратурата на објектот во кој живеат.

Парк во Карпош навечер / фото: ПИНА

Наташка Симоновска, вели, гаснењето на уличното осветлување создава непријатности.

-Навечер е толку темно што не се гледа прст пред око и кај жителите постои страв. Од општината велат дека мора да се штеди на струја, но не верувам дека ова е правилното решение бидејќи не може цела населба едноставно да потоне во мрак. Се надевам дека брзо ќе се реши проблемот, вели таа.

Горјан Великичевски, пак, алармира дека темните улици им даваат „сила“ на уличните кучиња и тие знаат понекогаш и да бидат агресивни.

-Последниве 2-3 месеци во општина Карпош помалку е морничаво за жителите како резултат на гасењето на уличните светилки по споредните улици. Овој проблем е дотолку поголем ако се знае дека во секое маало има групи на улични кучиња кои од време на време знаат да им се пуштат на граѓаните. Па така, многу често во последно време има големи поплаки од соседите во мојата зграда за овој проблем, кој за мене е нелогичен, вели Великичевски.

Марија Скубева вели дека ситуацијата навистина ја револтира.

-Ова што се случува навечер е како од хорор филм, ништо не се гледа, уличните светла се целосно изгасени под изговор дека треба да се штеди, на улица е црна темница и мора да светиме со телефони дури стигнеме дома. Навечер е многу пострашно, во секој момент мислиш дека некој може да излезе и да те нападне. Реагирано беше и до ЕВН и до градоначалникот, се надевам дека во брзо време ќе се реши ситуацијата без дополнително покачување на сметките за струја на граѓаните, вели Скубева.

Марио Кантарџиев вели во општината во моментот има една апсурдна ситуација. Светилките се гасат навечер, но светат преку ден кога сѐ уште има сончева светлина.

-Тотално неприфатливо е тоа што немаме улично осветлување. Не се чувствувам безбедно од повеќе причини, а да не коментираме дека некои денови светлата горат преку ден, а навечер општината „штеди“, вели Кантарџиев.

Бидејќи жителите не се чувствуваат безбедни, побаравме информации од Министерството за внатрешни работи за да направиме споредба на пријавени кривични дела лани и оваа година. Во периодот од 15 април до 25 јуни оваа година и истиот период лани, имало само четири, сега таа бројка е осум.

Но општина Карпош се правда дека оваа одлука е неопходна бидејќи сметките се огромни. Само во првиот месец кога се гасеа сите светилки од 01:00 часот по полноќ, па до утрината општината успеала да заштеди до 30 отсто на сметките за струја.

Од Кичево, пак, велат дека исклучувањето на уличното осветлување по полноќ веќе дало резултати за намалување на потрошувачката и штедење на Буџетот на општината. Но, по еден месец општината се реши да го промени системот на осветлување. Ги промени сијалиците на бандерите и сега општината контролира колку тие ќе осветлуваат. Колку послабо светат, толку повеќе се штеди електрична енергија.

Сепак, има и такви општини кои барале други алтернативи. Општина Чаир воведе рестрикции на некои улици, но поради реакции од жителите тие веднаш биле укинати. Општината се одлучила да ги замени светилките со ЛЕД осветлување и на тој начин да ги намали трошоците. На ист начин штеди и Ѓорче Петров, од каде велат дека сметките се помали за 25 проценти, за разлика од претходниот систем на осветлување.

Експертите сметаат дека и општините и институциите мораат да штедат бидејќи електричната енергија станува сѐ поскапа. Професорот Константин Димитров вели дека промената на системот за осветлување е еден од начините за заштеда, но рестрикциите даваат имаат поголеми ефекти.

Константин Димитров

-Велиме, можеби една капка е малку, но ако се соберат повеќе капки од повеќе општински трошоци може да излезе определена сума за да се покрие некоја дупка. Добро е што размислуваат на правилен начин дека не може да се бара од некаде помош, ако самиот себеси не си помогнеш. Во кризни времиња оправдани се овие средства со кои се обидуваме да заштедиме. Ако Владата покрие трошоци на општината, парите пак ги зема од граѓаните. Не ги зема од друг, и затоа сметам дека тоа е оправдано, вели Димитров додавајќи дека колку оваа мерка и да е непопуларна, таа има ефект.

Дел од медиумите објавија дека по препорака од ЗЕЛС општини како Битола уличното осветлување го префрлиле на Јавно претпријатие бидејќи тие добиваат многу пониска цена од онаа на отворениот пазар. Телма пишува дека и други општини добиле таква препорака од ЗЕЛС.

Но од Асоцијацијата го негираат тоа. Оттаму велат дека официјална препорака немало. Но, со неколку градоначалници било разговарано дека постои ваква опција и оти на тој начин општините ќе можат да заштедат пари. Колку и кои општини досега вовеле рестрикции на уличното осветлување ЗЕЛС засега нема информација. Но оттаму велат дека рестрикциите се единствен излез од кризата бидејќи општините ќе бидат принудени да земаат кредити за да ги платат сметките за електрична енергија. Со вакви цени на струјата од ЗЕЛС стравуваат и дека општините ќе бидат принудени со кредити да исплаќаат плати на вработените.

Димитров вели дека ваквите маневри на општините нема ништо спорно. Тие според него, немаат никаков ефект врз домаќинствата и граѓаните.

-Се бара начин да се намали трошокот. Државата рекла општините да одат на слободен пазар, а не преку универзалниот снабдувач. Со тоа ги буткаат општините во загуба. А државата ги покрива трошоците на електростопанство и на ЕВН. Сепак, тоа ќе го платат граѓаните. Државата што помага на ЕВН-Хоум како универзален снабдувач зема кредит, тој кредит кој го враќа? Граѓаните и фирмите коишто се успешни преку даноците. Сѐ што се троши го плаќаат граѓаните. Нема бегање, трошокот мора да се плати. Купена електрична енергија мора да се плати во даден момент, вели Димитров.

Но претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимовски предупредува дека со ваква злоупотреба и формирање на јавни претпријатија преку кои општините добиваат струја за улично осветлување од универзалниот снабдувач би можело да се зголемат сметките на граѓаните и тоа за 10 отсто.

-Трошокот од 30 милиони евра, што го направиле општините значи 10 отсто зголемување на електричната енергија за граѓаните. Тој трошок РЕК сега ќе го префрли назад кај сите тие општини. Немаме намера повторно да го преземеме тој товар, изјави неодамна Бислимовски.

Јавното претпријатие за државни патишта, под чија надлежност се автопатиштата низ државата е всушност првата институција која воведе рестрикции за да заштеди на сметките за струја. Одлуката ја донесе и ја соопшти уште во ноември минатата година кога етапно почна да го намалува осветлување на државните патишта. Оттаму велат дека тоа ќе трае сѐ додека трае и електро-енергетската криза.

Но, и покрај рестрикциите, сметките за струја кои ги плаќа ЈПДП за само половина година се зголемиле за речиси двојно.

-Нашите податоци говорат дека и покрај воведените максимални рестрикции поради порастот на цената на струјата зголемен е износот на плаќање на сметките на струја, велат од Државни патишта.

Од месеците меѓу октомври и март, најниска сметка за струја ЈПДП добила во ноември, нешто повеќе од 8,5 милиони денари. Највисока сметката била во јануари, кога претпријатието платило речиси 21 милион денари само за потрошена електрична енергија. Претпријатието за само шест месеци платило речиси 85 милиони денари за струја.

Автор: Даниел Василев