Кривичните дела кон припадници на ЛГБТИ заедницата често не добиваат правна разрешница

0
130

„Тебе треба по пет пати на ден да те тепаат“ – ова се само дел од коментарите упатени до Беким Асани, претседателот на Здружението ЛГБТИ Јунајтед Тетово.

На 7. мај, тој беше физички и вербално нападнат, пред очите на неговата мајка, а потоа повторно наиде на хомофобичен и говор на омраза, закани по неговиот живот и повикувања на линч.

Во краток телефонски разговор со ПИНА, Асани откри дека од безбедносни причини го исклучува телефонот, и е недостапен, а по две недели константни закани по него, но и по вработените во Здружението, тие претходно соопштија дека се приморани да стават клуч на канцелариите на ЛГБТИ Јунајтед Тетово и Центарот на ЛГБТИ Заедницата во Тетово, сè до надминување на овие случувања.

Беким ни потврди дека го пријавил случајот во полиција, а ЛГБТ Јунајтед досега повеќепати апелираше до надлежните да  ги преземат сите неопходни активности за расчистување на случајот и задоволување на правдата, како и итно да се осврнат на заканите по живот кон Асани, но овој случај засега, епилог сè уште не добил.

Фото: Фејсбук / LGBTI United Tetovo

„Додека полицијата сѐ уште трага по сторителот на нападот, на социјалните мрежи се споделува хомофобичен говор на омраза и отворени закани по физичкиот интегритет и животот на Асани. Освен телесните повреди со кои се здоби порано месецов, Асани се наоѓа под огромен притисок поради континуираните повици за насилство кон него кои неретко се остваруваат, што негативно се одразува врз неговото ментално здравје.
Вработените во организацијата исто така се чувствуваат несигурно и стравуваат за својата, но и за безбедноста на посетителите на канцеларијата, па од тие причини беше одлучено истата привремено да се затвори додека не се создадат услови за работа“ – соопштија неодамна од ЛГБТИ Јунајтед.

ЛГБТИ+ заедницата е поизложена на дискриминација и вербални и физички напади од општеството

Континуираната изложеност на вербални и физички напади, дискриминација и други форми на родово базирано  насилство има огромно влијание врз психолошкото здравје, физичката добросостојба и развојот на една личност – потенцира психолог Зорица Николова и вели дека има многу истражувањата на оваа тема кои таргетираат различни фактори со цел да се добие една адекватна и реална слика за состојбата на менталното здравје кај ЛГБТИ+ заедницата.  А сите овие истражувања говорат за голем број последици, вклучувајќи депресија, посттрауматско стресно растројство, анксиозност, влијанија врз физичкото здравје и соматски грижи, зголемени идеи/обиди за самоубиство, злоупотреба на супстанции, ниска самодоверба, зголемена дисоцијација и тенденции за избегнување.

Ефектите од физички напад може сериозно да влијаат врз менталното здравје – потврдува психолог Николова

Таа вели дека долготрајните ефекти се прилично тешки. Самопочитта е значително намалена и тоа навистина придонесува за намалување на самодовербата на жртвите. Ги дестабилизира границите на жртвата, доведувајќи до намалена себевредност и доверба во себе и во другите. А тоа често доведува и до нарушени интеракции со блиските луѓе.

Живеејки во хетеросексуално општество неизбежно носи предизвици кај луѓето со нехетеросексуална ориентација, истакна Николова, велејќи дека огромен број на луѓе кои се идентификуваат како ЛГБТИ+ се соочуваат со социјална стигма, хетеросексизам, насилство и дискриминација, а токму овие луѓе се и меѓу најмаргинализираните групи во општеството, во нашата земја, но и насекаде во светот. Па, тие најверојатно, во текот на својот живот ќе искусат дискриминација врз основа на сексуална ориентација и/или сексуален идентитет, споредено со хетеросексуалните лица – посочи таа.

Во 2021 година само статистиката на Коалиција Маргини има документирано осум случаи на дело од омраза извршени на ЛГБТИ лица каде што 5 од нив се домашно насилство – посочува Елена Петровска од Маргини и Националната мрежа против трансфобија и хомофобија.

Фото:Елена Петровска / приватна архива

Кривичните дела остануваат блокирани во институциите на системот наместо да добијат правна разрешница

Петровска истакна дека неказнивоста на сторителите испраќа порака дека секој може да посегне и да го направи истото без да биде казнет, а тоа е много лошо заради тоа што, како што вели,  на таков начин институциите го нормализираат насилството врз ЛГБТИ припадниците и во јавноста продолжува осудата кон нив, а со ова се  укажува на тоа дека овие лица не заслужуваат да бидат заштитени од институциите на системот.

-За жал, дел од овие лица кои што се напаѓачи се и млади лица, адолесценти кои што растат со една грешна порака и грешни вредности коишто ги водат кон извршување на такви кривични дела. Овде би го спомнала и говорот на омраза кој исто така е кривично дело кое што е регулирано со закон и доколку би имало правна разрешница, секој би одговарал за тоа пред законот – вели Петровска и додава дека имплементацијата на Кривичниот закон во дела на разрешување на овие кривични дела врз припадници на ЛГБТИ заедницата останува неприменет како таков. А овие случаи остануваат блокирани во институциите на системот наместо да добијат правна разрешница – тоа е потврдено и според овогодинешниот извештај на ИЛГА-Европа  за позицијата на нашата држава во однос на другите европски држави.

Rainbow Map 2022: Стагнираат ЛГБТИ правата во земјава, од вкупно 49 европски земји, Р.С.М две последователни години е на 31-то место

Виножитната мапа на ИЛГА-Европа, која ги рангира правната и политичката ситуација на ЛГБТИ луѓето во 49 европски земји, укажува дека Северна Македонија бележи стагнација, односно нема назадување, но нема ни напредок по овие прашања.

фото: printscreen/rainbow-europe

Најголемиот дел, 90% од организациите се сместени во Скопје, па во другите градови состојбата е драстично полоша – вели Петровска.
– Во Скопје можеби имаме дел од заедницата која е поотворена, послободна, има поддршка од невладините организации, но во другите градови има особено страв од вакви напади, проследени со срамење, деградација… За жал жртвите не се мотивирани да пријавуваат токму заради недовебата во институциите – посочи Петровска и вели дека иако дел од случаите со насилство се пријавени или добиваат медиумска видливост, како што е случајот со Беким, има луѓе кои што се напаѓани на различни места, на различни локации, но заради недоверба и немање желба да се бават со институциите, бидејќи ги знаат резултатите, не сакаат да пријаваат, а тоа е многу лош показател.

Кога едно ЛГБТИ лице е нападнато, вознемирена е целата заедница

Петровска вели дека овие немили настани оставаат трајни последици и трауми и секако се вознемирува и целата заедница заради тоа што стравува дека утре може и на некој друг од заедницата да му се случи истото.

– Колегата активист Беким Асани навистина не знам кој пат по ред е нападнат. Тој беше нападнат и после првиот Прајд заедно со наши колеги активисти и пријатели од странски држави, па не гледаме никаков епилог или разрешница, а сето тоа доведува до ситуација јавноста да смета дека овие луѓе го дозволуваат тоа, „што ни е гајле нека ги тепаат“, што воопшто не доликува на едно демократско општество кон кое што целиме.

Според неа, пристапот до правдата за ЛГБТИ луѓето е еден важен сегмент од законодавството за што мора уште многу напорно да се влијае на институциите за ваквата ситуација да се смени.

За говорот на омраза пак и онлајн насилството што се случува по социјалните мрежи, коишто се одрзуваат во јавноста без никаков епилог, и се неказнети, Петровска истакна дека сето тоа резултира со физички напади, со физичко насилство коешто е видливо, но и психолошко социјалното насилство кое предизвикува исклучување на ЛГБТИ заедницата од одредени процеси и одредени луѓе.

Самообвинувањето и изолацијата често се норма после ваков тип на трауматски настан – констатира психолог Зорица Николова

Таа потенцира и дека гневот, исто така, е добропознат одговор на траума, но тоа е секундарна емоција од повреда и разочарување. Таа вели дека може да се развијат и проблеми со злоупотреба на супстанции, обиди за самоубиство или симптоматологија на големо депресивно нарушување.

фото:психолог Зорица Николова / приватна архива

-Кога зборуваме за менталното здравје на ЛГБТИ+ луѓето, едно е недвосмислено јасно: социјалната стигматизација, вклучително и физичката виктимизација, претставува главна закана за менталното и физичкото здравје. Овие наоди се совпаѓаат со моделот на малцински стрес на Маер за здравјето на сексуалните малцинства, кој наведува дека акутната изложеност на сексуалните малцинства на стресови од средината, како што се вербална или физичка злоупотреба, институционална дискриминација, интерперсонално вознемирување и општа социјална маргинализација, дава кумулативен психолошки стрес.

Европскиот парламент повика земјава да се справи со насилството, дискриминаторскиот говор и говорот на омраза

Токму загриженост по прашање правата на ЛГБТИ заедницата во државава, изрази и Европскиот парламент во новиот извештај за Северна Македонија за 2021 година, под точка 35, посочувајќи на големиот пораст на дезинформации и дискриминаторски говор против припадниците на ЛГБТИ заедницата и бранителите на човековите права во медиумскиот и политичкиот дискурс ЕП го осудува вознемирувањето, говорот на омраза, злосторствата од омраза и смртните закани со кои се соочуваат луѓето од ЛГБТИ заедницата и бранителите на нивните права, и повика на спроведување сеопфатни истраги и санкционирање на таквите инциденти.

Правна рамка има, треба само да се применува

Во Кривичниот закон веќе како основ за дело од омраза ги има сексуалната ориентација и родовиот идентитет од пред 2-3 години. Така што рамка постои, само треба да се применува. Но, Петровска истакна дека во моментот стагнира напредокот на унапредувањето на законодавната рамка меѓутоа стагнираат и други политики, мерки и документи кои што би можеле и би требало да се донесат со цел обезбедување и унапредувањето на правата на оваа заедница кај нас.

Како до подобрување на правата на заедницата

Има најразлични начини на работа, од една страна е работа со институциите, секојдневна борба за донесување на што понапредна легислатива со цел да обезбедиме подобра заштита на легислативно ниво, а од друга страна, мора да се работи и на спроведување на тоа, односно многу голема работа е потребна во пракса.
Овде Петровска ги посочува обуките и тренинзи за сензибилизација на полициски службеници и други надлежни, односно работа со институциите и на пониско ниво, не само на ниво на Министерства, со цел запознавање со проблематиките. Константно работење на ниво на цела држава, и секако, јавно да се говори за овие прашања за сензибилизација на јавноста. Таа ја истакна и потребата од соработка со политичарите, политичката волја мора да продолжи – вели таа, иако гледаме една стагнација, без некој напредок во изгласување некоја понапредна легислатива.
Според неа, напротив, во изминатиот период бележиме и тоа како навраќање на стериотипи и предрасуди, па и говор на омраза и тоа директен говор на омраза од самите пратеници во Собранието, што не е дозволено – изјави Петровска.

Парадата на гордоста придонесува за намалување на предрасудите кон ЛГБТИ заедницата и сузбивање на физичко и вербално насилство

Парадата на гордоста е еден настан којшто во суштина е од заедницата за заедницата, а со тоа претставува и настан кога заедницата е највидлива, со цел да се обележи борбата за еднаквост, за слобода, за почит, за достоинство, а од друга страна тоа е начин каде што голем дел од заедницата излегува за да се почувствува слободно и да му порача на општеството – тука сме, постоиме, и ќе се бориме понатаму за нашата еднаквост и достоинство, и правда.
Оваа година протестниот марш Скопје Прајд се одржa на 25-ти јуни.
– Секако дека Парадата на гордоста допринесува за намалување на предрасудите заради тоа што активно зборуваме особено во овој месец, меѓутоа сè уште забележуваме голем отпор, големи предрасуди, неосновани непознавања, неразбирања на проблемите со коишто се соочува заедницата, а уште помалку пак разбирање и почит, но се надевам дека со текот на времето сепак ќе има промена. Парадите мора да се одржуваат во секој контекст, тие се показател на едно демократско општество – заклучи Петровска.

Психологот Зорица Николова објаснува каква е општата слика во нашето општество по прашање ментално здравје на ЛГБТИ+ заедницата.

Иако се забележува зголемен пораст во прифаќањето на ЛГБТИ+ луѓето и поголема видливост во јавниот живот и во медиумите, особено во период од само две децении, каде што има јавна и научна свест за ЛГБТИ+ луѓето и за нивните проблеми, сепак, многу ЛГБТИ+ луѓе сè уште се подложени на дискриминација, вознемирување и насилство во својот дом, на училиште, на работа, како и во најблиската заедница и во окружувањето.

Несоодветниот третман може да се забележи во многу форми, од несоодветни шеги, вербални навредувања, нееднаков третман, па сè до физичко насилство. За голем број луѓе од ЛГБТИ+ заедницата ова трае цел живот. Неоспорно е дека стигмата и дискриминацијата имаат последици и дека луѓето многу често се под притисок да се вклопат во општествените конвенционални идеи за машко и женско. Обидот за вклопување е прикривајќи го својот идентитет, а тие пак што не се вклопуваат се подложни на дискриминација, одбивање и насилство.
Оваа долготрајна сосотојба на изложеност на секојдневни стресори и трауматични настани  претставува инвазија на интегритетот на една личност, а тоа генерално доведува до ризик од нарушено ментално здравје, особено ако оваа инвазија на интегритетот е голема или, пак, континуирана.

Покрај ниската самодоверба, трауматичните настани се поврзани и со ментални сосотјби. Истражувањата покажуваат дека поголемиот дел од луѓето кои што се малтретирани ќе доживеат голема реакција на стрес ‒ од анксиозност до нарушувања на спиењето и депресија. Особено ако физичките напади се континуирани или се случило во порани години, истражувањето сугерира на тоа дека постои поголема веројатност симптомите на депресија да бидат долгорочни. Дополнително, во зависност од природата на малтретирањето и нападите, жртвата може да доживее симптоми на посттрауматско стресно растројство. Ова се случува кога индивидуата, по трауматски или вознемирувачки настан, ги истрошува вообичаените механизми за справување со стрес и ги намалува своите резилиентни снаги со тоа. Кога ќе се случи тоа, сеќавањата од трауматскиот настан ќе имаат трајни ефекти и ќе се повторуваат одново и одново како поединецот за првпат да ја преживува траумата, бидејќи звуците, мирисите, сликите и чувствата не биле соодветно обработени и складирани, односно мозокот повторно се фокусира само на трауматскиот настан и на поврзаните емоции како настанот постојано да се повторува во мозокот.

Психолог Николова препорачува да се разгледа и прифатлива и ефективна психотерапија и советување.  После физички напад врз една индивидуа многу е значајно да се работи, секако во безбедна средина на зголемување на чувството за безбедност кај лицето и намалување на стресот, развојот на лични и социјални ресурси,  решавање на преостанатата траума како и зајакнување на клиентот да се соочи со социјалната стигма и дискриминација, кога е соодветно.

Авторка: Љубица Иванова