И преквалификуваниот кадар тешко до работни позиции

0
148

Преквалификуваните луѓе немаат секогаш можност лесно да дојдат до работна позиција. Работа тешко наоѓаат и некои со  завршени магистерски и докторски студии, односно во Македонија дури 25 доктори на науки се без работа.

Таков е примерот и со Филип Петковски. Докторирал на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (УКЛА) за заштита на културно наследство, еден од најпрестижните универзитети во светот, а работел во неколку интернационални организации, меѓу кои и УНЕСКО. Но, работа за него нема.

Филип Петковски

Вели, не сака да си замине од земјава зашто сите што ги сака се тука, но никаде кадешто побарал прием не бил добредојден и покрај големото искуство. Работа барал во високото образование бидејќи веќе има такво искуство. Три години работел како асистент на УКЛА, па претпоставувал дека тоа искуство и образование ќе бидат пресудни за негов ангажман.

„Ми се чини дека таквите квалификации и не се толку важни во институциите каде што побарав прием. Во принцип, да се дојде до работно место како професор, научен соработник или асистент е една од потешките мисии бидејќи, барем во моментов, не постојат отворени работни места, а најверојатно би се ослободиле по заминување на некои од професорите во пензија. Отворање на нови работни места на универзитетите се реткост и можеби се случуваат еднаш во десет години“, вели Петковски.

Добивал различни одговори, но најчесто дека е потребно менување на систематизацијата и нејзино одобрување од Министерството за образование и Министерството за финансии. Петковски се сомнева дека одговорните лица имаат волја да започнат еден таков процес.

„Третиот и најчест одговор, или можеби подобро кажано изговор, е дека треба некој да се јави. На тој изговор сме некако сите навикнати и во јавноста е познат како пресуден за добивање работно место. Така да, иднината на многу луѓе ја решаваат луѓе ‘што ќе се јават’“, вели Петковски.

Иако се надева дека не е така, сепак, тој се сомнева дека можеби во државните институции и министерствата раководните лица се плашат од преквалификуван кадар. За него е поразително што 25 доктори на науки седат дома без работа. Тој објаснува дека се потребни детални анализи на пазарот на труд.

„Многу луѓе ми имаат кажано дека во државава функционира некаков процес на негативна селекција, односно дека се отстранува или не се вработува кадар кој е преквалификуван. Не верувам дека ова е и случајот во приватни компании каде што работодавецот сака да печали на работоспособноста на вработените, но може да е случај во државни институции и министерства каде што луѓето кои се преквалификувани и сакаат да направат некакви промени не се добредојдени. Јас искрено се надевам дека тоа не е вистина бидејќи ако е, би било погубно за било каков развој. Не разбирам зошто некој би се плашел од ова“, се прашува Петковски.

Статистиките пак се поразителни. Податоците покажуваат дека од 25-те доктори на науки, 13 се жени. Најголем дел невработените со највисоко образование се во Скопје, дури 9.

Освен тоа, според податоците на Агенцијата за вработување, дури 737 магистри исто така се без работа и се на листа на чекање. Тука, податоците покажуваат дека дури 60 отсто од нив се жени, или во апсолутни бројки, 446.

И бројот на жени со завршено високо образование кои чекаат вработување е поголем од бројот на мажи. Податоците на АВРСМ покажуваат дека од вкупно 9803 невработени со завршен факултет, 6295 се жени.

Познавачите на пазарот на труд сепак објаснуваат дека од самата побарувачка на пазарот зависи колкав ќе е бројот на лица со завршен факултет, магистерски или докторски студии кои седат дома.

Сопственикот на Агенцијата за привремени вработувања Партнер, Раде Ненадиќ за ПИНА посочува дека голем дел од невработените лица се со завршено образование од општествените науки, односно за нив има се помалку места во фирмите.

Раде Ненадиќ

„Ако ја гледаме структурата на магистри, на докторите на науки од Агенцијата за вработување ќе видите дека се тоа претежно магистри и доктори на науки од општествени науки. Таму нема физичари, хемичари, информатичари… Тоа се претежно со завршено високо образование од општествените науки за којшто пазарот на труд во Македонија нема потреба или има минимална потреба. Да речам, од профилот на правници, економисти, филолози, филозофи, историчари на уметност“, објаснува Ненадиќ.

Во меѓувреме, тој вели дека Македонија е мала земја, со мал капацитет за да може да се апсорбираат сите тие кадри.

„Едноставно, неможејќи да најдат работа во струката, да не седат дома залудно се запишуваат на магистратура и после тоа на докторски студии“, додава Ненадиќ.

Запрашан за тоа дали овие луѓе одбиваат да работат за плати за кои сметаат дека се ниски, Ненадиќ објаснува дека платите и степенот на образование не се тесно поврзани.

„Прашањето на платите не може да се врзе во никој случај со степенот на образование. Не значи дека ако некој има магистратура или докторат дека тој треба да зема по ‘дифолт’, поради образованието, поради парче хартија, повисока плата. Прашањето е што тој знае да работи. Со што би ја заслужил таа повисока плата. Не е само: ‘Јас имам магистратура и треба да земам толку пари, а немам ниту ден работно искуство’. Не може некој да почне да работи на некое работно место и веднаш да очекува, не знам, 500 евра плата и какви се очекувањата во тој поглед“, дециден е Ненадиќ.

Доколку се анализираат бројките за тоа колку жени, а колку мажи се вработени ќе видиме дека има голема разлика и дека Македонија сѐ уште е далеку од Европската Унија во поглед на жените кои работат. Истражувачката организација Реактор неодамна објави истражување за тоа колку жените трошат време за неплатена работа. Меѓудругото, користејќи податоци од Евростат за 2019 година, во истражувањето се вели дека во Унијата работат нешто над 60 отсто од жените, додека во Македонија таа бројка е 45 отсто.

График на Реактор

За жените со пониско образование е многу потешко да се најде работа. Само 18 отсто од жените со пониско од основно, основно или попониско секундарно образование се вработени.

Податоците покажуваат дека работат 52 отсто од жените со повисоко секундарно и пост-секундарно образование, додека кај мажите таа бројка изнесува 68 проценти. Кај докторите на науки, пак, вработени се 76 отсто од жените и 80 проценти од мажите.

График на Реактор

Бизнис секторот веќе подолго време алармира дека потребна е детална и стратегија на пазарот на труд зашто подолго време тој не генерира потребни работници. На компаниите потребен им е квалификуван технички кадар. Се жалат дека образованието генерира економисти и правници ги има многу на пазарот, а од кои немаат потреба фирмите. Некои одат и дотаму што предлагаат факултетите од општествените науки да се стават во мирување на година или две, сѐ додека не се појави потреба од нив.

Автор: Даниел Василев