Казна за ,,лажно пријавување’’ преку Фејсбук коментар?

0
1414

Граѓанинот Горан Белевски минатиот месец искоментирал на ФБ профилот на една локална кавадаречка телевизија, под вест за дисциплината на кавадарчани за време на полицискиот час. Во коментарот изнесува негови тврдења за наводно приведување на син на функционер за време на полицискиот час и го става под знак прашалник исходот. За само 20 дена откако искоментирал му стигнала пресуда врз основа на казнен налог со казна од 3 илјади евра или три месеци затвор за лажно пријавување на кривично дело.

Горан Белевски решил да искоментира под една вест на Фејсбук на една телевизија, без да пресмета дека коментарот може да го чини три илјади евра. Тој  раскажува дека се работи за коментар на објавата на една локален кавадаречки медиум од почетокот на април каде што се информира дека Кавадарчани биле максимално дисциплинирани во претходните 48 часа во врска со полицискиот час.

Меѓутоа Белевски изреагирал со коментар на објавата, бидејќи како што тој раскажува имал други сознанија, дека наводно син на функционер заедно со негов другар е приведен во полициската станица за време на полициски час, но дека информацијата се криела од јавноста.

За коментарот  на Горан му е поднесена кривична пријава за лажно пријавување на кривично дело од кавадаречкото обвинителство.

„Донесена е пресуда со која сум парично казнет со глоба во висина од 3000 евра, во спротивно, доколку не ја платам или не може присилно да се наплати, 3 месеци затвор. “, вели Белевски за ПИНА. Пресудата е врз основа на казнен налог, по што адвокатите упатиле жалба и сега ќе се најдат повторно пред судот.

Лажно пријавување направено преку Фејсбук?

Се работи за случај во кој кавадаречкото обвинителство постапува по допрен глас, вели Јанаки Митровски – адвокат на обвинетиот и објаснува дека клучниот елемент – пријавата, поради која лицето е осудено, не постои.

Адвокатот вели дека правната рамка по ова прашање не постои, односно конкретно кривично дело (за да може евентуално да се говори за лажно пријавување на кривично дело) се пријавува со кривична пријава до МВР, директно до основното јавно обвинителство по писмен, или по усмен пат.

„Ова е прв и се надевам последен случај да јавното обвинителство постапува ,,по допрен глас”  поради објава на Фејсбук. Никако не може ОЈО Кавадарци да докаже умисла за лажно пријавување кога клучниот елемент – пријавувањето никаде го нема“, вели Митровски за ПИНА.

Друг пропуст во законската рамка е и самата казна од 3 000евра, смета адвокатот Митровски. Според него, кај паричните казни судот изрекува со колку дневни глоби ќе го казни обвинетиот, па засметува колкава е една дневна глоба, врз основа на имотната состојба и приходите на обвинетиот.

„Но како судот во Кавадарци ја пресметал дневната глоба останува енигма, бидејки во прилог нема никакви докази за примањата на Горан Белевски“, потенцира Митровски.

Според Белевски, во пресудата која тој ја објави на Фејсбук, стои дека тој е прогласен за виновен за Лажно пријавување на кривично дело, врз основа на приложени докази, со казна во износ од 3000 евра. Јавното обвинителство на 14 април на нивниот сајт соопштило дека ОЈО Кавадарци дало Предлог за издавање казнен налог за едно лице кое го сторило кривичното дело – Лажно пријавување на кривично дело од член 366 став 4 од Кривичниот законик.

„ Обвинетиот на 2 април 2020 година преку својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, лажно пријавил дека е сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 1 од Кривичниот законик, иако знаел дека тоа не е така. Имено, тој во објавата истакнал дека истиот ден, син на функционер од едно јавно претпријатие од Скопје, за време на полицискиот час е приведен во полициска станица во Кавадарци.

Едновремено, обвинетиот во објавата истакнува дека началникот на полициската станица во Кавадарци нема да постапи во предметот. Со тоа обвинетиот иницира Основното јавно обвинителство Кавадарци да отвори предмет по допрен глас и да изврши проверки, со кои утврди дека настанот е заведен истиот ден во книгата за дневни настани  и уредно е поднесена кривична пријава за сторителот до Основното јавно обвинителство Кавадарци“, се вели во соопштението.

Како се пријавува кривично дело?

Кривично дело не се пријавува преку социјална мрежа, велат познавачите. На Фејсбук, доколку некој смета дека му е направена клевета и навреда, може да поведе граѓанска постапка во која може да тужи и да бара одговорност. Дали со ваква пресуда би можела да се создаде негативна судска пракса во која обвинителствата ќе поведуваат постапки за казни на граѓани за изнесени тврдења и објави на социјалните мрежи? На сајтот на јавното обвинителство е достапна постапката за пријавување на кривично дело.

,,Кривичната пријава се поднесува до надлежниот јавен обвинител, писмено или усно, телефонски, по електронски пат или со употреба на други технички средства и начини. Ако пријавата е поднесена преку електронски уред, се обезбедува нејзин електронски запис и се составува службена белешка. Ако кривичната пријава се поднесува усно, пријавувачот ќе се предупреди за последиците од лажно пријавување. За усната пријава ќе се состави записник, а ако кривичната пријава е соопштена по телефон ќе се состави службена белешка. Ако кривичната пријава е поднесена до полицијата, до судот или до ненадлежен јавен обвинител, тие ќе ја примат пријавата и веднаш ќе ја достават до надлежниот јавен обвинител“, стои во насоките.

Автор: Љубица Иванова