#ПросторАнтиКорона: Потребни пренамени на улици од автомобили кон велосипеди

0
336

„Потребни се итни преалоцирања на уличен простор од автомобили кон пешаци и велосипеди, за да се случи значаен, речиси радикален поттик на граѓаните да изберат одржлив и безбеден превоз за оваа криза“, велат од здружението „НаTочак“.

Повеќе метрополи во Европа за време на кризата со корона вирусот скратија дел од лентите на улиците, особено во централните градски подрачја и ги пренаменија за велосипеди. Прилагодувањето на кризата и итната потреба за физичка дистанца и безбедно движење во сообраќајот кое овозможува поголема заштита, бараат реорганизација на градовите и нивните улици. Повеќе простор за велосипеди и пешаци, помалку за автомобили.

Лондон, Берлин, Сиетл, Њујорк и многу други градови низ светот за време на кризата со Ковид 19 решија да одземат дел од коловозните ленти и да ги пренаменат за велосипеди со што на луѓето им се даваат повеќе јавни простори за патување, рекреација, одење на работа итн.

Физичкото дистанцирање бара низа промени и ново планирање на јавниот превоз и сообраќајот, кои ќе овозможат подобри услови за поголема безбедност на граѓаните, но и споредно да влијаат на подобрување на проблемите со загадувањето или пак проблемот со паркирање.

„Потребни се итни преалоцирања на уличен простор од автомобили кон пешаци и велосипеди, за да се случи значаен, речиси радикален поттик на граѓаните да изберат одржлив и безбеден превоз за оваа криза“, велат од здружението „НаTочак“.

Тие велат дека мора да им се даде алтернатива на дел од патниците. „Таа алтернатива прогресивните градови ја гледаат во дополнителните брзо спроведени (за неколку дена) велосипедски ленти, не во нивно упатување на автомобилот и дополнително загадување. Не смееме да си дозволиме после оваа криза да завршиме со повеќе автомобили и поголемо загадување.

Со оглед дека јавниот превоз за жал ќе изгуби популарност и корисници во следните година-две (а барем 1/3 од граѓаните се потпираат на него), има две можни сценарија на излез од кризата за кои зборуваат прогресивните градоначалници и експертите за мобилност: поголем број велосипеди или поголем број автомобили. Многу ни е криво што нашите власти не го гледаат овој проблем и овој потенцијал. За резултатите од (не)преземањето навремени мерки можеме да раговараме за една година од сега.
Ова е прашање на прилагодување на оваа криза (заради физичкото дистанцирање), но и прашање на способност да се погледне во иднината, каде ќе се прелеат тие патници од јавниот превоз? И ако е тоа кон автомобили, какви промени ќе створи тоа во нивните навики и во нашата стварност, воздух, безбедност, бучава, дополнителен проблем со паркирање…Што тоа ќе создаде во нашиот град?“, велат од ова здружение.

Може ли Скопје да пренамени улици за велосипеди?

Од Град Скопје велат дека поради работа на Клиничкиот центар, велосипедските патеки биле ставени подолу на листата на приоритети, а најголемата промена во јавниот простор во однос на кризата со пандемијата на вирусот Ковид 19, се однесува на пешачките простори.

Овoj период тие очекуваат да започнат со работа на неколку градски улици со создaвање на простор поради пандемијата со вирусот Ковид 19, како улицата „Кирил и Методиј“, „Московска“ улица и Булеварот „Кочо рацин“.

,,Но најголемата промена во јавниот простор ќе се однесува на пешачките простори, а не на велосипедските“ велат оттаму.

Од Градот Скопје поставуваат физички препреки за да превенираат злоупотреба, но велат дека не секаде тоа може да се направи, само на најфрекфентните локации. Тие велат дека досега поставиле такви препреки на секој новоизграден тротоар, додека на местата каде најчесто се случуваат овие прекршоци, додаваат и дополнителни.

„Минатата година поставивме и бетонски огласници во просторот украсен со улична уметност, како и жардињери со ниско зеленило околу тротоарите кај Порта Буњаковец и Рамстор, заради хуманизирање на просторот и негово физичко оградување и непристапност на возила“ велат тие.

Оттаму соопштија дека улицата Св. Кирил и Методиј има нова велосипедска лента со ширина од 1,5 метри, која била добиена со стеснување на постојните три коловозни ленти од 3,5 на 3 метри, поради кризата со корона вирусот.

Што предлага „Простор Анти Корона“?

Ова здружение за урбан велосипедизам заедно со здружението „ Одржливи иницијативи“, како и со поддршка од 40 формални и неформални организации испратија отворено писмо до надлежните институции под името „Простор анти корона“. Тие нагласуваат дека се потребни дополнителни инти мерки кои би овозможиле зголемено дистанцирање меѓу поединците, а со тоа и спречување на ширење на вирусот.

Поради недостаток небезбеден велосипедски и пешачки простор по улиците, тие предлагаат низа решенија, кои би го поттикнале не-моторизираното движење.

– На булеварите со повеќе ленти, најдесната лента да биде привремено наменета за велосипеди, а велосипедската патека (доколку воопшто ја има) да биде привремено наменета за пешаци.

-На улиците каде има доволно широк коловоз да се воведат велосипедски ленти.

-На улиците од понизок ранг – маалските улици кои немаат воопшто тротоари, немаат доволно широки тротоари или тротоарите се користат за паркирање, да се воспостави зона 20, односно ограничување на движење од најмногу 20км/ч со цел да се овозможи безбедно споделено користење од пешаци, велосипедисти и моторни возила на коловозот.

-Просторот зафатен со плетените паркинзи како тие на ЈП Градски Паркинг, Град Скопје, ЈП за ПУП – Прилеп и ЈП Паркинзи на Општина Центар кои се долж улиците (и на сметка на тротоарите/односно улиците) да се врати на пешаците и велосипедистите.

-Сите општини да ги лоцираат местата каде особено се групираат граѓаните чекајќи ред (пред маркети, аптеки, банки итн.) и да го прошират пешачкиот простор на сметка на коловозот и паркирањето.

Според нив овие предлози се со цел да се обезбеди физичко дистанцирање при пешачењето и возењето велосипед, но најмногу и да се обезбеди алтернатива на јавниот превоз кој би морал значително да го намали капацитетот.

„Но не капацитетот во смисла на број на линии кои се во оптек, туку број на патници во еден автобус на ½ од реалниот капацитет или на ¼ од она што автобусите се полни во шпицевите. За останатите патници претпоставуваме ЈСП не може да обезбеди дополнителен број возила и згуснат возен ред за тие да се распоредат на безбеден начин.”

Сезонава е за три пати зголемена продажбата на велосипеди за разлика од минатите години. Навалицата за велосипеди, како што ни кажаа од неколкуте салони за продажба и сервис на велосипеди, се должи на пандемијата на КОВИД-19. Дел од граѓаните кои досега со јавен превоз оделе на работа, сега користат велосипед како превозно средство, а голем е бројот на оние кои купуваат за да се рекреираат после карантинот и мерките за негрупирање.

Албанија најави забрани за автомобили во викенди

Поради поголема заштита на животната средина, албанскиот премиер Еди Рама најави дека земјата ќе забрани возење на автомобили во викенди, од есента до март, следната пролет. Најавата засега е за викендите, но се разгледува опцијата да важи само за неделите, со што би се намалило загадувањето.

Автор: Маја Терзиова

Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на ова видео е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.