Списокот за тоа како пандемијата влијае врз човековите права е долг. Но, една од најзагрижувачките последици е она што се случува по пандемијата во однос на она што станува „ново прифатено нормално“, вели Виџиленца Абази, асистент професор на Универзитетот во Мастрихт и дел од Мрежата ,,Стела“. Во интервју за ПИНА таа говори за влијанието на кризата со Ковид 19 врз правата на „свиркачите“, последиците кои кризата ги носи за човековите права и за тоа дали кризата ќе донесе раст на авторитаризмот низ светот.
Пандемијата на вирусот Ковид 19 го промени светот што го познававме и влијаеше врз нашите животи на многу начини. Кои ќе бидат последиците што оваа криза ќе ги има врз човековите права?
Веќе гледаме влијание врз човековите права, кои ги принудија организациите како Советот на Европа да издадат упатства за тоа како владите можат да управуваат со пандемијата и само привремено да се преземат мерки со кои пропорционално ги ограничуваат правата.
Списокот на влијанието на правата е долг, навистина, врз сите наши права има влијание од пандемијата. Но, една од најзагрижувачките последици е она што се случува по пандемијата во однос на она што станува „ново прифатено нормално“. Јас набљудувам што се случува во врска со слободата на говорот, во сите аспекти. Една работа што е глобален негативен развој се напорите на владите да ги замолчат работниците на своето работно место. Работниците во првите редови, особено медицинските работници, кои се обидоа да го кренат гласот, се соочија со реперкусии поради тоа што проговориле јавно.
На почетокот, кога кризата беше се уште локална и светот не знаеше за новиот вирус, Кина се обиде да ги замолчи оние што зборуваа дека ова е многу сериозно и може да има погубни последици. Каква улога играат свиркачите во изложување на факти и спротивставување на цензурата?
Не може доволно да се потенцира клучната улога на свиркачите во изложување на факти и ризици, за навремено да го сторат тоа. Д-р Ли Венлианг и д-р Аи Фен во Кина се обидоа да ги споделат своите грижи за симптомите што ги забележале кај пациентите и ако нивните алармирања се сфателе сериозно, одговорите на оваа пандемија можеле да бидат различни од самиот почеток. Кина се обиде да го контролира наративот за тоа како тие се справиле со пандемијата и контролата на информациите е жестока. Но, иако во помала мера, импулсот на владите да контролираат информации и да цензурираат свиркачи е глобален, имаме случаи на свиркачи во сите региони на светот. Дури и во Европа и САД, бројот на свиркачи и третманот на кој биле изложени е доста значаен. Се обидувам да ги мапирам и анализирам овие случаи во неодамнешен труд со бесплатен/отворен пристап.
Покажувам како недостатокот на транспарентност и неуспесите во размената на информации е систематски и глобален за време на пандемијата со Ковид 19 и дека за време на кризата – „свиркањето“ стана „лек“ за цензура.
Низ целиот свет, веќе гледаме пораст на надзорот, бидејќи државите користат технологија на различни начини во борбата со пандемијата. Како може да се увериме дека технологијата се користи само за нашата благосостојба и заштита на здравјето, а не исто така и за поголема контрола?
Песимистички одговор би било да се каже дека за некои земји веќе е предоцна да се зборува за намалување на контролата што овие алатки за надзор им ги даваат на владите. Едно нешто треба да се запамети, а тоа е дека владите даваат погрешен впечаток. Не станува збор за бирање помеѓу приватноста или здравјето. Навистина, имаме доволно софистицирани технолошки алатки и со соодветна одговорност, можеме да постигнеме и приватност и здравје. Има многу напори во овој поглед во Европа и Европскиот парламент усвои Резолуција со која се бара секоја апликација да се користи во согласност со заштитата на податоците.
Дали кризата ќе доведе до пораст на авторитаризмот и дали многумина ширум светот ќе ја изберат слободата пред безбедноста?
Веќе можеме да бидеме сведоци дека има такви тенденции на некои места, промените во законите во Унгарија и намалувањето на слободата на новинарите е еден пример. Но, мислам дека луѓето преку оваа пандемија разбраа колку е голема важноста на компетентноста кај владите, наместо демагогиите и важноста на стручноста наместо празната реторика. Останува да се види на изборите што претстојат, вклучувајќи го и САД, дали ова разбирање ќе се манифестира и преку гласови.
Вие сте дел од „Стела“, граѓанска организација која придонесува за родова еднаквост во регионот. Оваа криза исто така ќе има огромен ефект врз правата на жените. Какво ќе биде влијанието и дали мислите дека одредени прашања во следниот период ќе бидат „паузирани“ во јавниот дискурс, бидејќи фокусот главно ќе биде ставен на Ковид 19 и јавното здравство?
Жените се на предната страна од оваа пандемија на безброј начини, бројот на жени кои работат во услуги за нега е поголем во повеќето места во светот, наставата и грижата за децата, медицинските сестри и сл. Сосема спротивно на прашањата што се „паузирани“, мислам дека треба да ги користиме за оваа криза да се одрази на тоа кои работни места се плаќаат и колку и каква е поделбата на трудот. Уште поважно, видовме дека извештаите за семејно насилство и злоупотреба се зголемуваат за време на пандемијата, така што ова не е време да се „паузираат“ правата на жените, родовата еднаквост, правичната плата, семејното насилство, но треба да ги дискутираме и дебатите повеќе и да провериме дали се претворени во акција.
Во Стела, ние се стремиме да ги поддржиме девојчињата и жените во постигнувањето на нивните образовни и кариерни цели. Во овој период, продолживме со нашите менторски процеси и се обидовме да ја пренесеме нашата поддршка, и покрај тешките околности. Неодамна бевме домаќини на интернет настан на СТЕМ, во кој беа вклучени амбасадорот на Велика Британија Галовеј и 6 докторанти од Универзитетскиот колеџ во Лондон. Наскоро ќе имаме повеќе настани на Интернет за поддршка на менторите и ќе продолжиме да им помагаме на девојчињата со нивните универзитетски апликации.