Медиумските организации денеска испратија осуди за навредите и сексизмот упатен кон новинарката Мирослава Бурнс од страна на порталот „Доказ.М.мк“.
Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) велат дека се згрозени од нападите, навредите и клеветите изнесени на порталот „Доказ.М.мк“ кон Мирослава Бурнс.
„Згрозени сме од речникот употребен во текстовите на овој портал, кој ниту во најблага варијанта не може да се смета за соодветен јавниот дискурс, а особено сме згрозени од сексистичките навреди и клевети, дури и навреди што задираат во приватниот живот на „метата“ на нападот“, велат оттаму.
Тие додаваат дека навреди и клевети од овој тип се неприфатливи како реакција на професионално изработен текст на нивната колешка и дека треба да се стави крај кога на факти и аргументи се одговара со монструозни конструкции. Тие ја поддржуваат и ја охрабруваат новинарката овој случај да биде решен по судски пат.
Мирослава Бурнс за ПИНА вели дека клеветничкиот и навредлив текст го доживува како обид да се оневозможи нејзиното пишување рецензии за непрофесионални текстови. Таа додава дека и во иднина тоа нема да ја спречи да продолжи да пишува за секоја тема вредна за медиумско внимание со цел подобрување на професионалните стандарди.
„Напишав професионално изработена статија по строго утврдени критериуми, за поголем број текстови објавени на „Доказ“, во кој тие стигматизираат, етикетираат жени, ги навредуваат, се служат со сексизам, ги посочуваат нивните наводни сексуални партнери, ги клеветат дека „легнале некого за работно место, објавуваат наводни швалерки на функционери, и како одговор на таа рецензија добив сличен текст за мене, како оние што првично ги рецензирав“, вели таа.
Навредливиот текст го осуди и Здружението на новинарите на Македонија. Новинарките во земјава често се предмет на различни видови притисоци поради извршувањето на својата работа, а во последниот период и на зголемено сексуално вознемирување.
Освен како новинари, тие се напаѓаат и како жени. Повеќе за проблемот во видеото изработено од Програмата за жени новинарки на ПИНА.