Прилагодување кон новата ,,нормалност”

0
440

Кризата со коронавирусот успеа да ја дестабилизира економијата, наставата ја префрли онлајн, учениците и родителите ги изолира во нивните домови, а несомнено многу влијае и на културата и сите изведувачки уметности, изнудувајќи нејзина адаптација кон новата реалност. Како ќе изгледа новото утре во нашата земја низ призма на нашите соговорници. 

Со олеснувањето на мерките преземени за совладување пандемијата со Корона вирус, работниците се враќаат на своите професионални активности во нивните канцеларии, продавниците се отвораат, а и индустријата се враќа на старото работно време. Притоа почитувајки ги трите клучни правила: често миење и дезинфицирање раце, одржување 2 метра растојание и носење заштитна опрема.

Родителите во привремена улога на наставници

Веќе два месеци училиштата се затворени, а и училишната година ќе заврши со настава од дома која учениците ја совладуваат преку зголемената улогата на родителите.

Ирена Ночев, вработена во приватна компанија е родител на две деца (11 и 8 години). Таа имала можност изминатиов период да работи од дома и брзо се прилагодила на новонастанатата ситуација. Иако мерките не биле во тој момент јасно одредени и не бил прецизиран начинот за тоа како нејзината компанија ќе функционира.

„На почетокот бевме во паника, но за кратко време воспоставивме нови навики, ускладувајќи ги секојдневните работни обврски со домашните и обврските кон нашите деца и нивните училишни задолженија“ – вели таа.

Со текот на времето, семејствата се прилагодуваат, низ искушенија, почнуваат и да уживаат во можноста за првпат да поминуваат повеќе и поквалитетно време со своите деца и притоа да се ослободени од секојдневната трка, во која функционирале претходно во нивните „нормални“ услови.

„На моменти беше тешко да се постигне се, да се приготви храна, да се завршат сите домашни обврски, да им се помогне на двете деца при исполнување на секојдневните училишни обврски, а притоа успешно и навремено да се завршат работните обврски“ – вели Ирена.

Според новата одлука на владата, како превентивна мерка од пандемијата со вирусот Ковид 19, нема да има продолжување на училишната година додека работните места со олабавувањето на мерките се враќаат во нормалниот тек.

За Ирена оваа одлука е коректна со оглед на ситуацијата во нашата земја, но останува предизвикот за грижата и чувањето на децата во текот на работното време

„Децата имаат свое темпо во совладувањето на задачите и секако им е потребно време за извршување на секојдневните обврски во домашни услови, а за жал ние како родители го немаме тоа време и капацитет за да помогнеме во постигнувањето на очекуваните цели и резултати“.

Таа додава дека предностите од оваа одлука се безбедноста и здравјето на децата, на сите нас и на нашите најблиски, но помалку добрата страна е во тоа што нашата улога и вклученост во продолжувањето на образовните активности би била помалку возможна.

„За тоа секако благодарна сум на флексибилноста која ми ја нуди моето работно место, која за жал ја немаат многу родители, поради различноста на дејностите и секако можноста на работодавците. Верувам дека ќе се почитуваат мерките и понатаму и дека до крајот на школската година ќе изнајдеме начин“, истакнува Ирена.

Нема назнака за промена за економијата во новата реалност

Оваа криза многумина ги остави без нивните работни места или ја почувствуваа и низ намалување на платите. Неизвесна е борбата со пандемијата и Ковид 19, нејзиното времетраење и какви последици ќе остави и на здравството и на економијата.

Според Бранимир Јовановиќ универзитетски професор и економски истражувач, кризата со корона ги открива сите слабости и нехумани контрасти на постојниот систем, додека обичните луѓе остануваат без работа и добиваат кратење на платите, директорите продолжуваат да добиваат плати од десетици илјади и исплаќаат дивиденди за време на кризата.

„Гледаме како обичните луѓе добиваат повисока акциза, додека богатите продолжуваат да бидат привилегирани и да плаќаат пониски даноци“ – подвлекува Јовановиќ.

Тој додава дека додека малите фирми се борат да преживеат, големите профитираат и од кризата, „Гледаме како бизнис заедницата моли за помош од државата, а само неколку месеци претходно велеше дека државата не треба да им се меша во работата и се противеа на прогресивниот данок“ вели тој.

Јовановиќ истакнува дека кризава иако полека стивнува и работите се враќаат во „нормала“, нема назнака за било каква промена за економијата. Раните остануваат, а најмногу ги печат обичните и малите.

„Ќе останат неколку стотици милиони евра нов јавен долг кој поради постојниот регресивен даночен систем ќе го враќаат посиромашните. Ќе останат илјадници нови невработени и сиромашни. И ќе останат илјадници мали фирми на раб на егзистенција“ дополнува тој.

Културата како колатерална штета

Синиша Ефтимов, македонскиот режисер кој го врати духот на современата комедија, вели дека кога владата прогласила пандемија, ја подготвувал неговата нова претстава во продукција на Театар Комедија „Си беше еднаш“, по мотиви на драмата „Fools“ од Нил Сајмон, но добил вест која несомнено лошо се одразила на неговиот професионален ангажман, а таа гласела „Пробите се прекинуваат веднаш и се одложуваат на неодредено. Истото важи и за тековниот репертоар“.

Театарската сезона завршува со неславен рекорд на одложени претстави и премиери. Без сцена и без публика, уметноста на сцена не постои. Адаптацијата е несомнено тешка за новата реалност бидејќи театарот и театарските работници се во многу деликатна состојба.

Ефтимов оваа состојба ја опишува како „Одење по тенка жица“, но се надева дека следи подобар период. Според него реалноста е дека следната сезона би поминала во истражувања за тоа како би се оддржал театарскиот живот.

„Препорачаната социјална дистанца е невозможна, како на сцена така и во аудиториумот и доколку се преполови капацитетот на седишта, се доведува во прашање оддржливоста на проектот. Притоа интеракција помеѓу ансамблот и полна сала, станува мислена именка“ истакнува тој. Според него можна е и алтернативна летна сезона и изведби на отворено, додека би се создале услови за враќање во театарските сали, но она што е позитивно е дека би можеле, да се надеваме дека станува збор за привремени мерки додека ситуацијата не би се нормализирала.

 

„Од друга страна обесхрабрува и фактот што во овие вонредни мерки и ребаланси на буџет, културата е колатерална жртва, бидејќи предвидените проекти кои требаше да се реализираат до крајот на оваа година и средствата намети за истите, се пренаменети во сектори кои добија приоритет, за разлика од повеќето земји во нашето опкружување кои напротив ја стимулираа културата. Кај нас тоа е видливо со симболичен стимул на независната културна сцена, што е за поздравување, но стопирањето на сите национални проекти, загрижува“ воочува тој.

 

Соговорниците едногласно посочуваат дека лекцијата од кризата е во поголемата и поактивната улога на државата во економијата и општеството. Во заштита на оние кои немаат, ранливите и слабите наспроти големите и моќните затоа што Ковид 19 тие и најмногу го почувствуваа.

И како што вели Бранимир Јовановиќ во новата нормалност системот за социјална заштита треба да дава поголема поддршка на сиромашните и невработените. Работниците треба да бидат позаштитени, особено оние со договори на определено време и хонорарците. Мерките за државна помош треба да се однесуваат пред се на малите фирми, а не на големите и профитабилните. Вложувањата во здравството и науката треба многу да се зголемат. И за да може да се обезбеди се ова, јавните финансии треба сериозно да се консолидираат, преку прогресивните даноци, т.е. повисоки даноци за оние кои заработуваат и имаат повеќе, и за компаните кои прават поголеми профити. Според него сето ова треба да биде составен дел од новото утре,  но, дали ќе биде, останува да видиме по пандемијата.

Автор: Маја Терзиова

Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на ова видео е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.