Во новата година Македонија влегува со низа социјални прашања

0
139

Пред неколку месеци светската и домашната јавност станаа свесни за енергетската криза што ги принуди македонските власти да прогласат кризна состојба. Истовремено, граѓаните го почувствуваа и ценовниот шок кој придонесе до „замрзнување“ на цените, но се отвори и темата за покачена минимална плата и ставањето во законска рамка за недела да биде неработен ден.

Претпразнично, на неколку дена пред Нова година, македонската јавност е затечена од низа социјални прашања кои директно ги погодуваат и се неизбежни за неа. Дел од овие прашања го поттикнаа и најголемиот синдикат односно Сојузот на синдикати на Македонија да организира протест пред десеттина дена, заканувајќи се со генерален штрајк доколку не се остварат нивните барања.

Веќе неколку недели со ред се шпекулира колкаво ќе биде покачувањето на цената на електричната енергија, иако владините функционери се децидни дека таа би се покачила за максимално 10% од моменталната цена.

Економскиот експерт и професор на Виенскиот институт за меѓународни економски студии Бранимир Јовановиќ за ПИНА вели дека нема никаква дилема за тоа како ова ќе се одрази врз граѓаните.

Бранимир Јовановиќ

Тој посочува дека тоа ќе ја зголеми и онака преголемата сиромаштија која во последните две години, како што вели, порасна поради пандемијата и другите поскапувања.

„Ќе го влоши и животниот стандард на онаа мала средна класа во државата. Прашањето е само колку, што ќе зависи од тоа колку ќе поскапи струјата. Ако струјата навистина поскапи 30-40%, како што се шпекулира деновиве, тоа ќе биде катастрофа во секој поглед. Нема мерки што можат да ублажат толкаво поскапување. Доколку пак поскапувањето е до 10%, како што изјавуваат владини претставници, тогаш ударот може да се ублажи ако владата обезбеди директна финансиска поддршка за оние 100.000 сиромашни семејства, ако ги држи замрзнати цените на храната што е можно подолго, и ако преземе мерки за зголемување на платите на работниците“, наведува Јовановиќ.

Според него, тоа што е важно да се сфати, а за кое вели дека воопшто не се зборува е тоа кои се причините за поскапувањето на струјата. Тој додава дека растот на цената на струјата во Европа е само изговор, а не причина за нејзиното поскапување.

„Причините се што ниедна влада во изминатите 30 години не инвестирала во енергетиката, и тоа што сегашнава влада реши да го „либерализира“, односно дерегулира пазарот на струја во 2018 година, под влијание на тогашниот вицепремиер за економија, кој тогаш изјавуваше дека струјата нема да поскапи. Дерегулација, во ситуација кога државата увезува скоро половина од потребите за струја, неминовно води до поскапување. Да не забораваме, струјата поскапи веќе двапати во последните две години“, дециден е тој.

Според Јовановиќ, тоа што државата може да го направи за да спречи поскапувања на електричната енергија и во иднина е под итно да почне да вложува во енергетиката, пред се во обновлива енергија.

„Не приватни фирми да вложуваат, како што се прави сега со амин од владата, туку државата да вложува. Но за жал, за такво нешто не се ни зборува“, додава тој.

Едно од социјалните теми кои ги засегнаа граѓаните беа и покачените цени на бројни производи што ги затече граѓаните. Оризот, јајцата, тестенините, лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2.8%, 3.2% и 3.5%, свежото месо и сувомеснатите производ и сирењето и урдата, се производите за кои Владата во два наврати донесе одлука за замрзнување на нивните цени.

Владини функционери веќе одреден период ветуваат и најавуваат покачување на минималната плата на 18.000 денари од први јануари. Прашањето за дополнителните 3.000 денари за работниците го крена на пиедесталот и Сојузот на синдикати на Македонија.

На средина од овој месец десетици работници поттикнати од ССМ го имаа истото барање – покачување на минималната плата на 18.000 денари.

Барањето на ССМ за зголемување на минималната плата  на износ од 18000 денари прелиминарно беше на дневен ред во преговорите кои ги водевме со владата и соодветните министерства во текот на годината , но законските промени не се направени и резултатите не се испорачани. ССМ со своите аргументирани ставови бара минималната плата да го следи растот на просечната плата и истата да изнесува 60% од просечната плата , односно не помалку од 18.000 денари“, велат од ССМ за ПИНА.

Но, исто така тие бараат и доследно почитување на колективните договори во насока на уредување на платите со колективни договори, со што, како што додаваат, ќе се обезбеди скалесто зголемување на сите плати, намалување на сиромаштијата и подобра егзистенцијална положба на работниците и граѓаните.

Најавите за покачување Јовановиќ ги зема со резерва. Тој е дециден дека покачувањето делумно ќе ги ублажи негативните ефекти од поскапувањата, но, вели  е дека тоа не е доволно за пристоен живот, иако е повеќе од сегашните 15.000 денари.

„Гледајќи колку бизнис заедницата се мобилизираше против покачувањето, не сум сигурен дека власта ќе си остане на зборот, иако, нели, постојано изјавуваат дека и тие се покачување“, вели Јовановиќ.

Во меѓувреме, тој вели дека сите аргументи говорат во прилог на покачувањето на платата.

„Македонија има меѓу најниските минимални плати во Европа, споредено со трошоците за живот. Околу 8-9% од вработените во Македонија живеат во сиромаштија, што е меѓу највисоките во Европа, што покажува дека сегашната минимална плата не ги вади луѓето од сиромаштија, туку ги држи во неа. Од друга страна, профитите на компаниите се перверзно високи – Македонија е една од ретките земји во Европа каде профитите на газдите на фирмите се повисоки од платите на работниците. Но во Македонија аргументите одамна не се слушаат“, додава тој.

Минималната плата треба да се „врзе“ со потрошувачката кошница, смета Јовановиќ.

„Државен завод за статистика до пред некое време пресметуваше колку изнесува потрошувачката кошница во државата, па од некоја причина престана да го објавува тој податок, и сега таков податок објавува Сојузот на синдикати. Според нивната синдикална минимална кошница, минималните месечни трошоци на едно четиричлено домаќинство во Македонија изнесуваат околу 35.000 денари. Оттука, овие 18.000 денари што ги бара Синдикатот се околу една половина од минималните месечни трошоци на едно семејство, што е океј. Би можело законски да се постави минималната плата да не може да биде пониска од 50% од потрошувачката кошница, со тоа што кошницата, идеално, би ја пресметувал Завод за статистика, како официјален државен орган“, објаснува Јовановиќ.

Тој посочува дека ова е подобро решение отколку минималната плата да се врзува со просечната плата, затоа што, како што вели „кажува дека минималната плата треба да им овозможува на луѓето да ги покријат животните трошоци, што е многу важно да се сфати“.

Наскоро само 8% од работниците ќе работат во неделите

Идејата која проструи пред нешто повеќе од една година, од први јануари ќе стане реалност. Работниците во неделите нема да работат, барем поголемиот дел од нив, или во бројки – 92 отсто. Останатите 8% кои ќе работат ќе добиваат поголеми дневници и слободни денови.

„По предлог на ССМ. Недела станува неработен ден“, напишаа ССМ на Фејсбук пред неколку дена. Ова беше уште едно од барањата на ССМ на протестот пред на 12 декември.

„Ова решение е во интерес на граѓаните, неделата треба да биде ден посветен на одмор, ден за поквалитетно време за секој граѓанин на кој тоа му е потребно, ден за семејството, ден за себе“, пишува во објавата на ССМ.

Идејата за недела неработен ден е добра и според економскиот експерт Јовановиќ, кој прави паралела со Австрија, каде што живее, а вели дека таму е така со години и нема никаков проблем. Од тоа, како што додава има само позитивни ефекти, односно луѓето имаат повеќе време за важните работи во животот.

Во меѓувреме, Јовановиќ смета дека во македонското решение сепак се ставиле премногу исклучоци, со што се обезвреднила целата идеја.

Според него нема смисла тоа што се дозволило да работат моловите, а исто така смета дека се ставиле и доста проблематични исклучоци за помошните и придружни дејности и работи, кои вели дека може многу широко да се толкуваат, што отвора простор за злоупотреби.

„Тоа е проблемот со оваа влада, што сака да се прави дека е социјалдемократска, за работниците и сиромашните, за социјална држава и слично, ама не сака да се замери со бизнисмените, поради што не успеа ниедна социјална мерка да истурка како што треба. Сакаат да седат на две столици – да бидат и со работниците, зашто им требаат нивните гласови, но и со  бизнисмените, зашто им се пријатели. Не можам да разберам само како не сфатија досега дека секој што пробува да седи на две столици, на крајот треснува на земја“, вели тој.

Сите овие отворени социјални прашања, односно економските кризи историски гледано доведуваат до пораст на нееднаквоста. Повеќе погодени се посиромашните од побогатите, вели Јовановиќ.

„Не дека е тоа некоја економска детерминираност, туку богатите едноставно имаат поголема политичка моќ и можат повеќе да влијаат на политичарите. Има два исклучок од ова правило. Првиот е во економии со силни социјални системи и високи даноци, каде државата преку редистрибуција ги штити посиромашните. Ваков пример се нордиските и некои западно-европски земји во оваа криза. Вториот исклучок е кога постои можност за револуција, или социјални немири, што ги тера политичарите да прават отстапки во корист на сиромашните“, додава Јовановиќ.

Низ историјата вакви примери имало многу, особено во 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, кога се издвојувани многу од денешните социјални права, додава тој.

„Бидејќи во Македонија денес ни едното ни другото не е случај, пандемијава, и економско-социјалната криза која дојде со неа, дополнително ќе ги продлабочи класните разлики“, дециден е Јовановиќ.

Истовремено, вели дека некои мерки како привременото замрзнување на цената на храната можеби малку ќе го ублажат ударот, но дециден е дека товарот на кризата повторно ќе падне на плеќите на сиромашните, односно, како и многупати досега.

Автор: Мартин Колоски