Игор Јадровски: Граѓаните најчесто пријавуваат случаи на повеќекратна дискриминација

0
166

Работиме на најразлични случаи од аспект на основ, област и вид на дискриминација. Од областите најчесто застапени области се работата и работните односи и пристапот до добрата и услуги. Морам да нагласам дека граѓаните најчесто пријавуваат случаи на повеќекратна дискриминација, односно дискриминација која е извршена на повеќе основи и овие случаи доминираат во вкупниот број на случаи кои се водат пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, вели во интервју за ПИНА, членот на Комисијата, Игор Јадровски.

Со него разговаравме и за актуелната состојба во Комисијата, како еден граѓанин да пријави случај на дискриминација и плановите на Комисијата за следниот период.

Дали се работи на некакви реформи во Комисијата, по промената на нејзиниот состав?

Реформирањето на правниот субјективитет, составот и начинот на работа на Комисијата се направени уште со носењето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација во 2020 година.

Една од главните реформи се законските услови за избор на членови на Комисијата. Согласно важечкиот закон за членови на Комисијата може да бидат избрани лица кои имаат високо образование и најмалку 7 години искуство во областа на човековите права, од кои 5 години искуство во работа на дискриминација, што претставува значително подобрување во однос на далеку поопштите услови од стариот закон, согласно кој, за член на Комисијата можеше да биде избрано лице со високо образование и искуство во областа на човековите права и општествените науки.

Овие реформи се во насока со меѓународните стандарди за поставеност на телата за еднаквост (Париски принципи) и гарантираат дека оваа Комисија е експертско тело.

Статусот на избрани и именувани лица на членовите ја прави Комисијата и професионално тело. Членовите на Комисијата ја извршуваат својата функција професионално и истата е инкопатибилна со вршење на друга професија или дејност, за разлика од членовите на претходната Комисија за заштита од дискриминација, кои хонорарно ја вршеа функцијата, посветувајќи само еден ден во неделата во Комисијата.

Останатите значајни реформи се во проширувањето на законските надлежности на Комисијата и воспоставувањето на стручна служба, која е административна поддршка во работата на Комисијата.

Од аспект на реформирањето на функционирањето на Комисијата, ние досега сме максимално транспарентни во нашата работа, отворени за соработка со останатите државни органи и институции, домашните граѓански организации и меѓународните организации.

Може ли да се каже дека конечно оваа Комисија работи како што треба, имајќи ја во предвид работата на претходниот состав на истата?

Не би било благодарно да правам споредба со работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација со работата на претходната Комисија за заштита од дискриминација, бидејќи сегашната Комисија не е правен наследник на претходната Комисија, односно станува збор за две различни институции, со различна поставеност, правен субјективитет, формирани со различни закони.

Во однос на прашањето дали работиме како што треба, би можел да говорам за тоа дали работиме во рамките на законските надлежности, дали ги користиме сите законски надлежности кои ни се дадени со Законот за спречување и заштита од дискриминација и дали ги почитуваме законските рокови за постапување по претставките.

Би направил мало резиме на искористувањето на повеќето проширени законски надлежности согласно важечкиот закон, за изминативе 11 месеци во кои постоиме како институција. Веројатно најпрепознатливата функција е постапувањето по претставки. До овој момент пред Комисијата се иницирани 160 постапки, од кои 78 се постапки кои се преземени од претходната Комисија.

Во 158 од 160 предмети Комисијата постапуваше во рамките на законскките рокови за водење на постапката и носење на мислења и препораки.

Покрај постапувањето по претставките, Комисијата постапуваше и во службена должност и носеше општи препораки. Ја користиме и работиме на зајакнување на промотивната и информативна функција на Комисијата.

До сега имавме заедничка кампања со Фудбалската федерација на Македонија за промоција на принципот на еднаквост, а во изминатиот месец започнавме и соработка со повеќе единици на локалната самоуправа за децентрализација на работата на Комисијата и заедничка соработка за промоција на принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација на локално ниво.

Дополнително во овој период ја искористивме и новата законска надлежност за вклучување во судски постапки како пријател на судот и вмешувач во судска постапка, вклучувајќи се во 4 судски постапки, од кои 1 по барање на Уставниот суд.

На крај би ги издвоил и учествата на Комисијата во консултативни процеси на носење закони и политики, учеството на Комисијата во изготвувањето на меѓународните извештаи кон конвенциите кои државава ги ратификувала, како и воспоствуањето на соработка со останатите тела за еднаквост од југоисточна Европа.

Комисијата се уште е нова институција со недоволни човечки капацитети (5 вработени и 2 практиканти) и секогаш ќе постои простор за подобрување на работењето.

Но, сметам дека ваквото екстензивно искористување на законските надлежности на Комисијата во првата година на функционирањето, vis a vis капацитетите и условите покажуваат дека Комисијата “работи како што треба”.

Секако најдобрата оценка за работењето на институцијата треба да го дадат граѓаните кои иниицирале постапки и побарале заштита од дискриминација пред Комисијата.

На какви случаи моментално работите?

Работиме на најразлични случаи од аспект на основ, област и вид на дискриминација. Од областите најчесто застапени области се работата и работните односи и пристапот до добрата и услуги.

Од аспект на основите најчести основи врз кои граѓаните пријавуваат дискриминација се личен и општествен статус, политичка припадност, етничка припадност, раса, боја на кожа.

Морам да нагласам дека граѓаните најчесто пријавуваат случаи на повеќекратна дискриминација, односно дискриминација која е извршена на повеќе основи и овие случаи доминираат во вкупниот број на случаи кои се водат пред Комисијата.

Каков е епилогот од досегашните случаи на дискриманција на кои работевте периодов?

Во речиси една третина од слуачите Комисијата за спречување и заштита од дискриминација донела одлука за отфрлање на претставките заради ненадлежност и ги упатила подносителите каде можат да го остварат своето право, односно каде би можеле да го адресираат правниот проблем.

Ова само ја нагласува големата потреба за информирање на граѓаните што всушност претставува дискриминација, кои се законските надлежности на Комисијата и како треба да се разликува дискриминацијата од останатите повреди на права.

Во 29 случаи Комисијата утврдила постоење на дискриминација и дала препораки за отстранување на дискриминацијата. Во овие случаи дискриминаторите најчесто постапуваат по препораките, а за малкуте случаи во кои дискриминаторите не постапиле по препораките, Комисијата, согласно законот, има поднесено барања за поведување прекршочна постапка против дискриминаторите. Во 32 случаи Комисијата не утврдила дискриминација, а останатите случаи се во тек.

Колку од случаевите на кои работите се однесуваат на родова дискриминација и дали има отворено такви случаи?

Во 7 од вкупниот број на случаи една од основите врз кои се пријавила дискриминација е родот. Сите 7 случаи се пријавени како случаи на повеќекратна дискриминација, односно дискриминација врз повеќе основи, од кои едната е род.

Како еден граѓанин да пријави случај на дискриминација?

Дискриминација може да се пријави на неколку начини.

Првиот начин е писмено, лично во просториите на Комисијата на ул. Даме Груев бр. 1 во Скопје или поштенски.

Не постои пропишана форма за претставката за пријавување на дискриминација, единствено битно е претставката да ги содржи битните елементи од законот – податоци за подносителот, податоци за лицето против кого се поднесува претставката, околностите и фактите врз кои се темели претставката, податоци за правните дејства што претходно ги вложил подносителот, доколку ги има и потпис на подносителот.

Во просториите и на веб страната на Комисијата има предлог образец за претставка кој може да им послужи на граѓаните.

Вториот начин е усно пријавување дискриминација на записник во просториите на Комисијата.

Третиот начин е електронски начин на пријавување. На веб страната на Комисијата www.kszd.mk има опција “пријави дискриминација” на која граѓаните може да пријават дискриминација. Друг електронски начин на пријавување дискриминација е со праќање скенирана претставка, која ги содржи сите погоренаведени битни елементи на контакт меилот на Комисијата contact@kszd.mk

Кои се плановите на Комисијата за следната година?

Приоритетните планови се докомплетирање на стручната служба, соодветно приспособување на Комисијата да биде пристапна за лица со секаков вид попреченост, подобрување на просторните капацитети на Комисијата и реализирање на годишниот план за работа за 2022 година во смисла на зајакнати интерни капацитети на Комисијата, признаеност и препознатливост на Комисијата како национално тело за заштита од дискриминација, превенција на структурните нееднаквости и промоција на принципот на еднаквост и зголемена јавна свест во однос на начините на превенција и заштита од дискриминација.

Автор: Петре Димитров