Намалувањето на данокот за менструални производи сè уште на „стендбај“

0
179

Производите за менструална хигиена во Македонија се оданочуваат 18%, по општата даночна стапка. Иако изминативе години активно се зборуваше на оваа тема и постоеја иницијативи за намалување на данокот на овие производи, тој сè уште останува непроменет.

Менструацијата не е луксуз, да се избориме против даночната дискриминација“, вака гласи петицијата која пред две години ја покрена здружението Новинари за човекови права, преку која се бара намалување на данокот за менструалните производи од 18% на 5%, а која е потпишана од речиси 2.500 луѓе.

Претседателката на здружението, Наташа Доковска за ПИНА вели дека оваа тема е актуелна за политичарите само пред избори, кога ветуваат се и сешто.

„Имаме испратено неколку писма, поканети бевме од неколку политички партии да разговараме на темата, и на Комисија за буџет во Собрание, но се останува само да не сослушаат. Намалувањето на ДДВ-то од 18 на 5 % е сигнал дека државата се грижи за своите жители и ги почитува основните човекови права меѓу кои е и правото на менструално здравје, и секако со цел да се намали менструалната сиромаштија. Незамисливо е производите за менструално здравје да се оданочуваат со 18% бидејќи тоа не е луксузна стока“, објаснува Доковска.

Со намалувањето на данокот за менструалните производи, според Доковска, трошоците кои ќе се намалат се околу 30 денари на месечно ниво, или околу 360 денари годишно.

„Трошковната анализа за менструалните производи која ја имаме направено покажува дека во Северна Македонија жените се подготвени да одделуваат до 100 денари месечно за  управување со менструалното здравје, што е незамисливо ако се има предвид дека цената на производите кои најмногу се користат и се најквалитетни чинат 150 денари, не вклучувајќи ја цената на лекови кои се консумираат тие денови, како и евентуалното отсуство од работа. Цената на менструални производи не треба да надмине 150 денари по жена месечно“, децидна е Доковска.

Во меѓувреме, Доковска вели дека постојните табуа и стигмата, ограничениот пристап до хигиенски производи за менструација и лошата санитарна инфраструктура ги поткопува образовните можности.

„Има голем број на девојчиња кои изостануваат од 2-3 дена во текот на месецот од училиште, со што има зголемување на инфекциите кај жените за 70 отсто, како и целокупниот социјален статус на жените и девојчињата ширум светот, па и кај нас, а што може да се забележи преку намалена самодоверба на жената, отсуство од работа, и губење на гордоста“, посочува таа.

Здружението бара од Владата субвенционирање на цената на производите за менструално здравје и намалување или укинување на данокот на менструалните производи. Тие меѓудругото бараат и обезбедување бесплатни пакети со менструални производи за ученичките, како и бесплатен пристап до менструални производи во женските тоалети во моловите и во тоалетите на компаниите.

Се чека на јавна расправа во Собранието

Пратеничката од редовите на ДОМ Маја Морачанин вели дека во март годинава се одржал Форум на жени на партијата на тема „Менструална правда во македонското општество“ каде учесниците имале заеднички став дека е потребно да се дискутира на оваа тема во Собранието.

„Поради протоколите за заштита од Ковид-19 и паузата во работата на Собранието во тек на локалните избори, оваа дебата се уште не се одржа. Очекувам мојот предлог да биде прифатен и наскоро Комисијата за еднакви можности на жените и мажите да организира јавна расправа на оваа тема. Исто така, немам информации дека некоја пратеничка група го разработила ова прашање, но верувам дека сите пратенички и пратеници ќе ја поддржат иницијативата“, вели Морачанин за ПИНА.

Истовремено таа вели дека Владата има важна улога за ова и очекува дека позитивно ќе се произнесе по иницијативата за намалување на данокот за хигиенските средства за менструација.

Менструалната правда како предуслов за социјална правда

Според сеопфатната студија за пристап до менструална хигиена насловена „Менструална правда“ издадена од здружението „Тиииит! Инк.“, 98% од граѓаните би поддржале целосно ослободување од ДДВ или намалување на даночната стапка од 18% на 5% на производите за менструална хигиена за да се намали нивната цена.

Маргинализираноста на правото за достоинствено справување со менструацијата како јавно прашање е видлива и во неприспособената јавна инфраструктура, се оценува во истражувањето.

Според податоците, дури 90% од испитаниците сметаат дека во јавните тоалети во нашата земја нема услови за безбедно и достоинствено одржување на менструална хигиена.

Мнозинство испитанички/ци исто така сметаат дека справувањето со менструацијата треба да биде предмет на интерес на јавните политики, па така 90% од нив мислат дека треба да има бесплатни производи за менструација во јавните објекти.

Наодите од анализата индицираат дека трошоците за справување со менструацијата и болката се високи ако се земе предвид официјалната статистика за дистрибуциите на заработувачка и економски статус во земјава, како и официјалната статистика за стапката на сиромаштија.

Значителен дел од девојките и жените се или во некој период од животот можат да бидат засегнати од менструална сиромаштија. Сепак, она што охрабрува е зачетокот на свесност дека менструалното здравје е прашање од јавен интерес и дека менструалната правда е предуслов за социјална правда, се наведува во истражувањето.

Автор: Кристијан Трајчов