Неказнувањето на семејното насилство продуцира насилство

0
129

Соња е дете без родителска грижа и имала многу тешко детство. За жал проблемите во животот се зголемиле откако малолетна стапила во брак. Со години трпела психичко и физичко насилство од нејзиниот сопруг. Таа била невработена и немоќна, па кога решила да ја напушти насилната средина, нејзините две малолетни деца останале со насилникот.

„Не можев повеќе да ги издржам ударите, секој ден ме тепаше, ми беше жал децата да ги оставам, но немав избор, морав за да не ме убие. Немав каде да одам со децата, морав нив да ги оставам. Немав работа, останав на улица. Го пријавив во Центарот и во полиција. Децата ги гледав само кога тој ќе посакаше, ми беше многу тешко, но успеав. Застанав на нозе со помош и поддршка од Центарот и од организации и си ги земав децата“, раскажува жртвата на семејно насилство. Женскиот фонд и помогнал на Соња со месечна закупнина, режимски трошоци како и помош во целост за да може да застане на свои нозе и да се бори за децата. Денеска Соња е горда мајка на две деца која успеала да ги заштити и да го прекине кругот на насилство.

И Лидија, мајка на четири малолетни деца, имала слична судбина. Нејзиниот сопруг долги години ја навредувал, омаловажувал и многу често ја удирал. Неколку пати се обидела да го напушти насилникот, но поради материјални услови и финансиски средства, не била во можност да ја напушти средината. „Ме претепа, буквално ме остави да не можам да земам здив. Бев мажена во друг град, но земав сила и заедно со децата се качивме во автобус, се вратив дома во родниот град. Бев решена по секоја цена да не се враќам во тој пекол. Пријавив во Центарот и во Национална мрежа, тоа ми беше единствената шанса да можам да им обезбедам на децата среќно и безгрижно детство без насилство“, ја споделува својата приказна и оваа жртва на семејно насилство. Фондот обезбеди помош и поддршка за да можат да се рехабилитираат од насилството. Денес Лидија заедно со децата живее во безбеден дом.

Ова се само дел од тажните приказни со кои секојдневно се соочуваат во Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, каде бројни жртви на семејно насилство бараат помош, поддршка, спас од ударите и психичкото насилство со кое што се соочуваат во домот. Поради заштита на личните податоци и интегритетот на семејствата жртви на семејно насилство, идентитетот на жртвите е прикриен или измислен, но насилството е реална слика на општеството во кое живееме.

Пандемијата и семејното насилство

Од почетокот на пандемијата на Ковид-19 е зголемено семејното насилство, заради тоа што многу од семејствата останаа затворени во домовите. Од почетокот на годинава во Националната мрежа се јавиле околу 100 жени. Од нив 30 отсто рекле дека претрпеле психичко насилство, 45 отсто – физичко, 10 отсто рекле дека претрпеле сексуално насилство и 15 отсто – економско насилство. Иако насилството се случува зад четири ѕида, далеку од очите на јавноста, жртвите се почесто се осмелуваат да зборуваат за голготата низ којашто поминуваат и бараат помош – за да се заштитат себеси, но пред се своите деца.

Здравствената криза која се прогласи во март месец 2020 година ги извади на површина веќе постоечките предизвици со кои жртвите на семејно насилство се соочуваат катадневно. „Жените жртви на насилство се соочија со голем број на предизвици особено во првиот месец од прогласувањето на пандемијата со пристап до надлежните институции каде можат да го пријават насилството. Заканата за губење на работните места, зголемените обврски во домот и грижата за децата, особено оние  што имаа школски деца, откако целокупната настава премина онлајн, претставуваше дополнителен предизвик за нивната и онака тешка состојба. Дел од жените кои решиле да ја напуштат насилната средина се соочија со уште поголеми предизвици посебно со домувањето и плаќањето на закупнини и режиски трошоци. Дополнително дел од жените беа на работ на егзистенција, па имаа потреба од поддршка и со основни пакети за храна и хигиена, посебни оние жени кои работеа во реалниот сектор и се соочија со губењето на работните места (бутици, кафичи, ресторани, обложувалници, трговски центри)“, раскажува за ПИНА, Ана Аврамоска Нушкова, проектна координаторка во Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Сива бројка на непријавени случаи

Случаи на семејно насилство има многу, но нашата соговорничка вели дека имаат индивидуален пристап кон сите жени кои што им се обратиле за помош. „Нашето советувалиште нуди директна помош и поддршка на жените кои имаат потреба од правно советување и упатување, остварување на права од социјална заштита, психолошка помош и советување како и дополнително работа со кариерен советник. Имаме жена која успеа во рок од една година да ја напушти насилната средина што е клучно да почне процесот на нејзина рехабилитација и реинтеграција, да најде соодветна работа согласно нејзините квалификации, да се осамостои и да почне да помага на други жени. Дополнително ја заврши бракоразводната постапка и доби пресуда за доделување, чување и издршка за своите две малолетни деца. Таа се уште работи со психотерапевт за надминување на траумите од насилството. Има многу приказни“, објаснува Ана Аврамоска Нушкова.

Статистиката не покажува зголемен број на новорегистрирани случаи поврзани со семејното насилство за време на пандемијата, но ставувањата се дека има „сива бројка“ на случаи, кои што не се воопшто пријавени. Според податоците на МВР во 2020 година нема значително зголемување на бројот на кривични дела поврзани со семејно насилство во споредба со 2019 година. Ако во 2019 година се регистирани 989 кривични дела, а во 2020 година имало 992 случаи. Останува високиот процент на жени жртви на семејно насилство од 81% односно 85%.

Она што е значајно е зголемување на бројот на поплаки од семејно насилство во 2020 година, особено во првата половина на годината, кога беше прогласена вонредна состојба и карантински денови. Имено, забележано е зголемување од 25% споредено со 2019 година. За истиот период во 2020 година, полицијата регистрирала 1.935 поплаки, а во 2019-та бројот на поплаки од семејно насилство бил 1.541. На ниво на целата година во 2020 година имало 3.761 поплака, а во 2019 година – 3.196 случаи, каде се бележи зголемување од 18% на годишно ниво.

„Сите да работиме на полето на превенцијата – тоа е една од клучните цели кои сите ја имаме како должност и на која мораме да работиме. Да направиме активности со што би ја намалиле онаа ‘сива бројкa’ на непријавени случаи поврзани со насилство врз жените и семејно насилство. Да работиме на обуки и сензибилизирање на сите професионалци кои работат на директна помош и поддршка на жени жртви на насилство и семејно насилство, како и преку јавни кампањи и намалување на родовите стеротипи и разлики, како и одбегнување на оние штетни обичајни практики“, вели Нушкова.

Секој може да биде потенцијална жртва на насилство

Жените од урбаните средини се соочуваат со истите родови стереотипи и штетни обичаи како и жените од руралните. Разликата е помеѓу начинот на живот, како и достапноста на информациите преку медиумите и достапноста до адекватни специјализирани сервиси. За жал во земјата се уште е присутно мислењето дека насилството во домот е нешто што се случува зад затворени врати и не се согладува поголемата слика на проблемот дека е општествен проблем. Се уште има жени што нема да се осмелат да пријават силување од страна на нивниот сопруг или интимен партнер. Осудата и не давањето на поддршката прво доаѓа од семејството, а потоа и од околината.

„Се уште се прашуваме каков е профилот на жртвата. А, всушност нема профил на жртва. Сите во определен момент може да бидеме потенцијална жртва на насилство независно од социјален статус, религија, образование, боја на кожа. Има само профил на насилник, чие однесување е исто независно каде живее“, вели Нушкова.

Неказнувањето на насилството продуцира ново насилство

Од Мрежата против насилство врз жените укажуваат дека во зависност од тежината на делото за кој е обвинет и осуден насилникот, казните многу често знаат да завршат со условна осуда. Па така, неказнувањето на насилството продуцира ново насилство. Насилникот знае дека нема да биде казнет па зошто не би продолжил да го врши истото.

„Само за нецели две години имаме четири случаи на сексуално вознемирување на жени и девојки преку интернет од почетокот на јануари 2020 година, кога се откри и првиот случај на ‘Јавна соба’. Никој до сега не е казнат, а после неа се открија уште три вакви групи каде слики на девојки и жени со нивни лични податоци во сексуална конатација беа разменувани меѓу членовите во групите и никој не сноси одговорност за истото. Мора да има измени во законите пред се Кривичниот Законик и да почнеме да ги гониме сторителите“, укажува Нушкова.

Секоја трета жена е жртва на насилство

Во Македонија секоја трета жена е жртва на семејно насилство. Од вкупно 26 убиства на жени, извршени во периодот од 2017 до 2020 година, 22 се квалификувани како фемициди, со оглед на тоа што сторители биле сегашни или поранешни партнери или други членови на семејството на жртвата, покажува Анализата на случаи на фемициди.

За проблемот неодамна алармираше и сопругата на бугарскиот амбасадор во земјава, Билјана Ангелова, која е иницијатор на кампања за поддршка на жртвите за домашно насилство. Таа за БТА изјави дека по почетокот на пандемијата со Ковид-19 се зголемил бројот на жените жртви на домашно насилство. Според неа, во Бугарија пред пандемијата, секоја четврта жена била жртва на домашно насилство, во земјава пак, секоја трета.

Фемицидот како проблем

Фемицидот претставува родово базирана форма на насилство врз жени и е најсериозната форма која завршува со смрт на жената и е насилство, односно убиство на жена само затоа што е жена. Повеќе од 75 отсто од жените што се убиени, независно од тоа колкава е бројката на годишно ниво, се убиени од интимниот партнер, поранешен или сегашен.

Во 2020 година има четири убиени жени и сите биле убиени од интимен партнер и во ниеден од овие случаи претходно не било пријавено насилство, а за тоа подоцна сведочеле роднини и пријатели на жртвата. Организациите коишто работат на оваа проблематика сметаат дека фемицидот треба да биде посебно кривично дело, или да има дополнување на отежнувачките околности при квалификација на основното убиство со попрецизно дефинирање на родово базираното насилство, по примерот на европските земји.

Измени на Кривичниот законик

Македонија направи сериозен чекор напред во однос на заштитата и превенцијата од насилство врз жените и семејното насилство со ратификацијата на Истанбулската конвенција која е навистина важна за македонското законодавство особено поради тоа што  дефинира неколку клучни поими, и тоа: насилство врз жени, семејно  насилство, род, родово базирано насилство, жртва и жени. Дополнително, Конвенцијата ги препознава и сите форми на насилство врз жените, како што се: „психичко насилство“, „демнење“, „физичко насилство“, „сексуално насилство и силување“, „присилни бракови“, „женско генитално осакатување“, „присилен абортус“ и „присилна стерилизација“, како и делото „сексуално вознемирување“.

Според Националниот акцискиот план, промените на Кривичниот законик и негово усогласувањата со Конвенцијата во согласност со годишниот оперативен план на Министерството за правда требаше да се спроведат во 2019 година, но тоа сè уште се нема случено. На крајот од јули оваа година измените од страна на Владата беа доставени во Собранието и во моментов се во собраниска процедура.

Со нив се воведуваат нови кривични дела како демнењето, женско генитално осакатување и сексуално вознемирување. Исто така се менува чл.186- силување во кое немањето на согласност е едно од основните обележја за кривичното дело. Ова се дел од предложените измени за кои неодамна стана збор на јавната расправа за усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција.

Како што објаснуваат од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, измените на Кривичниот законик се однесуваат на потребата од измени во однос на полов напад и силување, дефинирање на психичкото насилство, инкриминирање на демнењето како ново кривично дело, со што оние кои што ќе се осудат на ваков потег, ќе добијат парична казна или пак затворска казна до три години, но и заштита за жртвите. Исто така, измените на КЗ треба да го опфатат и инкриминирањето на делото „сексуално вознемирување“, вметнувајќи ја родовата перспектива и да се дадат гаранции дека родовите димензии ќе се земат предвид. Постојното законодавство коешто го регулира семејното насилство е родово неутрално и не ги препознава специфичните аспекти на семејното насилство.

„Поради несоодветната законска рамка, како и поради нерегулирањето на различните форми на родово базирано насилство, недостасува сеопфатен систем за собирање податоци во врска со различни форми на родово базирано насилство врз жените и девојките, вклучувајќи и информации за односот на сторителот со жртвата. Така, постои сериозен предизвик да се следи високата распространетост на насилството врз жените и девојките во земјава. Согласно сето ова, сметаме дека со предложените измени не само што ќе се даде поголема заштита на жртвите, побрзо реагирање на органите на прогонот, бидејќи ќе бидат инкриминирани повеќе дејствија на насилство врз жените и семејното насилство, дополнително ќе придонесе и за поефективно гонење на сторителите кое е во целост согласно Истанбулската конвенција“, објаснуваат од Националната мрежа против насилство врз жените.

Aвтор: Даниела Зафировска