Теориите на заговор дојдоа заедно со вирусот – на нив не се имуни ниту Македонците

0
74

Теориите на заговор почнаа да се појавуваат на социјалните мрежи веднаш по првата вест за Ковид-19, а ваквите теории „цветаат“ во време на криза, кога луѓето се чувствуваат загрозени и несигурни. Ова се дел од заклучоците на истражувањето насловено „КОВИД-19 теории на заговор“ на Керен Даглас од Универзитетот во Кент.

Според истражувањето, пандемијата создала совршени околности за теориите, а истражувањата сугерираат дека тие имаат негативни последици врз превентивното однесување на луѓето.

Младите луѓе пак се повеќе се „закачени“ на социјалните мрежи и таму наидуваат на море од информации кои често треба да бидат проверени, поради големиот број на дезинформации кои се шират на овие платформи. Немањето волја тие да се проверуваат ги прави склони на нив, но и на теориите на заговор.

Доколку контекстот на темата се пренесе на локално ниво, информациите покажуваат дека на теориите на заговор не се имуни ниту младите од Македонија. Тоа го покажува и истражувањето на Младинскиот образовен форум (МОФ) и Фондацијата за демократија Вестминстер насловено „Социо-политичко учество на младите: Нееднаквост, неизвесност и различни очекувања“ кое бешe објавено во август.

Истражувањето, меѓудругото покажa дека дури 42,9% од младите веруваат дека мала група на моќници ја создале пандемијата за да манипулираат и владеат со светот.

Претседателот на МОФ Петар Барлаковски вели дека резултатите од истражувањето на нивната организација, се разочарувачки и изненадувачки од негативен аспект. Тој додава дека ова укажува дека младите како демографска група се склони кон вакви теории што се должи пак на недостатокот на критичка мисла кај оваа група, логичното расудување, како и ниското ниво на медиумска писменост.

Петар Барлаковски

„Проблемот со ширењето на теориите на заговор е комплексен проблем, но доколку го
раслоиме на одредени делови неговото потекло произлегува од потребата за сензационализам и популарност кај одредени индивидуи и медиуми кои ги споделуваат овие теории на заговор без научна основа – специфично кога зборуваме за пандемијата и Ковид-19“, објаснува Барлаковски.

Барлаковски за ПИНА рече дека проблемот со ширењето на теориите на заговор не е исклучиво кај оние коишто ги споделуваат теориите, туку и кај оние коишто веруваат во нив. За подобрување на оваа ситуација, спомена дека тоа е логично поврзано со адресирање на главните проблеми од каде што впрочем и произлегуваат овие теории на заговор.

‚‚Потребно е најпрвин медиумите и јавните личности, но и пошироката јавност да бидат поодговорни кога споделуваат таков вид на информации, да направат fact-checking, да се консултираат и да истражат повеќе информации во врска со специфичниот проблем, но и дополнително повеќе да се работи со младите во областите на медиумската писменост и критичкото размислување‘‘, додава Барлаковски.

Во време на пандемија, според него, теориите на заговор се од исклучителна штета и веќе некаде предизвикуваат огромни проблеми.

„Најпрвин дел од тие теории ги доведуваа и за жал сѐ уште ги доведуваат во заблуда одреден број на граѓани, односно дека вирусот не постои, дека маските се штетни по здравјето, дека вирусот е намерно пуштен со цел да се уништи светската популација и слично, што пак може да резултира со негативни, а некогаш и фатални последици по нивното лично здравје и здравјето на нивните најблиски. Тоа дополнително го отежнува процесот на менаџирање со кризата поради тоа што државните, а особено здравствените власти освен тоа што треба да менаџираат со кризата и пандемијата, дополнително треба да се фокусираат и кон постојано осигурување дека вистинските и точните информации ќе допрат до граѓаните и дека на тие информации граѓаните ќе им веруваат“, дециден е Барлаковски.

Убедливоста во теориите на заговор добива на значење кога масовно ќе се прошират

Верувањето на младите во теориите на заговор е директно поврзано со огромниот број на информации кои им се достапни на луѓето, како и потребата на луѓето да најдат смисла во нив, објаснува за ПИНА, комуникологот Сеад Џигал од Меѓународниот балкански универзитет во Скопје.

Сеад Џигал

„Најчесто се плашиме од нештата што не ги разбираме, а во денешниот вмрежен свет нашата изложеност на теми кои не ги разбираме е далеку поголема отколку во времето пред интернетот. Овој предизвик на организирање на информациите и давање смисла често нè наведува кон различни псевдо-одговори чија цел е да ја засилат нашата увереност дека, ете, знаеме што се случува во светот околу нас. За младите коишто се родени во ерата на интернетот овие теории се поубедливи, бидејќи за нив интернетот е она што некогаш бил печатот или телевизијата за претходните генерации, т.е. она што ќе се појави на овие медиуми има моќ да ги убеди дека тоа е чист приказ на реалноста“, објаснува Џигал.

Тој додава дека убедливоста во денешните теории на заговор добива на значење тогаш кога тие масовно ќе се прошират, особено со помош на интернетот и на социјалните мрежи кои тоа го прават, како што вели Џигал на извонредно брз начин.

„Ако за нешто почнувате да слушате насекаде, тоа полека добива на релевантност со
самото тоа што сите зборуваат за тоа. ‘Вистините’ со кои живееме најчесто се сведуваат на проширените убедувања во кои верува мнозинството. Токму тука се крие најголемата опасност, различните псевдо-нарации и раширени приказни да ги потиснат фактите на реалноста во која живееме“, објаснува Џигал.

Истовремено тој вели дека медиумската, политичката или економската писменост, се само алатки да ја градиме и да ја подобруваме секоја од овие култури одделно.

„Денешниот брз начин на живеење и доминација на дневната политика и борба, наметнуваат култура на егоизам и себичност, верба само во себе си, наспроти хуманизмот, грижата за другиот и за јавниот интерес, планскиот развој, стратешкото работење и редица други, што поткопува многу од овие процеси“, вели тој.

Во однос на тоа дали младите можат да распознаваат точна од неточна информација, тој вели дека се потребни две работи, односно волја и едукација. Исто така, додава дека човекот кој не сака да верува во нешто, ќе ги игнорира фактите макар и за сметка на сопственото здравје, како што покажала и пандемијата.

„Потребно е одредено ниво на информираност и поддршка од средината, што постапно ќе се развие во едуцираност за тоа што е факт, а што мислење, на кои извори на информации можеме да им веруваме, како да ги проверуваме информациите, кои се интересите на медиумите кога бираат да објават или не некоја информација‘‘, посочува комуникологот.

За ситуацијата откако почна пандемијата, Џигал вели дека е влошена до степен што беше скован посебен термин за тоа кој се вика „инфодемија“. Според него, токму оваа пандемија на површина ги исфрли реалностите во кои довербата во политичките системи, науката и медицината се повеќе опаѓаат и се заменуваат со различни конспирации и нови митови.

„Постои силен процес на комерцијализација на науката и медицината кои треба критички да ги следиме, но тоа не значи дека треба целосно да се откажеме од нив и да се вратиме во некакво предмодерно митско време. Кризните состојби предизвикуваат засилени превирања во општествата, се шири несигурност и неизвесност и се преиспитуваат сите „вистини“ и авторитети со кои живееме‘‘, потенцира Џигал.

Комуникологот препорачува дека е потребно со конкретни акции и работа да се врати довербата во вредностите врз кои почива модерниот свет како што се рационализмот, толеранцијата, науката и пред сè хуманизмот.

Автор: Кристијан Трајчов