Речиси четири проценти од вкупната површина на државата биле проголтани од пламени јазици годинава. Од почетокот на годината, во 126 пожари Македонија изгубила повеќе од 94.000 хектари шума, што е скоро колку претходните десет години заедно.
Ваквиот аларм пристигна од Европскиот информациски систем за шумски пожари од каде нагласуваат дека еден од најголемите е оној во Мариово кој „сотре“ околу 11.000 хектари, а за чие ставање под контрола беа потребни осум дена.
Додека од ваквиот систем стигнуваат поразителни податоци, за проценките на домашните надлежни институции ќе треба да почекаме барем уште два-три месеца. Нив треба да ги направи Јавното претпријатие „Национални шуми“ или националните паркови каде што имало пожари. Ова во изјава за ПИНА.мк го објаснува Драги Тарчуговски, државен советник во Центарот за управување со кризи, додавајќи дека извештаите со тие проценки ги ревидира и одобрува Инспекторатот за шумарство и ловство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Проценката во дрвна маса и во финансиски средства е малку подолг процес и се прави по една единствена методологија во цела држава. Секој збор сега би бил паушален и неважечки. Тоа е процес кој трае два – три месеци и секогаш ги дава најрелевантните податоци, а таа база е достапна за сите. Штетата ќе ја знаеме за неколку месеци од сега“, појаснува Тарчуговски за ПИНА.мк.
Сепак, институциите ќе проценат само колку шуми и пари сме изгубиле. Еколошката штета која несомнено ќе остави последици по нашето здравје, ќе остане енигма.
„Штетата ќе се знае само во делот на дрвна маса и во делот на финансиите, односно ќе се процени вредноста на таа дрвна маса. Еколошката штета од аспект на загаден воздух никој нема да може да ја процени, а тие штети се големи, но за нив нема методологија. Има проценки само за директната штета. Кај нас во државата не се проценуваат тие и нема структура за тоа. Се проценува дрвната маса како изгорено квалитетно дрво и претворено во финансиски средства“, нагласува Тарчуговски.
Дождот и доброволците на помош на системот
Пожарите, за кои се чини, најдобар спас е дождот, повторно ги ставија на тест капацитетите на институциите кои во континуитет кубурат ем со опрема, ем со кадар. Центарот за граѓански комуникации нотираше дека како земја ни недостигаат 340 пожарникари, од кои најмногу (200) фалат во главниот град. Противпожарните возила кои ги користат пак, се стари безмалку три децении. А таму каде што системот не може сам да се справи, на површина испливува општествената одговорност на граѓаните.

Формирајќи доброволни противпожарни друштва и опстојувајќи со помош на донации, локалните ентузијасти на територијата на целата држава се рамо до рамо со професионалните пожарникари. На кој начин всушност функционираат овие друштва, ПИНА.мк побара одговори од Златко Илијев, претседател на Доброволно противпожарно друштво (ДПД) – Кочани.
Идејата дошла во септември 2021 година кога неговиот град бил зафатен од пожари, а во реализацијата помогнал и тогашниот командир на територијалната противпожарна единица.
„Беа пријавени педесетина членови кои во наредниот период посетуваа обуки во територијалната противпожарна единица во Кочани со професионалните пожарникари. Тоа беа бесплатни обуки. Самите пожарникари уште од почеток ја прифатија идејата и сите тие основни обуки – дел теоретски, дел практични, ги направивме заедно со нив. Се запознавме со нивната опрема, нивните возила и начинот на ракување. Веќе потоа дојде и првата донација во опрема кога веќе униформиравме 13 лица од нас. Значи веќе почнавме да излегуваме на интервенции, пожари, но и поплави“, вели Илијев.
Тој истакнува дека целата опрема што ја поседуваат им е донирана, а од општината им е доделен простор кој како што вели тој, го користат како дом.
„Просторот е мал и скромен, околу 40 квадрати. Но сега ни фали само теренско пикап возило. Нашите проценки се дека со тоа би биле комплетно опремени затоа што во моментот поседуваме два камиона, комбе за превоз на пожарникари и технички интервенции и сега купивме еден четирицикл. Во моментот се работи на негова надградба, треба да се инсталира резервоар и пумпа, па ќе биде ставен во функција за гаснење на шумски пожари каде што е многу понепристапен теренот за поголеми возила“, вели првиот човек на кочанското друштво кое на почетокот на месецов доби и специјално возило за гаснење пожари како донација од една од локалните компании.
Како функционираат доброволните друштва
Според нашиот соговорник, доброволните пожарникари не излегуваат сами на терен. Тие се на повик на територијалните противпожарни единици, но не секогаш гори таму каде што интервенираат.
„Ако веќе одиме во друг град тој повик се прави преку општината. На пример, општина Неготино праќа допис до општина Кочани и преку командирот на територијалната единица нѐ ангажираат. Ние самостојно може да излеземе на некоја техничка интервенција, дотур на вода, да наводнуваме зеленило, да испереме улици во градот. Исто така, сме обезбедувале самостојно некои спортски настани, но музички настани во делот на противпожарна заштита. Зимски период сме на Пониква како редарска служба“, потенцира Илијев.
Важноста на улогата на овие друштва ја потврдува и советникотТарчуговски кој смета дека тие се одлични и во делот на превенција, како и едукација и зголемување на јавната свест.
„Тие се насочени кон донации, пред сѐ донации во материјални средства. Ги користат средствата, добро се обучени и се исклучтелно корисни при повикување. Ние имаме евиденција за сите нив, располагаме со 35 канцеларии низ државата и имаме луѓе кои водат евиденција на контактите и ги употребуваме, но тоа е секогаш на доброволна основа. Факт е дека за нивната услуга досега не сме плаќале и немаме услови за плаќање“, објаснува Тарчуговски.
Но доброволните пожарникари не бараат финансиски надоместок од државата. Нашиот соговорник Илијев вели дека системот би можел да обезбеди друг тип поволности кој ќе ги стимулира луѓето.
„Кај нас треба некој убаво да се зафати со таа работа, да постави добра основа на професионалното пожарникарство, па од тој момент да почне да се билда доброволното пожарникарството. Да се стимулираат луѓето, да имаат одредени бенефити, да бидат препознатливи во општеството. Не може секој да биде член на доброволно друштво, но на некој навистина што може да даде придонес за заедницата, вратите ќе му бидат секогаш отворени. Меѓутоа, на сметка на тоа да има одредени бенефиции, на пример ослободување од некои даночни обврски, можеби вода, ѓубрарина од комуналните претпријатија. Неплаќањето паркинг е исто еден бенефит кој овие луѓе треба да го уживаат. Ние се залагаме за сите овие работи и тоа оди бавно, но се надеваме дека ќе успееме“, оптимист е Илијев.
Тој раскажува и за еден своевиден апсурд поврзан со увозот на возила, наменети токму за справување со пожарите.
„Тука имаме едно горчливо прашање кое мене лично ме допира многу. Плативме три илјади евра данок на државата за увоз на двата камиона што ги донесовме. Едниот беше од Словенија, другиот од Хрватска. Ги купивме со донации од луѓе, нешто со помош на општините и фирмите. Имаме образ и лице од секого да побараме помош затоа што во овие три години што и да ни е потражено во рамките на нашите можности сме излегле во пресрет“, тврди Илијев.
Реформи за подобра координација
Во мозаикот на справување не само со пожарите, туку и со какви било кризи воопшто, недостига делот на реформи кои ќе доведат до подобра координација. Државниот орган кој е задолжен за тоа е токму Центарот за управување со кризи, но реформите секако зависат од креаторите на политики во државата.
„Но функцијата на координацијата е да се координира со она што се има. Не може да координираш со нешто што го немаш. А успешноста на системот зависи од структурите коишто имаат ресурси за справување. Преку самата координација, ЦУК многу често се вклучува и во командувањето, а според закон, не треба да е така. На тој начин се создава забуна кај, и онака, скромните ресурси во државата. Значи тоа е сегментот кој треба да се реформира“, смета нашиот соговорник од ЦУК.
Според Тарчуговски, потребна е и една специјализирана национална единица која би била веднаш на повик на локалните територијални противпожарни единици.
„Вака сѐ зависи од волјата на соседните општини, па потоа од ДЗС со сили кои треба да ги мобилизира, а теоретски за тоа се потребни најмалку шест часа додека во пракса дури и повеќе. Ова значи дека се создава долг ланец на координација и командување со силите од земја“, забележува Тарчуговски.
Дебатата за реформите во системот за менаџирање на кризи веќе се најде на маса на „Илинденска 2“. Премиерот Мицкоски информираше дека на владина седница е одлучено ЦУК да се спои со Дирекцијата за заштита и спасување. Министерот за одбрана пак, Владо Мисајловски најави нов закон за пожарникарите, поради што наскоро ќе се разгледуваат предлозите на работните групи од повеќе надлежни институции од минатите години.
Тарчуговски вели дека спојувањето на овие два органа ќе биде комплексно, но ќе донесе поефикасни резултати.
„Сигурно би било поефикасно бидејќи би се намалил ланецот на командување и побрзо би доаѓале структурите во една помош на првата единица за одговор, а тоа е територијалната противпожарна единица каде што е пожарот. Координацијата би била пеофикасна, но и командата. А исто така со таа специјализирана единица би се задал почетен удар на пожарот, макар што таа единица никогаш не сме рекле дека ќе биде само за пожари туку дискусиите се дека ќе биде за цела година.Цела година имаме слични проблеми и при пребарување односно спасување на лица. Тие би биле и за тоа“, заклучува нашиот соговорник.
Нова специјализирана единица во „замена“ за постоечките ЦУК и ДЗС
ПИНА.мк побара одговори и од Владата во врска со најавените реформи, за кои надлежните велат дека одлуката ја донеле по укажувањата од инволвираните професионалци во овој сектор.
„Новата институција ќе ги обедини функциите на двете постоечки – Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, бидејќи на некои места нивните надлежности благо се преклопуваат, а одредени простори се празни. Во секојдневното функционирање има многу функционални празнини иако формално правно има предвидени решенија“, истакнуваат од владината прес служба.
Во писмениот одговор до ПИНА.мк, тие велат дека новата институција ќе има рационална структура со приближно ист број на вработени колку што сега имаат двете, ЦУК и ДЗС.
„Составен дел на новата институција која ќе ги обедини функциите на двете постоечки е условно кажано формирање на специјална единица за заштита и спасување односно потрага и спасување во силина на армиска чета или 120 припадници“, додаваат од Владата.
Автор: Вања Мицевска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА