Се повеќе граѓани купуваат онлајн, а со тоа се зголемува и бројот на измами. Само во изминатата година до Државниот пазарен инспекторат пристигнале 1.200 претставки за измами при купување преку интернет. За ПИНА своите искуства ги пренесоа дел од оние кои биле измамени од виртуелни трговци. И покрај тоа што се обиделе да ја истераат правдата, во тоа не успеале.
Нарачала едни, но добила сосем други патики. Вака започнала онлајн измамата со која се соочила Валбона, откако на социјалната мрежа Фејсбук на страница за продажба си купила патики, но на нејзината адреса не стигнал посакуваниот модел. Попусти биле нејзините жалби до виртуелните продавачи.
„Во првата жалба ми рекоа дека во рок од 5 дена ќе ми го испратат моделот на патиките што сум ги нарачала, а планот беше да ги замениме патиките со другиот модел преку карго. Товарот за трошоците за карго рекоа дека ќе биде нивен. Откако не ја добив нарачката во времето што ми ветија, секогаш кога ќе им пишав, не ми одговараа. Потоа им се јавив на телефон на бројот наведен на пакетот за испорака, но бројот не постоеше. Исто така, не одговараа ни на повиците на Фејсбук“, вели Валбона.
Откако сфатила дека нема да ја истера правдата, решила јавно да го искаже своето незадоволство и револт со цел да спречи некој друг да биде измамен.
„Им напишав во јавни коментари на Фејсбук дека се измамници и ме блокираа. Покрај мене ги блокираа и профилите на членовите на моето семејство, кои исто така се пожалија во мое име“, објаснува Валбона.
Страницата на Фејсбук од каде што Валбона ја направила нарачката сè уште активна и има над 40 илјади следбеници. Нема никакви информации за бизнисот. Нема адреса, ниту контакт информации или кој стои зад неа.
Со слична ситуација се соочила и Лиридона. Овој пат во прашање била нарачка на шатор за на плажа.
„Барав специфичен модел на шатор за плажа и бев многу среќна што го најдов на Фејсбук страница која изгледаше дека е од Македонија. Направив малку истражување за кредибилитетот на страницата што ја продаваше и видов дека беше доволна активна за неколку години наназад и имаше многу следбеници. Така што ми се чинеше веродостојно. Шаторите што пристигнаа не беа она што го нарачав. Секако, ова го забележав откако ги добив и ги отпакував дома. Им напишав објаснувајќи дека згрешиле и јасно побарав да се заменат, но ми рекоа дека во моментов не е достапен моделот што го нарачав. Без да ми се извинат или да ми дадам дополнителни појаснувања, на моите пораки и телефонски повици никогаш не ми беше одговорено од тој момент натаму“.
Лиридона сакала да отиде и чекор понапред и да го пријави случајот до Пазарниот инспекторат.
“Се консултирав со колеги и дознав дека за Инспекторатот е многу тешко да се трага и да се казни трговецот во овој случај, бидејќи на Фејсбук немаше информација кој стои зад продажбите“, го завршува своето образложение Лиридона.
Фарија често нарачува онлајн, поради удобноста што и ја нуди овој начин на купување, бидејќи нема многу слободно време. Но, често била и жртва на измама.
„Последен пат тоа беше со пакетчиња и забавни игри за деца кои ги нарачав од истата страница на Фејсбук. И двата производи ми стигнаа поинакви од нарачката што ја направив. Немав друга форма на контакт со продавачот освен на Фејсбук. Никогаш не ми ја заменија нарачката“, вели таа.
Приказната се повторува, бидејќи и страната за која зборува Фарија нема воопшто информации кои ќе помогнат да се дознае кој стои зад неа.
На Државниот пазарен инспекторат надлежностите се ограничени
Дивите трговци ги избираат социјалните мрежи како најлесен начин да го рекламираат својот бизнис и да допрат до потрошувачите. Но, тоа им овозможува и да поминат без последици. Од Државниот пазарен инспекторат велат дека вршат редовни контроли и кај трговците кои продаваат онлајн. Но, кога станува збор за одредени случаи, тие ги креваат рамениците велејќи дека дури и нивните овластувања се ограничени.
“ДПИ е надлежен за онлајн измами според Законот за е-трговија и тоа според член 7, односно за да може да постапи, трговецот треба да е регистриран на адреса поинаква од домашната, бидејќи пазарниот инспекторат нема надлежност да врши надзор во домашен односно приватен имот. Дополнително, кога граѓаните вршат нарачки од меѓународни веб продавници известуваме дека Државниот пазарен инспекторат нема надлежност над други меѓународни пазари надвор од територијата на Република Северна Македонија за да може да презема мерки за решавање на таквите претставки”, велат од ДПИ.
Само во изминатата година до Државниот пазарен инспекторат пристигнале 1.200 претставки за измами при купување преку интернет. Најголем дел од нив се за трговци кои не се регистрирани. Сторителот не може да биде откриен без помош на органите на прогон.
“Граѓаните пријавуваат онлајн измами, особено кога станува збор за производи кои се продаваат преку користење на социјалните мрежи. Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) постапува согласно своите надлежности, а доколку трговецот за кој се однесува пријавата не е регистриран, пријавите за онлајн измами се препраќаат до МВР – Сектор за компјутерски криминал”, објаснуваат од Државен пазарен инспекторат.
Се обративме и до МВР кои велат дека во соработка со ОЈО Скопје се обраќаат до социјалната мрежа и доставуваат барање за податоци за тоа кој стои зад страницата.
Покрај фрлените пари, во опасност се доведува и здравјето
Неодамна името на познатиот лекар и поранешен министер за здравство Драган Даниловски беше злоупотребено за продажба на чај “што прави чуда”, кој се препорачува за болести на срцето и крвните садови, како најдобро решение во земјата и странство. Даниловски го пријави случајот во полиција. Рекламата за чајот на социјалните мрежи повеќе ја нема. Од МВР поднеле кривична пријава за случајот. А тоа и не е единствениот случај што министерството го гони за измама со лекови.
“Секторот за Компјутерски криминал има поднесено 2 кривични пријави за злоупотреба на лични податоци предвидено и казниво по член 149 од КЗ на РСМ во однос на продажба на лекови во име на познати доктори. МВР апелира до граѓаните да не наседнуваат на вакви измами, да не купуваат лекови од сомнителни веб страни и портали…”, велат од МВР.
Како да се заштитат потрошувачите од нерегистрираните онлајн трговци?
До Организацијата на потрошувачи лани стигнале 420 поплаки за измами при онлајн купување.
“Кај нас сеуште немаме некој конкретен механизам со кој би се спречиле некои лица да прават профили на социјалните мрежи и да продаваат производи, скриени зад некој лажен профил или назив на некој онлајн шоп и поради тој факт институциите не прават доволно за сузбивање на нелегалната онлајн продажба”, вели Татјана Тасевска од Организацијата на Потрошувачите на Македонија.
Кога отсуствуваат институционални механизми за заштита, потрошувачите се тие кои мора да внимаваат, посочува Тасевска.
“При онлајн купувањето, особено доколку станува збор за купување од социјалните мрежи е потребно како поторшувачи однапред да утврдат и истражат дали таа продавница е регистрирана фирма, дали има седиште, физичка продавница или пак е регистрирана онлајн продавница, дали продавачот нуди можност за плаќање преку трансакција, преку уплатница во банка и за нарачката им испраќа валидна потврда на меил, дали при испорака на производот им доставува фискална сметка/ фактура или сметко-потврда ( доколку не им достави, немаат обврска да го подигнат производот) и секако да не потпаѓаат под заведувачкото пазарно рекламирање на онлајн продавачите на социјалните мрежи ( попуст само ден, акција на производи кои се копија од некој актуелен бренд, гратис производи и сл.)”, додава Тасевска.
Според економистот Абдил Бауш за заштита на потрошувачите, една од главните мерки е задолжителната регистрација на сите онлајн продавачи во централен регистар, кој може да биде достапен за потрошувачите и властите. Овој регистар ќе помогне да се зголеми транспарентноста и да се следат активностите за тргување преку Интернет.
,,Исто така, треба да се имплементираат системи кои бараат известување за секоја онлајн трансакција за даночни цели, осигурувајќи дека сите приходи се правилно евидентирани и оданочени. За подобра заштита на потрошувачите, важно е да се воспостават силни механизми за заштита, како што е централна платформа за поплаки каде што потрошувачите можат да пријават злоупотреби и да бараат помош. Дополнително, мора да се имплементираат механизми за да се обезбеди враќање на средствата во случај на измама или несоодветни производи. За да се гарантира дека овие правила се имплементираат, инспекциските капацитети треба да се зајакнат со обука на инспектори за разбирање и следење на онлајн трговијата и со обезбедување на потребните ресурси за редовни и неочекувани инспекции на онлајн продавачи“, додава тој.
Неконтролираните онлајн продажби дополнително ја стимулираат сивата економија
Онлајн купувањето порасна за над 30 отсто од 2019 до 2023 година, што одразува голема промена во однесувањето на потрошувачите, смета економистот Абил Бауш. Доколку не се преземат силни мерки за решавање на проблемите, сивата економија може да продолжи да расте.
„Оваа раширување (на онлајн продажбата) ја влоши ситуацијата на сивата економија од неколку главни причини. Анонимноста на продавачите (економските оператори) е клучен фактор бидејќи повеќе од нив работат без документи, избегнувајќи плаќање даноци и држејќи низок профил за да ги избегнат регулаторите или државните институции. Покрај тоа, онлајн трансакциите често не се евидентираат во даночните системи, што доведува до губење на приходите за државата. Недостатокот на соодветни контроли е уште еден проблем, бидејќи регулаторните институции често немаат доволен капацитет или механизми за следење и контрола на активностите на интернет, што го фаворизира растот на сивата економија“, оценува Бауш.
Добри закони, лоша примена
Новиот Закон за заштита на потрошувачите од 2022 година предвидува замена на стока доколку купената не е соодветна во однос на формата, големината, моделот, бојата, бројот или од други причини. Воедно трговецот треба да му овозможи на потрошувачот поднесување приговор во случаи на повреда на неговите права.
Законот превидува и формирање на Совет за заштита на потрошувачите од страна на министерот за економија, а сочинет од претставници на надлежните институции.Досега, немаа ниедна информација за активностите на овој совет, дали и како функционира.
А сè додека институциите не преземаат заштитни мерки, граѓаните како Валбона, Лиридона и Фарија ќе останат со производите кои ги платиле, но не ги сакале, бидејќи друга алтернатива немаат.
Авторка: Фатљуме Дервиши
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА