Во 2023 пораснал бројот на жалби против институциите за проблеми во спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Законот не предвидува санкции и нема ефикасен механизам за надзор над примената, поради што новинарите често имаат потешкотии да стигнат до потребните информации.
Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во 2023 година примила вкупно 453 жалби против иматели на информации од јавен карактер, што е зголемување во однос на 343 жалби поднесени до агенцијата претходната година.
Агенцијата уважила 278 жалби во 2023 година, 20 биле отфрлени како неосновани, ненавремени или изјавени од неовластено лице, а 39 биле одбиени поради други причини. Околу една третина од вкупниот број на поднесени жалби, односно 116 жалби биле повлечени во текот на жалбената постапка поради постапување на институциите. Од друга страна, Агенцијата постапила по вкупно 65 втори жалби поднесени бидејќи институциите не постапиле по првото решение на Агенцијата во законскиот рок.
За барателите на информации, најчест проблем е молк на институцијата бидејќи ова е основа на 61 отсто од доставените жалби. Физичките лица се најчести баратели на информации кои пријавиле проблем кај агенцијата со поднесени 235 жалби. Здруженија на граѓани и фондации поднеле 190 жалби, а правни лица ги поднеле останатите 28 жалби.
Новинари поднеле најмалку 34 жалби во 2023, велат од Агенцијата за ПИНА.мк посочувајќи дека оваа бројка може да е поголема, бидејќи податокот дека жалителот е новинар се знае доколку самиот во жалбата наведе дека е новинар или доколку се работи за новинар кој на агенцијата ѝ е познат од секојдневното работење.
Лични искуства на новинарите
Новинарката Симона Србиноска вели дека добивањето информација од јавен карактер од институциите може да биде предизвик во работата на новинарите. Според нејзе, новинарите треба често да ги потсетуваат институциите за барањата, а понекогаш добиваат и нецелосни одговори.Самиот процес за барање информации од јавен карактер, го оценува како долг и сложен.
„Повеќето институции се отворени за соработка, сепак треба да се поедностават одредени процедури. Така на пример, поради сложената процедура, со пополнување на барање, земање потпис од уредници и одење лично во самата институција, предизвикот е преголем, особено ако земеме предвид дека има голем број на новинари кои работат како фриленсери. Исто така како предизвик би ја посочила долгата временска рамка за добивање на информации од јавен карактер предвидена во Законот за слободен пристап до информации. Новинарите понекогаш навистина имаат потреба од брзи информации и не секогаш можат да чекаат 20 дена за одговор,“ вели Србиноска.
Според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер имателите на информации од јавен карактер имаат обврска да ги достават информациите до барателот во рок од 20 дена од денот на примање на барањето.
Васко Маглешов, новинар во „Призма“ вели дека иако рокот генерално се почитува, често институциите чекаат до последниот ден пред истекувањето на рокот за да ги испратат информациите. Тој додава дека во зависност од институциите и податоците кои се бараат, доаѓањето до информации од јавен карактер може да биде предизвик.
„На пример, неодамна побарав копија од обвинение од Обвинителството за гонење организиран кримиинал и корупција за високопрофилен случај за организиран криминал. Донесоа решение со кое не ми дозволуваат да добијам примерок од обвинителниот акт, со образложение дека судот не го одоборил обвинението и дека ако ми го дадат документот ќе се повредат личните податоци на обвинетите. Но, праксата е, обвиненијата да се даваат во анонимизирана форма, така што таа теза не држи. Освен тоа, одобрувањето на обвинението не е никаков услов за тоа да не му се даде на барателот на информации, затоа што судот донесува решение за оценка на обвинението што е сосема друг документ. Поднесов жалба до Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер која ми ја уважи и му наложи на Обвинителството за гонење организиран криминал повторно да одлучи. На крајот сепак го добив документот,“ раскажува Маглешов.
Новинарката Ивана Настеска од Истражувачка Репортерска Лабораторија (ИРЛ) вели дека понекогаш новинарите треба да бидат упорни и да ја повторуваат постапката за добивање информации од јавен карактер за да стигнат до потребните информации.
„Лошо искуство како редакција имавме со Министерството за правда. Три месеца одбиваа да ни овозможат увид и копии во информации од јавен карактер што се однесуваа на измените во Кривичниот законик. Двапати бевме повикувани на состаноци, кои не ги баравме, а увидот не ни го овозможуваа. Информациите ги добивме по три месеца и по неколку повторени постапки. За овој случај објавивме и текст со целата хронологија на нептранспарентноста на оваа институција, бидејќи тие измени во Кривичниот законик беа навистина од голем интерес за јавноста, а ние како новинари бевме спречувани навремено и точно да информираме,“ открива Настеска за ПИНА.мк.
Таа сподели и случај во кој акционерското друштво со доминантен државен капитал ГТЦ барало печатење на прашања и барање за информации и лично носење во нивната архива. Настеска била упатена на оваа процедура по упорно телефонирање на фиксниот телефон на фирмата, бидејќи ниту едно од седумте лица за пристап до информации од јавен карактер наведени на веб-страницата на ГТЦ не одговарало на својата е-маил адреса.
Каква е состојбата со институциите
Информациите достапни на веб-страниците на министерствата и големите државни установи покажуваат дека најголем дел од нив се достапни за новинарите преку електронска пошта или телефонски, а информациите од јавен карактер се доставуваат електронски. Исклучок е Централниот регистар, кој од новинарите бара да се пополни Барање за пристап до информации од јавен карактер кое содржи печат од редакцијата и потпис на главниот и одговорен уредник, а информациите се подигаат лично од барателот во канцелариите на Централен регистар. Меѓутoa, во случај кога барателот е физичко лице, а не е новинар, се пополнува барање во кое барателот треба само да посочи какви информации бара, што значи дека процедурата е потешка за новинарите во однос на останатите баратели.
Од Централниот регистар посочуваат и дека одредени информации од јавен карактер се категоризирани, односно класифицирани податоци, а за нивно издавање е предвиден надомест.
„Во Законот за Централен регистар, во член 18а, меѓу другото, регулирано е дека за извршените услуги од делокругот на својата работа, кој е утврден со истиот закон или друг закон, Централниот регистар наплаќа соодветен надоместок кој се утврдува со Тарифа на Централниот регистар, која ја донесува Управниот одбор на Централниот регистар, а на која согласност дава Владата на Република Северна Македонија. Согласно тоа, како предуслов за добивање на категоризирани информации, потребно е да се изврши уплата согласно Тарифата на Централниот регистар,“ велат од Централен регистар.
Од Центарот за управување со промени (ЦУП), велат дека постоечкиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер стапи на сила во 2019, кога го замени првиот таков закон во земјава донесен во 2006 година. Според нив, новиот закон опфаќа многу поголем број на институции и наведува целосна листа на информации кои сите иматели треба да ги објават на својата веб-страница.
„Рокот за одговор по барање на информација од јавен карактер беше скратен на 20 дена, од претходните 30 дена. Сепак, главниот проблем во новиот закон е тоа што тој нема ефикасен механизам за надзор над неговата примена, како и непотполноста на прекршочните одредби. Имено во членот 10 од Законот има целосна листа на информации, кои, сите иматели треба да ги објават на својата веб-страна. При тоа, во членот 10 од Законот е наведено дека имателот е должен да ги објави овие информации. Исто така, никаде во Законот не е наведено кој ќе биде надлежен да ја контролира примената на оваа законска одредба, а во членот 39 недостасува и прекршочна санкција за императивна законска одредба што исто така е правна празнина,“ велат од ЦУП, цитирајќи ги заклучоците од нивниот Извештај од следење на примената на законот објавен во 2022 година.
Од таму потенцираат и дека недостасува и единствен регистар на веб-страници кој ќе ја следи примената на членот 10, а никаде во законот нема законска обврска за контрола на веб-страниците на институциите кои се должни да ги објават информациите наведени во законот.
„Покрај тоа, со исклучок на повеќето министерства, институциите од јавниот сектор немаат унифициран начин на објавување на информациите од јавен карактер согласно член 10 од Законот. Многу малку институции во целост ја почитуваат должноста од членот 10, а во многу случаи, наоѓањето на информации на веб-страниците е тешко дури и кога тие се објавени. Сепак, најзагрижувачки е фактот што има голем број на иматели на информации од јавен карактер кои воопшто немаат веб-страници,“ посочуваат од ЦУП.
Речиси сите градинки, здравствени домови, домови на култура, музеи, библиотеки (повеќе од 200 институции) немаат свои веб-страници и поради тоа воопшто немаат можност да го почитуваат Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Авторка: Драгана Петрушевска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА