Жените доминираат во науката, но не и на високите позиции на УКИМ

0
352
УКИМ плато
Плато Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

Личниот интегритет и професионалниот капацитет треба да бидат критериумите по кои се бираат поединците кои влегуваат во раководните тела на универзитетите, сметаат нашите соговорници универзитетски професорки и професори. Но сепак истовремено се надеваат и дека времето на жените деканки и ректори многу брзо ќе дојде. 

Интересен податок од „Ретроспектива 30“, податочен проект за состојбите во високото образование кој го подготви Независниот академски синдикат (НАкС), покажува дека во структурата на Универзитетскиот сенат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) жените се застапени со 37,8 %, а во самата Ректорска управа со 24 %. 

Овој податок, засилен со фактот дека од независноста до денес само една жена, Радмила Кипријанова, била на раководното место – Ректор во периодот од 1994-1998 година, покажува негативен тренд во однос на застапеноста на жените во најстариот универзитет во земјава. 

Доколку се анализира дополнително, жените и ретко биле кандидатки за највисоката позиција Ректор на УКИМ. Една од нив е професорката Елена Думова-Јовановска од Катедрата за теорија на конструкции и компјутерска анализа на Градежниот факултет во Скопје. Таа беше во конкуренција од пет мажи на изборот за ректор во 2016 година. 

Наспроти таквата слика во трката за највисоката позиција на УКИМ, сликата на Градежниот факултет, кој е технички и перцепиран како „машки“, е сосема поинаква вели професорката Думова-Јовановска во разговор за ПИНА. 

Проф. д-р Елена Думова-Јовановска
Проф. д-р Елена Думова-Јовановска

Сликата за којашто зборува професорката Думова-Јовановска е потврдена и од истражување на УНЕСКО Инстититот за статистика. Имено, Македонија е на првото или близу првото место во Eвропа последниве години по процентуална застапеност на жените во науката со повеќе од 50%. 

Доцент д-р Мери Батакоја од соседниот факултет на Градежниот, Архитектонскиот, којашто со колеги од НАкС заедничките заложби за подобрување на состојбите во високото образование ги поставуваат врз база на податоци и нивна анализа, вели дека тие треба да послужат за понатамошното креирање на политиките за родовата еднаквост во високото образование. 

Ако овие факти (презентирани погоре) ги замислите визуелно, од научниците преку управувачките структури до ректорот, се добива една јасна пирамида, во која како се движите кон врвот, се чини дека местото на жените е сé помало. Треба да располагаме со многу повеќе податоци за да ја имаме целосната слика, но со оваа скица сакавме да подвлечеме можен негативен тренд“, вели професорката Батакоја. 

Визуелизација „Ретроспектива 30“ НАкС
Визуелизација „Ретроспектива 30“ НАкС

Компетенции и професионалност кои нема да ја исклучуваат родовата еднаквост

Професорката Думова-Јовановска пред да биде кандидат за највисоката позиција на УКИМ, шест години била продекан на Градежниот факултет и четири години проректор за настава. Искуството во менаџирање со факултетот и професионалниот капацитет биле пресудни за таа да побара поддршка и за ректорската позиција. 

 „Немав сомнеж дека имам и капацитет и знаење во делот на менаџирање на високообразовна институција и апсолутно бев уверена дека можам тоа да го  направам. Познати ми беа сите релации и фактот дека, не во 30 туку во 70 години, само една жена била ректорка на УКИМ што го потврдува „мајндсетот“ за подготвеноста на жените да седнат на раководни позиции“, вели Думова-Јовановска. 

Тоа што се случува на Универзитетот не е исклучок од генералната слика на македонската општетствена сцена во која бројот на жените на раководни позиции е помал од оној на мажите. Општествената перцепција, којашто мораме да кажеме дека полека се менува, е сè уште патерналистичка односно го перцепира мажот како татко на семејството, татко на државата и слично што се одразува и во академската заедница, смета професорката. 

За жал, вклучувањето на жените на позициите проректор или продекан се гледа како позитивна дискриминација, а не како рамноправен однос бидејќи очекувано е дека мажите ќе бидат на раководните позиции додека жени се поставуваат за да не биде структурата еднолична, вели професорката Думова-Јовановска.

И Думова-Јовановска и Батакоја сепак сметаат дека родот не треба да биде критериум пред личниот интегритет и способност на поединецот во академијата и во другите сфери. 

Плато УКИМ
Плато Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

„Вистинското прашање е зошто покрај толку исклучително способни жени, многу често на голем дел од факултетските и универзитетските тела се наоѓаат помалку способни мажи? Потфрлувањето во извршување на задачите и злоупотребата на функциите се многу поголеми проблеми од кои пати целото наше општество, отколку прашањето на родовата еднаквост. Некадарноста и деструктивниот однос кон колективното за лична корист немаат род, а нé толчат од сите страни, па и во академијата“, децидна е професорката Батакоја.

Според Думова-Јовановска жените природно ќе го заземат водечкото место. Таа верува дека генерацијата на новите докторантки, коишто станаа доценти, ќе ја промени сликата.   

СтратегијаРодова еднаквост во високото образование преку покренување на јавната свест

Стратегијата за родова еднаквост 2021-2026 е еден од главните владини документи за унапредување на состојбата со родовата еднаквост и зајакнување на жените во општеството. Делот за образование и наука од стратегијата ги потврдува претходно изнесените анализи. 

Имено, во 2019 година имало повеќе жени од мажи запишани и дипломирани, 58,85% дипломирани жени наспроти 41,15% мажи. Понатаму, од вкупно 204 доктори на науки 122 биле жени, а бројот на редовни и вонредни професорки 552 и 406 во учебната 2018/2019 е помал од бројот на редовни и вонредни професори 753 и 463. 

Како еден од предизвиците за унапредување на родовата еднаквост во образованието за следниот период е наведено и „Недоволна промоција и учество во раководни структури на жените во науката“. 

Прашавме во Министерството за труд и социјална политика и во Министерството за образование како ќе се надмине овој предизвик, но одговор добивме само од едно министерство. 

Од Министерството за труд и социјална политика наведоа дека овие прашања се регулираат со посебен закон, Законот за еднакви можности на жените и мажите и со вклучување на родот преку посебни мерки и одредби во другите закони.

„Сепак, за да се пропознае важноста на учеството на жените во сите процеси и сите нивоа на одлучување, неопходно е вклучување на повеќе механизми, како на пример, спроведување на родово одговорни програми, организирање на кампањи за покревање на јавната свест и настани кои ќе повикаат на спротивставување и елиминирање на анахроните практики кои одат на штета на родовата еднаквост“, велат од труд и социјала. Како ќе се постигне тоа, од таму не добивме подетален одговор. 

Професорките Думова-Јовановска и Батакоја сметаат дека прашањето на родова еднаквост не треба да биде прашање коешто ќе се регулира со закон. Знаеме сите колку грдо звучи кога ќе се каже дека учеството на жените во политиката е регулирано со квоти или проценти, коишто за жал се почитуваат само по формата, потсетува професорката Думова-Јовановска. 

УКИМ
Плато Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

„Не сметам дека родовата еднаквост треба да биде прашање на закон, но сметам дека секој од нас треба да даде позитивен придонес кон изместување на секоја нерамноправна положба на жените во високото образование. Прв чекор веројатно е солидаризација, меѓусебно разбирање и подржување“, вели професорката Батакоја.

Сите изнесени податоци покажуваат дека проблемот е премногу сложен и сите институции можат да ги препознаат своите ингеренции за негово решавање, додава Батакоја. 

Го прашавме и актуелниот ректор Никола Јанкуловски како сликата на родова нееднаквост може да се менува почнувајќи од највисоките структури на Универзитетот, но до објавување на текстот не добивме одговор. 

Според документите на Универзитетот, статутот кој е највисок пишан акт предвидува „Универзитетот и единиците изработуваат и спроведуваат политики насочени кон заштита од дискриминација и промоција на еднаквоста“. Покрај тоа, Универзитетот и неговите факултети предвидено е да формираат Тело за еднаковост, инклузија и недискриминација. Иако прашавме и за тоа дали е формирано вакво тело, одговор не добивме. 

Бадаревски: Постои позитивен тренд, наскоро очекувам повеќе деканки и ректорка

Родовата структура на УКИМ и предизвиците со коишто се соочуваат висоообразовните институции ја анализиравме и со д-р Боби Бадаревски, вонреден професор на Институтот за родови студии на Филозовскиот факултет. 

Проф. д-р Боби Бадаревски
Проф. д-р Боби Бадаревски

Како професорките Думова-Јовановска и Батакоја, и Бадаревски смета дека образованието не може да се оддели од другите општествени структури и институции, па според тоа, и тоа е одраз на патријархалните односи и хиерархии. 

„Многу фактори влијаат на кандидатурите на професорките за деканка или ректорка. Тие сепак, не живеат во општествен вакуум и како жени се изложени на сите оние потенцијални ризици што ги погодува сите жени, вклучувајќи го проблемот на координација на приватниот и јавниот живот. Некои граѓански организации веќе препорачуваат циклични мандати за деканите/деканките, секој нареден мандат да биде жена па маж, но сметам дека тоа нарушува многу други принципи како што е слободата да се бира и да се биде биран. Не можете по клуч со сила да натерате професорка или професор да се кандидира“, вели професорот. 

И покрај тоа што во историјата на Македонија имало само една жена ректор, Бадаревски смета дека сликата не е толку негативна. 

„Тоа е глобален проблем и не е само наш. Според истражувањето на Европската асоцијација на универзитети која брои 48 европски земји, во 15 држави, меѓу кои и членки на ЕУ, нема воопшто ректорки и дури 14 држави се под европскиот просек“, вели Бадаревски.

Сликата во Ректорската управа на УКИМ е само рефлексија на фактот дека од 24 факултети во негов состав, само на 4 има деканки, вели професорот.            

„Сепак мора да забележиме позитивни трендови што се однесува до раководните структури. Бројот на продеканки е во пораст и сега во рамките на УКИМ (според веб страната) имаме 31 продеканка и 27 продекани. Тоа е тренд што радува. Исто така направен е исчекор и кај проректорите, од 4 проректори 3 се жени. И кај Универзитетскиот сенат имаме жена претседателка на сенатот“, вели Бадаревски. 

Сите овие бројки покажуваат тренд на зголемување на жените во раководните функции на УКИМ и како што ќе се реализираат изборите за декани и ректор, очекувањата на професорот се дека веќе во наредниот мандат ќе имаме и повеќе деканки и ректорка.    

Бадаревски е на иста линија со професорките и во поглед на изнаоѓање на решение на предизвикот за развој на родовата свест и култура во академската заедница – а тоа е преку поддршка и охрабрување на професорките и нивните амбиции за учество во раководните тела на Универзитетот.

Филозофски факултет
Филозофски факултет

Иако според статутот на УКИМ, факултетите не се обврзани да формираат Тело за еднаквост, недискриминација и инклузија, Филозофскиот факултет, кој е единствен на Балканот кој воведе додипломски родови студии, го вклучи ова тело и во својот статут и работи на негово формирање, појаснува професорот.

„Сепак, телата не се семоќни. Доволно е да се почитуваат принципите и одредбите од законите и статутите за да имаме родово сензитивно високо образование“, вели Бадаревски. 

Филозофскиот факултет веќе ги има остварено целите на Стратегијата, вели професорот. Составот на Наставно-научниот совет (ННС) на Факултетот брои 102 члена од наставниот кадар, од кои 59 се жени. Од вкупен број членови на ННС, редовни професори се 76, од кои 42 се жени. Вонредни професори се 24, а од нив 16 се жени. Доценти се 2, од кои 1 е жена. Во однос на сенаторките, тоа се проф. д-р Анета Баракоска која е именувана за Претседател на Универзитетскиот сенат и проф. д-р Рина Киркова која е член на Универзитетскиот сенат, појаснува Бадаревски.

За родовата еднаквост да престане да биде идеал и да стане реалност Бадаревски смета дека треба да се почне токму од Наставно-научните совети и факултетските комисии преку формулирање родово сензитивни политики и решенија на постојните проблеми. Само така, на сите нивоа на одлучување ќе бидат можни промени во насока на постигнување на де факто родова еднаквост на универзитетите, заклучува Бадаревски.

Авторка: Марија Севриева